starec.Porfirij.K.jpg

СВЕТООТЕЧКА РИЗНИЦА
Старец Порфириј Кавсокаливиски

За болестите

„ГОСПОДИ, ДАЈ МИ ГО ОНА ШТО ГО САКА ТВОЈАТА ЉУБОВ“

Му благодарам на Бог што ми даде многу болести. Често Му се обраќам со зборовите: „Христе, Господи мој, љубовта Твоја нема граници!“ Чудо е што воопшто сум жив. Заедно со другите болести, имам и рак на хипофизата. Таму се создаде тумор кој расте и го притиска очниот нерв. Затоа сега веќе не гледам. Имам страшни болки. Но, се молам, носејќи го со трпение крстот Христов. Дали сте виделе каков ми е јазикот? Отечен е. Не е каков што беше. Како што поминува времето ќе ми биде сѐ потешко. Туморот ќе биде сѐ поголем, па ќе ми биде тешко и да зборувам. Многу ме боли, страдам, но мојата болест е многу убава; ја чувствувам како љубов Христова: чувствувам умиление и Му благодарам на Бог. Сето тоа е поради моите гревови. Грешен сум и Бог се труди да ме очисти.
Кога имав шеснаесет години, Му се молев на Бог да ми даде некоја тешка болест, некој рак, да трпам болка заради љубовта Негова и да Го славам преку болката. Долго време се молев со оваа молитва. Но, мојот Старец ми рече дека тоа е себичност и дека на тој начин Го присилувам Бог на нешто. Бог знае што ќе направи. Така, ја прекинав оваа молитва. Но, погледнете, па ќе видите дека Бог не ја заборави мојата молба, туку ми го направи тоа добро дело после толку години!

Од разните болести имаме голема полза – под услов да ги поднесуваме без роптање и да Го славиме Бог, барајќи ја милоста Негова. Кога ќе се разболиме, главното не е да не земаме лекови или само да му се молиме на свети Нектариј. Треба да знаеме и една друга тајна: да се бориме да ја здобиеме благодатта Божја. Во тоа е тајната. На останатото ќе нѐ научи благодатта. Таа ќе нѐ научи како да Му се препуштиме на Христос. Тогаш ова се случува: ја презираме болеста, не мислиме на неа, туку нежно, неосетно и несебично мислиме на Христос, па Бог врши чудо над нас, во полза на нашата душа, како што и велиме на Светата Литургија: „...Целиот свој живот на Христос Бог да го предадеме!“

Еден човек пред извесно време ме праша:
–    Кога ќе оздравам?
–    А! – му одговорив. – Штом кажеш: „Кога ќе оздравам?“, никогаш нема да оздравиш. Не е правилно да Му се молиш на Бог за такви работи. Му се молиш со немир, во агонија, да ти ја тргне болеста, но дури тогаш уште повеќе те опфаќа и уште посилно те стега. Не треба такво нешто да бараме во молитвата. Ниту, пак, ти немој да се молиш со таква молба.
Тој се уплаши, па ми рече:
–    Зарем да не се молам?
–    Како тоа го прашуваш? – му возвратив. Моли се, многу моли се, но моли се Бог да ти ги прости твоите гревови и да ти даде сила да Го љубиш и да Му се предадеш.

Кога Му се предаваме на Христос, нашиот духовен организам се смирува, а како резултат на тоа сите наши органи и жлезди почнуваат да функционираат нормално. На сѐ се шири благодатното влијание. Оздравуваме, престануваме да страдаме. Дури и рак да имаме, ако сѐ Му препуштиме на Бог и ако нашата душа се успокои, божествената благодат може со помош на тоа спокојство да влијае да исчезне и ракот, и сѐ останато.
Ако сакате да знаете, и чирот во стомакот се создава од невроза. Симпатичкиот систем, бидејќи трпи притисок, се стега и се разболува, па така се создава чир. Еднаш, двапати, трипати; стегање, стегање; жалост, жалост, жалост; вознемиреност, вознемиреност, вознемиреност – и оп, чир! Чир или рак, зависи. Кога во нашата душа постои смут и пореметување, тие влијаат на телото и нашето здравје се нарушува.

