jubilejsvpet2018 1

jubilejsvpet2018 2

На 10.04.2018 година, на третиод ден од Воскресението Христово, беше прославен големиот Јубилеј, 40 години од изградбата на храмот „Св. Петка“ во Рокдејл, Сиднеј. По повод овој голем Јубилеј, на прославата присуствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во придружба на протоереј-ставрофор Димче Ѓорѓиески и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. Како знак на благодарност кон Митрополитот Тимотеј, за својот придонес и поддршка на македонскиот народ и црква во Австралија низ сите години на неговата архиерејска служба, управата на овој наш православен храм, му подари на својот надлежен Архиереј прекрасна филигранска панагија. Митрополитот Тимотеј се заблагодари на сите кои дале дел од своето време, од своите финансии и кои вложиле особени напори во изградбата на храмот, но и на сите кои низ текот на овие четириесет години непоштедно се грижат за него. Неговите благодарствени зборови ви ги пренесуваме во целост.


jubilejsvpet2018 3
 

Митрополит Тимотеј

 jubilejsvpet2018 4

Почитуван претседателе на Црковната општина „Св. Петка", почитувани членови на Управата, претставници од останатите Македонски православни цркви од Австралија, пречесно свештенство, драги браќа и сестри,


Ми претставува особена чест и задоволство што, како архиереј на МПЦ – ОА, можам да го споделам со вас овој јубилеј, а во исто време, од името на неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан и од останатите членови на САС на МПЦ – ОА, да ви го честитам овој значаен ден.


Нашиот Спасител Господ Исус Христос вели: „Јас сум патот, вистината и животот" (Јн. 14, 6). Овие зборови ги раководеле сите луѓе во христијанството, коишто сметале дека преку нив се постигнува совршенство и по тој принцип треба да се држат во нивниот живот и воопшто во нивното однесување. Тоа ни е животно правило и животен пат по кој треба да одиме. Оваа, пак, животна патека, нè враќа во времето на основоположникот на нашата Македонска православна црква, светиот Климент Охридски, како и кон животниот пат и на покровителката на овој свет храм, светата Параскева – Петка.


Зборовите на Господа Исуса Христа, Јас сум пат, вистина и живот, постанале правило за сите луѓе кои не се приврзуваат за земните богатства, туку, кои го следеле патот на Божјите угодници. Патот вистински и животот вистински е Самиот Господ Исус Христос. Тој пат ни го покажаа и нашите предци низ долгата историја. Оние кои се одлучиле на тој духовен живот, нè подучуваат дека тој пат е тесен и трнлив. Тоа е пат тежок, но пат свет. Пат спасоносен, пат кој вистински води во вечниот живот.


Оваа црква, која е посветена на св. Петка, подигната е пред четириесет години и таа е патеводителка на нашиот народ кон Господа Исуса Христа. Пред четири децении, вашите предци, како иницијатори, биле водени од религиозно – националните мотиви, овде во Рокдајл, да подигнат дом Божји за нашите луѓе. Да подигнат дом Божји онаму каде што се наоѓаат најголем број од Македонците, во овој дел на Сиднеј. Верувам дека подигањето и осветувањето на овој храм ги оправда своите цели. Покрај верскиот црковен живот, оваа црква даде сериозен влог во сите овие изминати години. Даде прилог не само на културен плам, туку и на просветен, национален и спортски план. Со своите активности вие го закрепнувате и засилувате македонскиот бит во оваа демократска земја.


Верувам дека сè уште има некои од иницијаторите и од организаторите за подигнување на овој дом Божји. Но, најголем дел се преселени во вечноста. Во овој момент, должни сме да им искажеме искрена благодарност за нивниот подвиг, за нивниот труд, за нивните маки во реализирање на ова Богоугодно дело. Истовремено, упатуваме молитва кон Бога да ги успокои нивните души во царството небесно. Додека, пак, на живите, како и на сите учесници во раководењето на оваа црква во изминатиот период, им посакуваме крепко здравје, бодар дух, силна и непоколеблива вера и да продолжат и понатака да редат успеси за доброто на Македонскиот народ, на Македонската црква, а сè со цел, прослава на Бога и афирмација на Р. Македонија.


jubilejsvpet2018 5

Нека е честит јубилејот и за многаја и благаја лета. Амин!

 jubilejsvpet2018 6

10.04.2018 година
Храм „Св. Петка" – Рокдајл, Сиднеј, Австралија