Светите Отци на Црквата забележале и опишале три вида односи кои човек може да ги има со Бог: робовски, наемнички и синовски.

Стравот е основен двигател на робовскиот однос. Човекот се плаши да не биде казнет со болест, со некоја несреќа или со смрт, поради неисполнување на одредени религиозни обврски. Што е најлошо, се плаши дека ќе биде казнет од Самиот Бог.

Интересот е основниот двигател на наемничкиот, односно трговскиот однос. Човекот смета дека со исполнувањето на одредени религиозни обврски за возврат ќе добие од Бог здравје, успех во животот и материјални блага, а на крај, после заситувањето од животот, и спасение во Рајот.

Љубовта е единствената причина за подвигот на градење синовски однос со Бог. Децата Божји Го бараат Него, својот Небесен Отец, и ништо друго. Добивањето на некои од даровите Божји, без разлика дали небесни или земни, го оставаат на Неговата света Промисла за нивно спасение; и толку. Ставот на децата Божји кон нивниот Небесен Отец е став на благодарност, на давање и на себепринесување, без притоа да очекуваат нешто за возврат. Тие, барајќи Го само Него, уште во овој живот ја живеат тајната на она: „сè Мое е твое...“ (Лука 15, 31).

Како што сум ви рекол и другпат, ние во Црквата не учествуваме заради здравје, заради успех во работата или заради власт и пари, па дури ни заради спасение – туку заради Него. Зашто секогаш кога во црковниот храм одиме заради нешто (па било да е тоа и спасение), а не заради Него, и секогаш кога во Црквата бараме нешто (па макар и спасение), а не Него – ние, всушност, градиме со Бог наемнички, а не слободен, љубовен и синовски (личносен) однос.

Зборот ми е друг.

Духовниот отец треба да го процени видот на односот што човекот го негува или има кон Бог и со соодветен „јазик“ и однесување кон него да му помогне во неговото духовно растење од роб, преку наемник до чедо Божјо. Без оглед на соодветниот „јазик“ и однесување, духовниот отец мора да ја сочува својата љубов кон човекот.

Што точно значи ова? Значи дека наемникот и робот не го разбираат односот на љубов кон нив, туку таквиот човек го третираат како наивен и нетокму, и гледаат што можат повеќе да искористат од него – посебно наемниците. Со други зборови, односот на љубов нема да придонесе за нивно духовно растење, напротив – ќе ги утврди во нивната прелест.

 Со наемник, духовниот отец треба да се однесува како со наемник. Треба да му вети нешто кое ќе придонесе за неговото духовно растење – како одговор на барањето на наемникот или како своја понуда. И ветеното да го исполни или не – во зависност од однесувањето на наемникот. Ако наемникот не го разбере или не сака да го разбере тој „јазик“, тогаш и кон него треба да се симне нивото на однесување – од наемничко кон робовско.

Со робот, духовниот отец треба да се однесува како со роб. Робот го разбира само „јазикот“ на стравот. На робот треба да му се предочи заканата што може да се оствари, ако не ги исполнува Божјите заповеди, односно советите на духовниот отец согласни со Божјите заповеди. Заканата се исполнува или не, во зависност од однесувањето на робот.

Како што веднаш спомнав, двигател на соодветното педагошко однесување на духовниот отец секогаш треба да биде внатрешната љубов, затоа што само таа му дава можност на духовното чедо еден ден да ги сфати постапките на духовниот отец и да профункционира како чедо Божјо. Ако ја сфати можноста што му е дадена...

Ако не – еве што е напишано: „Во името на нашиот Господ Исус Христос, кога ќе се соберете вие и мојот дух, со силата на нашиот Господ Исус Христос, да го предадете на сатаната, за мачење на неговото тело, та духот негов да биде спасен во денот на нашиот Господ Исус Христос“ (1 Кор. 5, 4–5).

Пресвета Богородице, просветли ја нашата темнина!

Митрополит Струмички Наум

Извор: МПЦ