Елате, благословени од Мојот Отец; наследете го Царството,
приготвено за вас од почетокот на светот
(Матеј 25,34)


Драги браќа и сестри,
Од нашата земја Македонија дојдовме при Вас во Виена, во третата подготвителна недела позната како Месопусна недела кога од исхраната ги отфрламе месните производи, односно во неделата на Страшниот суд пред Сиропусната или Прошталната недела, во храмот посветен на нашиот преподобен отец Наум, Охридскиот чудотворец, сите заедно, народот Божји околу своите пастири, собрани како црква на Света Божествена Литургија, прославувајќи Го нашиот Бог, Единосушната и Неразделната Троица и спомнувајќи си за споменот на значајните Три светители: Василиј, Григориј и Јован, на дело – да ја посведочиме и ние нашата соборност и да ги исполниме Господовите зборови: „Каде се двајца или тројца собрани во Мое име, таму сум и Јас посреде нив“ (Матеј 18,20).
Денес молитвено и единодушно во овој храм сме собрани повеќемина и нашата радост е полна, бидејќи е заедничка во домот на нашиот Отец небесен, во Божјата Црква, чиј аголен камен е Самиот наш Спасител. Кога сме во Црква ние сме членови и се наоѓаме во вистинската заедница, во која сите ние сме светлината на земјата, која треба повеќе да свети пред сите луѓе – за да ги видат добрите дела и да Го прослават Бога (сп. Матеј 5, 14-16). За да се биде вистински христијанин – треба постојано да се трудиме во подвизите да станеме подобри личности. Во тој подвиг во лоното на едната, света, соборна и апостолска Црква се осветиле и светите Василиј Велики, Григориј Богослов и Јован Златоуст, тројцата големи богослови, чиј живот и дела до ден денес е пример како треба да живееме и твориме. Многумина од христијаните во тоа време се прашувале кој од овие три светители е најголем. Дури настанал и мал спор, кој по Божја Промисла бил решен во корист на Црквата и на уште поголема слава на овие тројца светители. Од тој спор и ние денес добиваме значајна поука. Евхаитскиот епископ Јован имал едно видение во сон, имено: прво му се јавил секој од овие светители во голема слава и неискажлива чудесност, а потоа сите тројца заедно. Тогаш му рекле: „Ние сме едно во Бога, како што гледаш, и кај нас нема ништо противречно, ... ниту има меѓу нас некој кој е прв или втор“. Светителите го посоветуваа епископот да им напише една заедничка служба и да им се одреди еден заеднички ден за празнување. Со ова прекрасно видение спорот се реши на тој начин што 30 јануари, односно 12 февруари се одредил како заеднички празник за тројцата Свети Архиереи.
Почитувани верници,
Соборноста е значајно својство на Црквата. Нема Црква – таму каде што нема соборност, каде што нема меѓусебна љубов помеѓу Вас и единство со Вашиот епископ. Тоа го потврдил Светиот свештеномаченик Игнатиј Богоносец, епископот Атиохиски, уште во II век, кој за тоа вели: „Епископот е икона Христова во Црквата, тој ја олицетворува полнотата на Црквата и нејзиното единство, и неединството со него значи раскинување со Црквата. Заедницата со Владиката значи единство со Црквата: „каде е епископот – таму нека бидат и верните, зашто каде е Христос – таму е и соборната Црква“. Соборноста и единството се израс на живата вера, на смирението, на меѓусебната љубов, но не и на гордоста, на неверието и омразата. Да се биде во соборност - значи да сме едно во Бога, како што Синот е едно со Отецот (сп. Јован 10,30) и Светиот Дух – така и сите ние тука присутни постојано да се стремиме да бидиме едно и да напредуваме во духовниот подвиг кон обожението и осветувањето – кое е цел на нашиот живот овде на земјата за во денот на Страшниот суд, да можеме да стоиме од десната страна и да го слушнеме гласот Божји: „Елате, благословени од Мојот Отец; наследете го Царството, приготвено за вас од почетокот на светот; оти, гладен бев и Ми дадовте да јадам; жеден бев и Ме напоивте, странец бев и Ме примивте; необлечен бев и Ме облековте; болен бев и Ме посетивте; во затвор бев и дојдовте при Мене“ (Матеј 25,34-36).
Возљубени,
Кога ја негуваме соборноста, ние на дело ја исполнуваме Христовата заповед: „Да се љубите еден со друг, како што ве возљубив Јас“ (Јован 15,12). А само кога сме во љубов и слога, ние тогаш не забораваме да правиме добрини на сите, бидејќи само преку взаемно служење, едни со други, ние Му служиме и на Бога, Кој токму за тоа ни сведочи и нè поучува и во денешното евангелие, каде вели: „Вистина, ви велам: доколку сте го направиле тоа на еден од овие Мои најмали браќа, Мене сте Ми го направиле“ (Матеј 25,40). Затоа, почитувани, секојдневно да се трудиме да живееме во љубов и разбирање со секој еден човек, бидејќи во Христос, секој е наш брат. Постојано да се смируваме еден пред друг, да се молиме еден за друг и тежината еден со друг ја носиме и како што се молиме преку молитвата на старецот Софрониј никогаш да не заборавиме дека братот наш е нашиот живот.
Свети апостол Павле на многу места во своите посланија ја истакнувал добродетелта на Македонците, особено братољубието. Во првото послание до Солунјаните, вели: За братољубието, пак, нема потреба да ви пишувам, оти вие сами сте научени од Бога да се сакате еден со друг, бидејќи и така постапувате со сите браќа по цела Македонија...“ (4,9-10). Ја користам оваа прилика од мое име и од името на мојот собрат Митрополитот г. Јосиф да ве пофалам и да ви се заблагодарам на сите Вам, на Управата на овој храм и секако на Вашиот надлежен епархиски архиереј, Митрополитот Европски г. Пимен за поканата, која е израз на Вашето братољубие и гостољубие. Немајќи зборови да го опишам Вашето братољубие и гостољубие аврамово и јас како апостолот Павле Ве замолувам браќа, уште повеќе да преуспевате во тие добродетели, бидејќи благодарение на тоа братољубие и гостољубие – ние денес сме заедно, собрани во соборна љубов.
Во мигов сите заедно да се помолиме Господа, Кој нè собра на ова место непосредно пред почетокот на Великиот пост – да ни даде длабока вера, надеж и љубов за да успеме во духовниот подвиг и напредокот кон добродетелите, за да ја поставиме правдата и вистината над користа и чинењето на благочестви дела над минливите задоволства, за да ги поставиме другите над себе си, за да ги исполниме зборовите на Тројцата свети архиереи: „Ние сме едно во Бога, ... и кај нас нема ништо противречно, ... ниту има меѓу нас некој кој е прв или втор“ и Божјата убавина, добрина и љубов да заблескаат во сите нас. Амин!
Нека е за многу години!

Извор: http://tge.mk/story/527/