о. Горан Стојчевски

Простувањето како неопходен услов за пост и молитва


Неколкупати веќе ми се паднала можноста за да изнесам некоја скромна проповед по повод овој ден, востановен во Црквата како ден на простувањето, или во нашиот народ познато како Прочка. Затоа, и сега не би кажале нешто што би било ново и непознато, туку она што е навистина секогаш ново под небото и на земјата, и кон она што се стремиме - царството небесно, а добро e познато во Личноста на Богочовекот Христос. Примерот за простувањето како основен почеток на нашето лично преобразување во Христа, неколкупати ни е соопштено во Неговите евангелски беседи, а најдобро ни е покажано онаму каде што ние секогаш паѓаме, а тоа e Крстот, кога во простување Го прегрнува сиот свет и секоја конкретна човечка личност. Токму на Крстот, нашиот Господ ја покажува силата на простувањето кое нѐ воведува во еден нов начин на постоење откриен преку победата наd смртта и Воскресението.

Без простување нема Прображение, без простување нема победа над смртта, без простување нема Воскресение, без простување нема живот вечен, без простување нема единство со Бога како крајна одредница во Неговото царство кое не ќе има крај. Без простување нема пост, без простување нема ниту дар на молитва, ниту се можни делата да бидат добри. Затоа, Господ е краток и јасен во Своето кажување денешното Свето Евангелие, ако вие нема да им ги простите грешките на луѓето, ниту вашиот Отец небесен нема да ви ги прости вашите. А, простувањето е секогаш поврзано со крст, страдање и тага, но само доколку се реализира станува извор на воскресенска радост, правда и мир во Светиот Дух. Без простување немаме темел за постот и молитвата, а ниту ќе имаме придобивка за здравје и живот вечен дадена во видливото причестување со Него.

Човекот се враќа во небесниот Ерусалим по обратен редослед, си простува прво себе преку покајанието и промената на начинот на живот кој отсега по исповедта треба да го усогласува со Христовиот, му простува на ближниот оти преку ближниот кој икона Христова се доаѓа до Бога, а Бог веќе во Христа му простил. Адам беше изгонет од рајот бидејќи не побара прошка од Бога, и го обвини, не и прости ниту на Ева бидејќи не си прости ни самиот себе за своето непослушание.

Но, да се вратиме на денешното свето Евангелие, ако простиме тогаш и од Бога ќе ни биде простено, ни повеќе, ни помалку. Во постот т.е. воздржувањето влегуваме преку вратата на простувањето, без вистинско простување нема вистински пост, туку само маска на постот прекриена со расправи што може, а што не може да се јаде, а воздржувањето или постот е невозможен без молитвата за ближниот макар и непријателот кој ни погрешил. Вистинскиот пост пак ќе ни ја открие неопходната компонента од собрање на богатство на небесата преку чинењето на милостиња кон секоја конкретна човечка личност, болен, затвореник, гладен, жеден, странец, необлечен...


Каде е богатсвото наше? Во простувањето, ако го има тоа во нашите срца, тогаш во нив ќе се се всели и Воскреснатиот Бог.
Бог да ни прости и да нѐ благослови сите, по мерата од нашето простување и благословување, да ни ги отвори вратите на царството небесно кое треба да се земе на сила, со пост и молитва и учество во Неговиот Крст. Нашето патување кон Воскресението нека почне со простување, а нека продолжи со пост, молитва и добри дела.

 

Архиепископски соборен храм „Св. Климент Охридски„-Скопје
Прочка, 18 февруари 2018 година

 

ПП