Беседа на „Третиот семинар психо-социјална поткрепа на децата болни од рак и на нивните семејства“ – Онколошко одделение на детската болница „Аглаја Киријаку“, 8-9 ноември 2002 г.

 
За почеток би сакал да ја искажам мојата длабока и искрена почит кон г-ѓа Козмиди, која ја покрена иницијативата, и учтиво ме покани на оваа средба, која за своја цел ја има психо-социјалната поткрепа на детето болно од рак и на неговото семејство.

Но, паралелно, би сакал да го искажам и мојот јасен срам затоа што прифатив да зборувам за нешто толку реално, толку човечко, толку сложено, бидејќи самата негова природа не трпи слова, не се искажува со устата, не влегува во зборови, не се презентира пред публика, а уште, пак, повеќе, кажаното не може да се смета за одговор од страна на некој што навидум знае, на прашањето на оние другите, кои со сигурност страдаат. Веројатно ова е и тема, за која не може, а и не треба да се прават беседи. Премногу е длабока за да излезе на површината на свеста. Премногу е болна за да ја собере во хоризонтите на нашата издржливост. Премногу е личносна за да биде соочена на полето на јавниот збор. Веројатно ова прашање боли повеќе од причината која го создава, зашто сите знаеме дека нема лесен одговор. А сепак, е толку присутно и реално.

Зошто мене, Боже мој? Се огласува во моите уши ова прашање и одекнува длабоко во моето срце. Ова е прашањето на секој родител чие дете страда, или на секој човек кој е погоден од неизлечива болест. Како е можно ова прашање да се претвори во беседа, совет, мислење, или одговор?

Ова прашање постојано се поставува, а се одговара само со солзи – не со зборови; со чувства – не со мисли; со молчење – не со мислења; со сострадание – не со одговори. Веројатно, би требало јас да бидам слушателот, а вие сите, родители, деца, болничари и лекари – беседници. Што да направиме? Често очите зборуваат повешто од устата, воздишката посилно од мислата и болната недоумица ја изразува вистината подобро од било кој одговор. Затоа чувствувам срам што јас вам ви беседам.

Но, со многу радост ја прифатив честа на овој јавен срам, како можност за дружење со вас. Јас не дојдов овде за да ви зборувам како на некои други на кои треба да им кажеме добар збор. Зашто другите на крај и не се „други“, туку се најчистиот и најнеопходниот дел од нашето „јас“, бидејќи средбата со нив во нас го укинува нашето „јас“. Така, помислив да дојдам за да ги позајмам моите усни на потребата на вашата душа, да ја изрази немата болка и да ја поднесе постојаната недоумица.

Веднаш штом г-ѓа Козмиди ми ја даде темата, ми предложи да ги посетиме децата во болничките соби. Избегнав да се согласам. Погледнав кон ѕидовите на нејзината канцеларија, кои беа преполни со лица, намачени и исполнети со надеж, повредени и борбени. Некои сѐ уште се блиску до нас за да ја умножат радоста, а некои ни избегаа за да ја предизвикаат потребата од средба со нив во прегратките на Бога.

Книгите во оваа канцеларија беа помалкубројни од фотографиите. Многуте научни знаења – посиромашни од остатокот на вистината на животот. Недоумиците и непознатото – поизбледени од сјајот на чудната љубов на ова место.

Излеговме од нејзината канцеларија и помислив дека излегов од вистината за да влезам во лагата на овој живот, но со едно неискажливо олеснување. Но, се препнав на поголемата вистина. Во ходникот на една масичка си играа три дечиња без коса, со бледи лица, со венокатетар за хемотерапија во рацете. До нив ист број млади мајки и еден дедо. Очите на возрасните веднаш се вперија кон мене. Дечињата безгрижно продолжија да се забавуваат. Јас не се осмелив да ја дадам лажната насмевка на „добриот поп“, кој дојде да го направи своето добро дело. Никогаш погледот на родителите и безгрижноста на децата не ме погодиле толку. Оваа слика автоматски се претвори во прашање кое одекнува во моите уши сѐ до овој момент. Нивните очи беа жедни за голтка одговор на најлаконската, но и највнатрешна недоумица која се создава во срцето на секој природен човек: Зошто мене, Боже мој?

