Живот во служба на Бога и на луѓето
Манастир Зрзе - The Zrze Monastery·Thursday, 26 December 2019·1 minute
Ваше Блаженство, браќа архиереи, почитувани присутни!
Во овие предбожикни денови, кога со пост и молитва се подготвуваме да го пречекаме воплотувањето на Словото (Јован 1, 14), Кое по зборовите на свети Григориј Богослов се згусна и стана плот, на крајот од годинешниов циклус од оваа јубилејна година за Поглаварот на МПЦ-ОА – 20 години од неговиот избор за Архиепископ и 33 години архиерејска служба – ми претставува особена чест и радост, да ви се обратам по повод објавувањето на собраните дела на Неговото блаженство, Митрополит скопски, Архиепископ охридски и македонски и на Прва Јустинијана г. г. Стефан. По промоцијата на првиот и вториот том од „Слова за Словото“, еве, денес, заедно со академик Катица Ќулавкова, повикани сме да ги претставиме и преостанатите три тома од вкупно петте собрани дела.
Свесен сум дека во извесна смисла овој повик ја надминува мојата мерка и прифаќањето на истиот е смелост, налик на едно „дерзновение“, но не можев, а да не се отповикам на смирениот повик на Поглаварот. Чувството ми е уште посилно, затоа што, кога денес стојам пред вас, свесен сум дека овде присуствуваат личности што за него и за неговото дело имаат да кажат многу повеќе од мене, бидејќи многу подолго време го познаваат, а и се поблиску до него.

3.angeli.so.truba
фото: МИА


На почетокот, дозволете ми да споделам со вас еден детаљ од мојот живот. Имено, со словото на дедо Стефан за прв пат се сретнав на Иванден, во далечната 1986 година, во црквата свети Јован Крстител во Капиштец, неколку дена пред да биде ракоположен за архиереј. Тоа беше период кога нашиот народ сè уште се будеше од сонот на едноумието и кога нашата Црква се наоѓаше на маргините на општеството. Од тој миг, па сè до денес, кога мојата службена должност – секретар на синодот, ми налага да бидам во неговата непосредна близина, со внимание го слушам и го следам неговиот збор.
Да се зборува за неговото пишано дело е исто како да се зборува за него самиот, бидејќи секое слово изречено од него е слово зад коешто стои и го поткрепува со својот живот.


Постои поглед на светот, поглед кој извира од длабочината на човековото битие и тој поглед е иманентен на неговата вера. Делата што ги имаме пред нас, претставуваат само еден хронолошки отсечок, еден дел од неговиот светоглед исполнет со вера. Во нив се опфатени многубројни слова, беседи, обраќања искажани во текот на втората декада како Архиепископ, собрани во третиот и четвртиот том, и периодот кога тој раководи со Злетовско-струмичката, односно Брегалничката епархија, собрани во петтиот том. Напишаното е дел од говорот на душата на пастирот што тргнала од пелагониските предели на родното Добрушево, за да Го следи воплотеното Слово Божјо, и низ Него, со Него и во Него да се среќава со секојдневието, и со сè што тоа секојдневие со себе носи. Ова го велам бидејќи не ми е непознато секојдневието на нашиот Архиепископот и неговиот дневен распоред, па, доколку би се запишало сè што тој прави во текот на денот, би се видело дека објавеново е само еден фрагмент од неговата неуморлива дејност.
Накратко, ова дело е изнедрено од неговиот живот во служба на Бога и во служба на луѓето. Тоа е плод на радостите, на тагите, на предизвиците со коишто се соочува нашата Црква, а неговите слова, каде и да се искажани, се во нераскинлива врска со неа. Тие не се само производ на ерудицијата и интелектот на Архиепископот, што тој изобилно ги поседува, туку, пред сè, се израз на неговата жива вера и на неговата плодоносна љубов кон Бога, кон Богородица, кон светителите и кон народот Божји, кој му е даруван одовде да го води кон есхатонот, во лоното на Света Троица.


