Мислата којашто се подготвував да ја изложам ми наиде во денови на сомнеж, во денови на тешки думи за судбината на мојата татковина. И не само за мојата татковина, но и за сето човештво зашто овој дамар до растрепереност го вознемирува човековото срце. Секако, оваа тревога не се однесува само на едни такви тешки теми како татковината или човештвото. Постои вознемиреност за самиот човек, за оние што ти се поблиски и за подалечните. За оној човек којшто ги набљудува ѕвездите и мижурка. Тој човек не го љуби Заратустра заради тоа што овој околу себе прави сè да биде така незначително. Тоа, исто така, беа денови на неспокој за сопствената бесмртност на душата, и денови на сомнеж за нејзината бесмртност, зашто и такви сомнежи можат да се најдат во срцето. Среде сето тоа измачување невидливо за човечкото око, на душата ми натежна мисла, студеникава и јасна како Гедеонската роса. Еве ја и неа, патем: најубавото нешто што го има светот – е монаштвото. Тоа не е само најубаво, но и најслободно, најодважно, најумно.

Монаштвото како идеја стана факт и се локализираше на Атон и Соловка, во Дивеево и на Валаам. Монаштвото не е само историска пројава, но и способност за пројавување насекаде, па макар и во пустината во Аризона само да има христијанска чесност и христијанска смелост рака под рака со постојаноста и желбата да му се принесе сиот живот како дар на Христа. Зарем е ова нешто ново? – ќе прашате.

Зарем е ова нешто ново?- се прашувам и јас себеси. Па, поскоро ќе да е некаква – си баналност за едните и полна неразумност за другите. Но не, ви велам јас, не. Монаштвото навистина е најумна, смела, убава и слободна пројава. Сето ова е должно да стане јасно имено сега кога костумот на цивилизацијата се навлекува на телото на човештвото. Има костуми коишто се шијат за мртовци. Тие убаво прилегаат, но само на покојникот затоа што се шиени само со еден конец и се навлекуваат во делови, по грешка и самиот можеш да ги облечеш. Нашиот свет, разлетан во космосот и растресен во ноќните клубови, поклонувајќи се на логиката на профитот и тргувајќи со сè, од нафта до дроги и наркотици, тргувајќи со бубрези, сè повеќе наликува на покојник спуштен во гроб под отворено небо од кое паѓа дожд. Костумот е наквасен и од него се одвојуваат партали сквернавејќи го разголеното мртво тело. Дојде мигот да се направи пресврт. Сосема мал пресврт.

Светот е гнил. Доколку оваа фраза излезе од устата на холивудскиот каубоец, таа ќе прозвучи вака: „По ѓаволите, светот навистина е гнил!“ (Such a rotten world, goddammit!). Навистина, доколку се лета над Сибир или над Големите езера се јавува чувство дека светот е чист и огромен, а човекот – се доживува себеси како бубачка. Но, вистината се состои и во тоа дека човекот – е царска бубачка. Царска бубачка што гние внатре во себе. И сега таа, во силата на своето царско достоинство се прпелка во тартарот и ги повлекува со себе и Големите езера, и Сибир, и Светскиот океан.

Што е тоа кое во суштина спасува и за што човек треба да се бори? За средината што те опкружува или за болните од рак? За животинските видови во исчезнување или за прегладнетото население во Африка? Против што човек треба да се бори: против пластичните шишиња, кесите од целофан или против власта на безличната бирократија?

А можеби, и против транснационалните корпорации и задушувачката поп-култура? Да, и како да се бориш против сето тоа? Сè што е испробано до сега само ги продлабочува раните и ги зголемува лузните. Во борбата за среќа добивме политика без совест, брак без верност и образование без молитва – вели српскиот светител Николај Велимировиќ. А можеби, да не се бориш, но да се се затаиш некаде? Да се свиеш во некој бар којшто се наоѓа во визба, или во ресторан на покрив? Да се избега во соништа со апчиња за спиење, во порнографија, во бавно самоубиство? И кој да оди таму, имајќи совест, но не знаејќи што да прави? Да се оди на бунт, да се сврти кон тероризмот, револуционерен или религиозен? Тука повторно ќе соопштам што е тоа монаштво.

Дали ова значи дека јас повикувам сите да станат монаси? Секако не. Не само заради тоа што и јас не сум монах. Но неопходно е да се разбере, монаштвото – е бунт. Бунт, а не бегство. И тоа каков бунт, најрадикален, најнавредувачки за сесветскиот Хокус-Покус и неговите правливи кутии со кукли и седум камшици од опашки. Нам ни претстои да појасниме каков може да биде идеалот на монаштвото кај човек којшто и самиот не е монах. Но, да повториме, тоа е бунт, а не бегство. Умствен бунт: сите ја забележуваат, сите ја разбираат и сите плукаат над вредноста на вашата имагинација, небаре таа не е ништо друго освен вашите шарени лаги. Јас го изземам сопствениот ум од извртувањата на овие бесмислено ротирачки умови и го положувам на камен. „На камен си ме вознесол.“ „Каменот на Христос“. Во тој бунт се кријат творечките одговори на оние прашања со коишто современиот свет го измачува човекот.

Најважната дума е кажана, и сега таа ќе треба да се докаже. Има само два пата во мисленото патешествие. Можно е на почетокот да се изнесе тезата, таа да се облече во аргументи, започнувајќи со долната облека и завршувајќи со шамивче за бришење нос во џебот од палтото. А исто така е можно, сосема обратно, да се исцрта некаква општа слика, да се вреже во свеста на собеседникот потем соочувајќи го со единствената врата што ти си му ја оставил отворена. Ние веќе сме кинисани на првиот пат. (продолжува)

Протојереј Андреј Ткачев

Превел од руски м-р Пантерлеј Кондратјурк Со благослов на о. Горан Тасески

Извор: http://pravoslavie.mk