На крај напатените очи можат да ја изгасат жедта само со нивната солза. Не со мојот збор – помислив. Ги поздравив, и со себе, заедно со споменот на нивните изрази, го понесов и прашањето.

 

Зошто?

Зошто болка? Зошто неправда? Зошто децата? Зошто толку предвреме? Зошто на овој начин? Зошто неописливата радост на нивното невино присуство да ја замени неподносливата болка? Зошто? И доколку е за непознатото наше добро, зошто ова наше добро да биде толку горко?

 

Зошто мене?

Што лошо направив? Каде да барам за да ја најдам во себе, за мене непознатата причина? И доколку јас сум виновен, зарем не можам да направам нешто за да ги променам работите и зошто заради мене да трпи ова невино создание? Ова ми изгледа најтешко да го прифатам. Во опасност сум да ја изгубам и онаа мала и слаба моја вера. На крај, која е користа од целата оваа приказна?

 

Зошто мене, Боже мој?

Зарем не сум Твое дете? Зарем не си Бог на љубовта? Каква врска може да има Твојата љубов со ова страдање? Како да ме привлечат Твоите бичувања? Како се поврзува Твојата добрина со необјаснивата логика на болката, со тагата, со можноста да се соблазнам?

Млад пар! Тукушто се запознале. Нивниот сон: да ја живеат нивната љубов. Колку што може поизразено! Колку што може побогато! Колку што може подлабоко! Ова е живот! Ова нема само сладост и убавина: има и сила. Не се одржува само од себе, не е ограничено на самозадоволноста. Тоа раѓа, се умножува, дава живот.

Во занесот на нивната љубов стапуваат во брак. Првото време поминува толку убаво! Се гледаат во очи и го потврдуваат своето убедување дека сѐ ќе оди добро. Ниедно облаче нема да ја покрие сончевоста на нивните соништа.

Сега чекаат дете. Во него се концентрира вредноста на нивниот заеднички живот. Тоа го насочува нивниот сон. Во него се собрани сите нивни надежи. Девојката е бремена. Нивната насмевка преминува во отворена прегратка. Ова е првпат некој друг да влегува во нивната љубов, кој иако не се гледа ја умножува и ја утврдува. Промените во женското тело ги потврдуваат знаците за еден нов живот кој се раѓа од љубов, но и самиот раѓа љубов. Малиот, невидлив ембрион, за кој знаат без да го гледаат, и самиот им дава живот на родителите. Навистина, откриваат дека се љубат не само повеќе, туку и поинаку. Квалитетот на нивната врска се зголемува.

Девојката веќе е мајка. Само чека да го стисне во прегратката своето детенце. Доаѓа денот на раѓањето. Природната болка ја заменува радоста за новиот живот, убавината на едно ново присуство во домот, изненадувањето на една неповторлива личност. Со него поминуваат радости, непроспиени ноќи, борби, грижи, прегратки, бакнежи, игри, соништа. Детето расте. Почнува да се тетерави, да се смее, да зборува, да оди, да ги прави првите бељи, веројатно и да оди на училиште.

Врската расте. Стравовите следат еден по друг. Слушаме дека некое друго дете е погодено од сериозна болест. Насмевката ни застанува. Но, за кратко. Длабоките внатрешни стравови го карактеризираат идентитетот на нашето расположение. Не, не е возможно! Тоа нема да се случи кај нас. Постои некоја причина што болеста го погоди другиот дом. Веројатноста да го посети и нашиот дом е од мала до речиси непостоечка. Со трошките вера што ги имаме таинствено се прекрстуваме. Ако постои Бог ќе нѐ види, ќе нѐ чува; особено сега кога барем психолошки успеавме да Го повикаме.  Згора на тоа, Бог е љубов. Ако не Му е жал за нас, сигурно ќе се сожали на нашето кутро детенце. Толку е невино.

Но, нашето дете, играјќи се зашеметува; или едно утро добива висока температура, која не се спушта со денови; или упорно има необјасниви болки. Се плашиме. Меѓутоа, сигурни сме дека резултатите ќе покажат вирус или во најлош случај, некоја детска болест која во минатото го вознемирувала светот, но во нашите денови се лекува успешно.