Читателот, кога ги чита беседите и словата на архиепископот Стефан, не може, а да не биде допрен од неговата трезвеност и внимателност, но и од неговиот осврт кон реалноста, која умее вешто да ја проткае со евангелска љубов. Токму таа постојана свесност за присуството на Духот Божји, Кој е насекаде и сè исполнува, е она што ги поврзува и што ги вдахновува неговите слова, беседи, обраќања и интервјуа. Кога ги читаме словата на Архиепископот, пред нас се отвора сознанието за реалното делување на живиот Бог во историјата, но истовремено се отвора и сета драматичност на човекот во неа. Па така, за оние што душегрижнички низ годиниве се запрашувале каде е Архиепископот во јавниот живот, одговорот можат да го пронајдат токму во овие објавени дела. Ќе го пронајдат онаму каде што му е местото: на литургијата, каде што служи и му се обраќа на верниот народ и тоа, како во својата, така и во секоја епархија во матицата и во дијаспората, каде што е поканет од своите браќа архиереи; Ќе го пронајдат како ги поучува нашите иселеници во епархиите ширум Европа, Америка и Австралија; Ќе го најдат како родителски ги охрабрува младите да ја негуваат најнапред верата, да ја сакаат Црквата како своја духовна мајка, да се грижат за своето потомство, да си го чуваат јазикот, да ги негуваат црковно-верските преданија и националните изворни традиции, песната и орото; Ќе го најдат во македонските села, не само со земјоделците во лозјата, туку и на нивните спортски настани, мотивирајќи ги луѓето да останат на своите огништа; Ќе го најдат како утешител на луѓе со скршени срца и насолзени лица, под крстот на татковците и мајките чии синови и ќерки преминале прерано, на помените на загинатите војници, на панихидите на националните херои и на опелата на црковните и на општествените дејци; Ќе го најдат како се радува со оние што соборно се радуваат, на канонизациите на светителите израснати и обожени во лоното на Црквата; Ќе го видат со децата на крштевките и со младенците на венчавките, на промоциите и прославувањата на јубилеите и празниците; Ќе го сретнат во отворен дијалог со другите верски лидери, како учесник на меѓународните и на меѓурелигиските конференции; Ќе го видат посетуван и консултиран за состојбите со верските слободи и права од амбасадорите на странските земји; Ќе го пронајдат со богословите во Богословијата, и со студентите и професорите на Факултетот; Ќе го најдат како ги советува вероучителите дека верословието е слово што нè учи и поучува; Ќе го најдат заедно со свештенството преку поуките за одговорноста и величината на призивот на македонскиот свештеник; Ќе го сретнат на оние локации во градот и околината како ја следи изградбата на новите храмови; Ќе го видат на архиерејските интронизации ракополагајќи нови пастири на нивата Господова; Ќе го најдат и во древните манастири каде што ги укрепува монасите и монахињите, обраќајќи им се на вдахновен, питом и сострадален јазик што извира од неговата лична скромност и изворна монахољубивост; Ќе го видат како заседава со синодските седници и претседателствува со црковно-народните собори... и во сите овие прилики Архиепископот говори.


