РОЖДЕСТВО НА ПРЕСВЕТАТА ВЛАДИЧИЦА НАША БОГОРОДИЦА
И СЕКОГАШ ДЕВА МАРИЈА
МАЛА БОГОРОДИЦА

Image may contain: indoorСамото име на празникот ни зборува дека е тој празник на радоста, затоа што Господ по молитвите на благочестивите родители преку несфатливите патишта на Својата Промисла ја повикал во живот Онаа, Која требало да послужи на тајната вочовекувањето на Господа и Спасителот наш Исус Христос. Со други зборови, од моментот на раѓањето на Пречистата Дева Марија положена е основата на нашето спасение, се подотвора завесата на Божјиот домострој, на промислата Божја за светот, се подотвора завесата на доаѓањето во светот на Господа и Спасителот. Од своето најрано детство, Пресветата Богородица, од своите родители била научена на љубовта кон Бога и служење на Бога, и затоа неслучајно во Нејзините празнични дни на Божествената Литургија се чита Евангелие, кое директно не се однесува на настанот на денешниот ден, но алегорично ја потцртува величината на служењето на Богомајката, на Нејзиното молитвено застапништво, на полнотата на Нејзината надеж и љубов кон Бога.

Господ обраќајќи се кон Марта и Марија, кон двете сестри, посочувајќи го како пример на молитвено созерцание на Марија вели: “Марија го избра добриот дел, кој нема да и се одземе”. А некоја жена слушајќи ги овие зборови воскликнала: “Блажена е утробата, што те носела, и градите од кои си се хранел!” Таа, според својата женска природа, го сфатила тоа за неизмерна среќа, која ја исполнува душата на Богомајката, која на светот му го родила Спасителот. “Блажена е утробата, што те носела”. Среќна е таа, која послужила за Твоето раѓање, која Те носела Тебе во Својата утроба, која Те хранела со Своите гради. Среќна е таа.


Самиот збор “среќа” и стремежот кон среќата во современиот свет се изедначува со најважното во човековиот живот. Но ако го прашаме човекот за тоа што е среќа, одговорот на ова прашање од различни луѓе ќе биде различен. За едни, среќа е власта, за други-богатството, за трети-славата, јавното признание, за некого семејството, за некого работата.... Многу луѓе можат да кажат разни карактеристики за среќата. Но ниту една нема потполно да одговара на зборот. Но Господ не зборува само за човечката среќа, Тој зборува и за небесната радост, затоа што евангелистот, Таа што го носела Него, ја нарекува блажена. “Блажена е утробата, што те носела, и градите, од кои си се хранел”. Ова е полнотата на земната среќа во која се открива полнотата на небесната радост и среќа.

Но што имало толку среќно во животот на Пречистата Дева? Ако погледнеме на нејзиниот живот, ние нема да видиме ниту власт, ниту богатство, ниту изобилие и благосостојба, ниту спокојство и мир, ниту среќно семејство. Напротив-недоразбирање, отуѓеност, прогонство и, како завршеток на сето тоа, со свои очи гледање на страдањата на Својот возљубен син и Господ наш Исус Христос.
Во канонот, кој го читаме пред светата Плаштаница пред Велики Петок, химнотворецот пишува: “Гледајќи ги Пречистата Твоите страдања, мајчината утроба и се растргнуваше”. Како таа можела да гледа – а да не умре? Како можела Таа сето тоа да го истрпи? Како е можно тоа да се преживее? Дали е ова човечка среќа? Но Богомајката полнотата на радоста целосно ја видела во друго. За ова рекол Господ допуштајќи да се сфати Марииното служење: тој дел нема да се одземе од тебе, ти си среќна што го избра овој дел.

Среќна си Ти, затоа што во својот живот си ја избрала вистинската основа. Среќна си Ти, затоа што целата Своја доверба, целата Своја надеж си ја положила на Бога. Среќна си затоа што во сите околности во Твојот живот Бог Ти е прибежиште и сила, исполнување на Твоите надежи и очекувања, Твој застапник, помошник и покровител. Среќна си Ти затоа што сиот Свој живот не си лишена од Божјото присуство. Ова е вистинската човечка среќа, која никој не е во состојба да ви ја украде-никакви општествено политички промени, ни разбојниците, ни лихварите не се во состојба да го уништат она што Бог му го дава на човекот. И таа среќа не се наоѓа во надворешните околности, туку во длабочините на човечкото срце. Навистина се блажени тие, кои ја стекнале оваа среќа. И ние гледаме собори на подвижници на нашата црква, во најтешки услови на животот, во затвори, лишени, протерани, биле гладни, гонети во студени места, тие биле среќни. Заради што? Затоа што во нивниот живот постојано живеел Господ. Знаеме од историските сведоштва, кога новомачениците и исповедниците биле прашувани за тоа, кога било најдобро време во нивниот живот, тие одговарале: “Во затворите и немаштијата”. Зошто? – збунето прашувале тираните. “Затоа што во тоа време Бог, како никогаш, бил блиску до нас”.

Ете ние сме и сити и задоволни, имаме покрив над главата и не сме гонети. Што значи за нас среќа? Па ние толку често трчаме по неа, правиме огромни напори за да ја постигнеме среќата и кога може веќе да се рече дека таа е покрај нас, таа слизнува од нас, не оставајќи ништо внатре, освен залудно потрошени сили. Тоа е знак дека ние својата надеж не ја полагаме таму каде што е потребно, дека не го градиме домот на својот живот врз тој темел, дека не ги собираме потребните вредности за својата благосостојба. Затоа денес, кога ја спомнуваме Пречистата Богородица, Нејзиното раѓање, припаѓаме кон Неа со молитви, ја прославуваме како највисока меѓу жените, почесна од херувимите и неспоредливо пославна од серафимите, треба да помниме дека на човекот само Господ може да му ја даде таа висина на радоста, на тоа блаженство, на таа наслада. Само во Него можеме да го најдеме ликот, во кого Тој не повикува. Само преку православната вера, преку нашата молтва, преку нашиот стремеж со срцето и целиот свој живот кон Бога ние стануваме луѓе, кои целосно можат да се наречат личност, бидејќи со своето срце стојат пред Бога. И Господ гледајќи ја нашата надеж, нашиот труд, нашата вера, ни одговара со Својата Божествена љубов, со полнотата на љубовта, правејќи не уште овде на земјата, учесници на Своето небесно Царство, Царство на идниот век, правејќи не среќни луѓе.

Затоа своите молитви да ги упатуваме кон Пресветата Богородица, да го помниме Нејзиниот животен пример и како темел на нашиот живот, верата, надежта и љубовта да ги положиме во Господа и Спасителот наш Исус Христос, во светата Црква, пред нашите ближни, пред нашата Татковина. Ова се тие фундаментални вредности врз кои се гради среќата во човековиот живот. Господ да не не лиши од оваа радост и тука на земјата под благодатниот Покров и застапништво на Пречистата Богомајка, Која денес во молитвите со љубов ја величаме. Амин.