Поминаа доста денови. Сјајот на нашата радост го прекинува серијата молњи на лекарските дијагнози. Рак е. Дијагнозата потсетува на вкусниот морски плод, но сега едната негова клешта ни го стега умот, а другата ни го прободува срцето. Тоа што обично го јадеме со сласт, сега го јаде нашето постоење. Ниту сакаме да помислиме на тоа, ниту можеме да го примиме. Пред неколку дена се прегрнувавме зашто Бог ни подари едно Негово ангелче. Денес нашата прегратка како сад ги собира нашите солзи, за тоа дека можеби прерано ќе го собере нашето ангелче.

Бурата на лекарските прегледи ја заменува бомбардирањето со неодговорените „зошто“. Зошто, Боже мој, толкава болка? Што згрешило ова невино создание? Зошто моето дете, кое ми се чини дека е најдоброто, а не некое непознато и далечно? Зошто да е повредувано, да се мачи, да страда немо и неосновано, одненадеж да трпи? Зошто да биде во опасност, привремено да ги напушти неговите игри, нашите соништа, неговата перспектива, браќата и сестрите, нас – неговите родители, овој свет? Зошто да се случува сето ова и ниедна логика да не може да ни даде сочувство, ниедно објаснување да нѐ утеши, ниеден збор да нѐ утврди, ниеден збор да нѐ допре?


Воскресението на Јаировата ќерка

Бегаме од ова и бараме прибежиште во логиката на некое чудо. Од каде знаеш? Христос ја воскресна ќерката на Јаир или синот на вдовицата од Наин. Ја излечи ќерката на Хананејката и слугата на стотникот. Бог особено ги сака децата и постојано нѐ повикува да учиме од нивната невиност. Неговата љубов е непресушна. Толку чуда се случуваат далеку од нас и се случиле во минатото, па зошто да не се случи едно и во нашите денови и на нашето дете? Каков Бог е? Зарем не може да направи едно чудо?

Но, обидот да се утешиме ја отежнува нашата борба. Чудата се чуда бидејќи не се случуваат толку често. И пак, доколку направи чудо за нас, зарем тоа не е неправда? Зошто некои да се ползуваат од Неговото добродетелно присуство, а некои да бидат лишени од тоа? Зошто некои да Го прославуваат, а останатите, многуте, крајно да се смируваат и да останат жедни? И пак, доколку може да направи чудо, зошто не ги лечи сите, или уште повеќе, зошто не ги укине болестите, за да ги живееме малкуте наши години мирно и радосно? Можеби на крај Бог постои за да страдаме или не постои и едноставно страдаме?

Некои ни се доближуваат и ни велат дека Бог нѐ љуби и затоа ни го дозволува искушението. Па зошто не ги љуби и тие кои нѐ тешат и на нашата болка одговараат со совети и слова, туку нѐ сака само нас? Зошто нивните деца да си играат безгрижно и да се смеат, а нашето бледо да живее во шишињата со лекарства? Зошто нивните деца да се забавуваат со шеги и детски нереди, а нашето да се смее на нашите лагички и луди надежи дека можеби ќе биде подобро и повторно ќе оди во училиште? Зошто тие да можат да градат визија за нивните деца, а ние да трепериме помислувајќи на иднината и на неговата перспектива?

А и животот, зошто да биде толку трагичен? Зошто да се плашиш да љубиш? Да се двоумиш дали да дадеш? Да се приврзеш? Колку што е посилна љубовта, толку посилно боли разделбата. Колку подлабоко е чувството, толку посилно повредува болката. Навистина, зошто?

Изгледа како со часови овие „зошто“ да се виновни за нашето страдање. Некои нѐ советуваат да не прашуваме: не е дозволено „зошто“ кај Бога. Веројатно овој наш грев е причината за страдањето на нашето дете.

А сепак, овие „зошто“ кога се искажуваат смирено и со тивка болка, не само што ја составуваат сликата на највистинското наше „јас“, туку ја изразуваат и најреалната егзистенцијална недоумица на овој свет.

 



Втор дел

 

Извор:БИгорски манастир

8-.09.2019 лето Господово