Неговиот говор објавен во овие дела, не е класичен реторички образец на умеењето да се беседи, туку претставува личен ракопис на неговото смирено сведоштво на вистината во која тој верува, а тоа е онаа Воплотена, Распната, но и Воскресната Вистина – Христос.
Уште на самиот почеток на неговиот избор за нов Поглавар, архиепископот Стефан беше поставен во фокусот на нашата севкупна јавност, меѓу другото, и по начинот на којшто тој ќе се пројави како беседник. Ова го велам имајќи ја предвид харизмата на неговиот претходник, кој беше исклучителен и редок оратор. Времето покажа дека неговиот наследник, не само што не беше засенет, туку, уште како Брегалнички митрополит самостојно разви и, низ годините, изгради свој оригинален, личен и веродостоен израз на еден сериозен, трпелив и достоинствен архипастир, подготвен благовремено да одговори на секој црковен предизвик.
Втемелен во светото Писмо и светото предание, во проживеаното искуство на светите отци, архиепископот Стефан сам си ја гради својата мисла и тивко и достоинствено го произнесува своето слово. Неговите беседи се актуелни и свежи, проткаени со една динамична отвореност за другиот и различниот. Неговото слово не е затворен монолог, туку буди отворен дијалог со нашиот внатрешен свет и ја поттикнува поетиката на покајанието во нас. На литургиите, кога од амвонот говори кон народот, кај присутните предизвикува будност и внимателност за да се чуе неговата беседа и да се открие неговата порака.
Неговите слова зрачат со силна нагласеност на светиклиментовиот образец и претставуваат целосно легитимирање на македонското црковно и духовно наследство. Дедо Стефан е ревносен борец за македонскиот јазик што неизмерно го сака и постојано го збогатува. Еве што тој самиот ќе рече за јазикот: Во јазикот секогаш најважна е тајната на зборот, што треба да ја откриеме и осознаеме како вистина – а тајната на зборот човечки е неодвоива од тајната на Словото Божјо. Неговиот јазик и тонот на којшто се обраќа е разбирлив, спокоен, едноставен, но длабоко се врежува во душите на верните. Не користи неразбирлива апстрактна терминологија, туку наоѓа начин богословската мисла да ја направи достапна за сечие срце, разбирлива за сечии уши. На внимателниот читател нема да му останат скриени неговите длабоки познавања на изворната светоотечка и современа неопатристичка теологија, на светската и националната историја, книжевност, етнологија, како и живото разбирање и познавање на сопствените изворни традиции.
На крајот, дозволете ми да изразам благодарност на сите што учествувале во прибирањето, подготовката и издавањето на ова обемно капитално дело. Не е лесно да се соберат беседите, обраќањата, рефератите и интервјуата на Архиепископот, особено во толку долг временски период од речиси четири децении. Поучени од мудрите народи кои забележале дека изреченото исчезнува, а запишаното останува, собирањето и објавувањето на овие дела остава богато духовно наследство, како за нас, така и за оние што ќе дојдат по нас, за идните генерации. Овој пишан збор ќе им помогне и ќе им биде од полза на многумина во нивниот духовен раст, но, истовремено, тие се од исклучителна важност и за македонската црковна, духовна и национална историја, која во себе го содржи есхатолошкиот корен.
Ваше Блаженство, Ви упатувам срдечна благодарност за правилното раководење со Словото на Божјата вистина и Ви посакувам долг, плодотворен и плодоносен живот и уште многу однатре преживеани и напишани слова за Словото. Дозволете ми да завршам со Вашите зборови: Човек само кога ќе го прими Христа за посредник меѓу себе и луѓето, меѓу себе и светот, и меѓу себе и себе, тогаш тајната на светот, на човекот и на луѓето, се претвора во тајна Божја.
Долгоденствувај блаженејши владико, на многаја и благаја лета!

Беседа изговорена од Епископот хераклејски г. Климент, на промоцијата на 3, 4 и 5 том од собраните дела „Слова за Словото“ од Архиепископот охридски и македонски г. г. Стефан, одржана на 24 декември 2019, во Музејот на македонската борба – Скопје

 

Извор:https://www.facebook.com/notes/%D0%BC%D0%B0%D0%BD%D0%B0%D1%81%D1%82%D0%B8%D1%80-%D0%B7%D1%80%D0%B7%D0%B5-the-zrze-monastery/%D0%B6%D0%B8%D0%B2%D0%BE%D1%82-%D0%B2%D0%BE-%D1%81%D0%BB%D1%83%D0%B6%D0%B1%D0%B0-%D0%BD%D0%B0-%D0%B1%D0%BE%D0%B3%D0%B0-%D0%B8-%D0%BD%D0%B0-%D0%BB%D1%83%D1%93%D0%B5%D1%82%D0%BE/2523604071299401/