И пристигна во Гадаринскиот крај, спроти Галилеја. А кога излезе Тој на суво, Го сретна еден човек од градот, кој беше обземен од демони и долго време не облекуваше алишта, и не живееше дома, туку по гробовите. Кога Го виде Исус, викајќи падна пред Него, и гласно рече: „Што сакаш од мене, Ти, Исусе, Сине на Севишниот Бог? Ти се молам, не мачи ме!“ А Исус му беше заповедал на нечистиот дух да излезе од човекот, зашто долго време го мачеше. Го чуваа во окови, и со ланци го врзуваа, но тој ги раскинуваше оковите и демонот го тераше да оди во пусти места. А Исус го праша, велејќи: „Како ти е името?“ Тој одговори: „Легион“, зашто многу демони беа влегле во него. И Го молеа Исус да не им наредува да одат во бездната. А таму, по ридот, пасеа многу свињи; па Го молеа да им допушти да влезат во нив. И им допушти. И откако излегоа лошите духови од човекот, влегоа во свињите; и крдото се стркала низ стрмнината и се удави во езерото. Свињарите, кога видоа што се случи, избегаа и раскажаа по градот и околината. И излегоа да видат што станало; па кога дојдоа кај Исус, го најдоа човекот, од кого беа излегле нечистите духови, како седи пред нозете Исусови, облечен и со здрав разум; и се исплашија. А оние што беа виделе, им раскажаа како се излечи бесомачниот. Сиот народ од Гадаринскиот крај Го замоли да си оди од нив; зашто се беа уплашиле многу. И Тој влезе во коработ и се врати. Човекот, пак, од кого беа излегле демоните, Го замоли да биде со Него; но Исус го отпушти, велејќи: „Врати се во домот свој и раскажувај што ти направи Бог!“ Тој си отиде и расправаше по целиот град што му направи Исус.

(Лука 8,26-39)

Во горенаведеното евангелско четиво, Христос ни се претставува како Ослободител на луѓето од демонските сили, кои го држат човекот заробен и владеат со него. Во оваа понуда на слобода забележуваме два начини на одговор од страна на луѓето: претставник на едниот начин е бесомачниот човек, којшто бил излекуван, а претставници на другиот се жителите на областа во која се случило чудото. Првиот, после неговата средба со Ослободителот и Спасителот Христос, од корен се променува: од гол постанува „облечен и разумен“; од несоцијален, којшто живеел по гробовите и пустината, сега се наоѓа во комуникација со неговите сожители и брза за да се сретне со нив и да им соопшти за неговото чудесно исцелување – наспроти агресивната, разорителна и себеуништувачка манија што ја имал, сега постанува причина за спасение на другите; наместо претходната скршена личност која се познава и по називот „легион“ (бидејќи во него имало мноштво демони), сега стекнува една цел и знае многу добро што сака – да остане до Христос.

Господ Исус Христос го исцелува бесомачниот

И додека претходно бесомачниот ја посакува постојаната дружба со Христос, жителите на областа бараат Добродетелот да се оддалечи, бидејќи со нив завладеал стравот. Ја виделе силата Христова и се уплашиле. Веднаш помислиле дека присуството на еден моќен Чудотворец помеѓу нив, најверојатно би можело да подразбира одредени материјални штети, како што, на пример, било давењето на крдото свињи. Нивниот „страв“ за којшто ни зборува евангелистот, не е страхопочитта и немоќта пред силата Христова, почетокот за препознавање и поклонување кон Него, туку стравот да не, можеби, Неговото присуство ги одведе во лишување од материјалните блага, што не сакаат да ги загубат. Слепи за својата духовна полза, пред себе ја гледаат само материјалната полза. Ја отфрлаат и негираат слободата, преферирајќи да останат робови.

Многупати луѓето не гледаат чисто, не го разликуваат точното, губат големи за да добијат мали нешта, Го бркаат Спасителот за да живеат поудобно. Жителите на земјата Гадаринска се типови на луѓе коишто лекомислено го отфрлаат семето на Божественото слово и се покажуваат како неродна и каменита почва, според параболата за Сејачот и семето. Гледаат површно, социјално, конвенционално, егоцентрично. Доколку христијанската проповед не им служи на нивните планови, ја запоставуваат. Доколку е пречка во нивните цели, се борат против неа. Доколку Христос ги вознемирува, Го бркаат.

Всушност, овде има една трагичната иронија – остануваат затворени во оковите од кои Христос сака да ги ослободи. Не ги гледаат чудесата на Божјата љубов со која е исполнет светот. Размислуваат ладно, само со разумот, световно. Она што од корен го променува човекот не е ладната логика и лекомислената полза, туку средбата со Христос во просторот на живеењето, дијалогот со Него, Неговото препознавање како Ослободител.

Во описот на демонизираниот од нашето евангелско четиво имаме една слика на човек кој е заробен од демонските сили на злото, омразата, катастрофата. Во случајот со истиов човек, но сега исцелен, ја гледаме огромната егзистенцијална промена која се состои од средбата со Христос, Спасителот и Ослободителот.

Желбата да остане некој до Христос, како излекуваниот од евангелскиот исечок, кој ја чувствувал слободата понудена од Него како дар, или отфрлањето на Христос заради некоја друга корист, според примерот на Гадаринците, се две можни поставувања на луѓето – кон Божјиот дар на слободата. Првото може да значи нивно спасение, а второто нивна катастрофа.

Извор:https://bigorski.org.mk/slova/pouchni/dva-prioda-kon-slobodata/