Слово на Митрополит г. Тимотеј во чест на св. Партениј Лампсакиски

Во името на Отецот и Синот и Св. Дух.

Драги браќа и сестри,

Нашиот Спасител Господ Исус Христос, во светото Евангелие вели: „Бидете совршени, како што е совршен вашиот Отец небесен“ (Мт. 5,48). Ова значи дека христијанскиот пат не завршува во овој свет. Никој од нас не може да рече дека ја постигнал целта на животниот пат, ниту, пак, може да каже дека направил сè што требало да направи во неговиот живот. Во текот на севкупниот негов живот, човекот е должен да се издигнува кон Господовата гора. Да се издигнува додека не стаса на целта, односно во царството Божјо, во својата небесна татковина.

Митрополит г. Тимотеј

Овој пат, во главно е стрмен и е исполнет со најразлични препреки и тешкотии. Христијанинот постојано е во опасност од многу бури. Животот на христијанинот е како еден брод во морето. Затоа, потребна е постојана будност и внимателност. Потребна е будност човек да не потоне во морето. Да не потклекне пред тешките предизвици на животот и на искушенијата коишто се од најразлични видови. На бродот можат да бидат исправни сите машини, сите погони и сите останати справи, но доволно е да има еден мал отвор, којшто може да се направи на една гнила штица, па да влезе вода и да го потопи целиот брод. Така често се случува и во морето на човековиот живот. Поради една мала грешка, којашто ќе придонесе за затајување на човековата совест, во душата на човекот можат да продрат големи и мали пороци, коишто го натопуваат човекот во морето на злото и на пеколот. Христијанскиот пат не е само долг, колку што е и севкупниот овоземен живот, туку, тој е и многу тежок. Само со пот и мака се стекнува сето она што е драгоцено и вредно за животот. Самиот Господ Христос на тоа ни укажува кога вели: „Тесни се вратите и тесен е патот што водат кон животот“ (Мт. 7,14). Најважен извор на сила на тој христијански пат е големата вера во Бога и во Неговата помош. За тоа нè поучува Самиот Господ кога вели „Ако можеш да поверуваш? Сè е можно за оној што верува!“ (Мк. 9,23).

Секој христијанин, своите напори може да ги насочува на разни активности во животот. Може да се труди во своето семејство, на работните места, во науката, во школството и на многу други места. Својата личност може да ја растргнува на најразлични работни задачи. Но, како христијанин, должен е да ја облагородува секоја своја работа. На секоја работа треба да свети, не само со трудољубивоста, туку и со секоја друга христијанска добродетел. Христос ни заповеда: „Така треба да свети пред луѓето и вашата светлина, за да ги видат вашите добри дела и да Го прослават вашиот Отец небесни“ (Мт. 5,16). На било која должност да се наоѓа христијанинот, треба да знае дека извршува Божја работа и дека најпрво е одговорен пред Бога. Никој нема право да каже: Јас во храмот сум пред Бога и тука Му се молам и тука разговарам со Него. Додека, пак, на другите работни задачи, не сум одговорен пред Бога, туку пред луѓето. Но, таквото размислување не е христијанско. Вистинскиот христијанин, се чувствува подеднакво одговорен пред Бога со своето однесување како во семејството, во црквата, па така и на сите останати негови патишта.

Нашиот Спасител вели: „Никој не може да им слугува на двајца господари: оти, или едниот ќе го замрази, а другиот засака; или кон едниот ќе се приврзе, а другиот ќе го презре. Не можете да им служите на Бога и на Мамона“ (Мт. 6,24). Со други зборови, не е можно човекот да се дели, кога во прашање се неговите постапки и неговите одговорности пред Бога. Човекот е одговорен за сè што работи и за сè што зборува. Никој не може да рече дека е христијанин, кога во прашање е Божјата заповед не кради го својот ближен. А дали истото важи кога е во прашање државата или одредено претпријатие? Секако! Бидејќи да се украде од државата значи да се краде од сите граѓани на таа земја. Тоа е исто така голем грев како и кражба од било кој човек. Св. ап. Јаков нѐ поучува „Оти, кој го пази целиот Закон, а згреши само во едно, виновен ќе биде за сè“ (Јк. 2,10). Со други зборови, не е доволно човек да оди по Христа само понекогаш и донекаде. Вистински христијанин е оној кој оди по Него по сите патишта на животот и чиешто срце непрестајно, дење и ноќе, предадено е на Христа.

И ние денеска, кои сме собрани во овој свет манастир, да го прославиме светиот Партениј Лампсакиски. Да се огледаме на неговиот свет и ревносен христијански живот. Та од неговата ревност, нека излие во нашето кандило елеј, којшто ќе свети со вистинска светлина и ќе нè води кон Христа за вечен и блажен живот. Амин!

Ја користам оваа прилика, во името на браќата свештенослужители, на игуменот на оваа света обител, архимандритот Партениј, да му го честитаме именденот и да му посакаме секое добро од Севишниот, од патронот на овој свет храм и од неговиот небесен заштитник.

Св. Партениј Лампсакиски, 02. 2019 година

Храм „Св. Јован Крстител“ – Бигорски манастир

Извор: Бигорски манастир