Не говорете: „Господи, исцели ме!“ Не! Туку: „Господи Исусе Христе, помилуј ме“; несебично, со љубов, ништо не очекувајќи. „Господи, дај ми го она што го сака Твојата љубов“. Само така постапувајте отсега па натаму, со љубов кон Христос и кон браќата наши. Возљубете Го Христос! Бидете свети! Препуштете се само на пријателство со Христос, само на љубовта Негова, само на божествената љубов.  


За воспитувањето на децата


„СВЕТОСТА НА РОДИТЕЛИТЕ ГИ СПАСУВА ДЕЦАТА“

Воспитувањето на детето започнува од моментот на неговото зачнување. Ембрионот слуша и чувствува уште во мајчината утроба. Да, тој слуша и гледа со мајчините очи, ги разбира нејзините движења и чувствува, иако умот сѐ уште не му е развиен. Штом ќе се натажи мајчиното лице – и неговото се натажува. Се нервира ли мајката – и тоа се нервира. Тоа што го чувствува мајката – тага, болка, страв, вознемиреност и слично, истото и тоа го доживува. Ако мајката не го сака ембрионот, ако не го љуби, ембрионот тоа го чувствува и во неговата нежна душа се создаваат трауми кои ќе го следат во текот на целиот негов живот. Сосем спротивното се случува кога ембрионот го следат светите чувства на мајката. Кога мајката чувствува радост, мир и љубов кон ембрионот, таа сето тоа таинствено му го пренесува нему, како што подоцна го пренесува и на веќе родените деца.
Затоа, мајката треба многу да се моли за време на бременоста и да го љуби своето сѐ уште неродено дете, да го милува својот стомак, да чита псалми, да пее тропари, да живее свет живот. Тоа е корисно и за неа самата, но со тоа се жртвува и за љубовта на детето зачнато во неа, за нејзиното дете да стане што посвето и од самиот почеток да има свети животни основи. Гледате ли колку чувствителна работа за една жена е зачнувањето и носењето на дете, колкава одговорност е тоа и каква чест?

За лошото однесување на децата, главно, виновни се родителите. Децата не ги спасуваат ниту совети, ниту дисциплина, ниту строгост. Ако родителите не одат по патот на светоста и ако не се подвизуваат, тогаш прават големи грешки и на децата им го пренесуваат злото кое го имаат во себе. Ако не живеат свет живот и ако не зборуваат со љубов, тогаш ѓаволот ги мачи со помош на реакцијата на нивните деца... Љубовта, еднодушноста и слогата помеѓу родителите е токму тоа што им е потребно на децата. Тоа е голема безбедност и сигурност за децата.

На семејството паѓа голем дел на одговорност за духовната состојба на човекот. За децата да се ослободат од разни внатрешни проблеми не се доволни совети, принуда, логика и закани. Всушност, од сето тоа станува уште полошо. Состојбата се поправа само со осветување на родителите. Станете свети, па ќе немате никакви проблеми со децата. Светоста на родителите ги ослободува децата од проблемите. Децата сакаат свети луѓе покрај себе, исполнети со љубов: луѓе кои нема да ги застрашуваат, ниту ќе се ограничуваат на давање поуки, туку ќе им овозможат свет живот и молитви. Вие, родителите, молете се молчејќи и со рацете подигнати кон Господ Христос, па таинствено ќе ги прегрнувате своите деца. А кога се немирни, преземете некои педагошки мерки, но не им вршете притисок. Пред сѐ, треба да се молите.

Често родителите, а најмногу мајките, го навредуваат и повредуваат своето дете поради некоја непослушност и прекумерно го караат. Тогаш детето е длабоко рането, дури и кога не го караш на видлив начин, туку само во себе со чувство на гнев. Или, можеби, само грубо ќе го погледнеш, а детето тоа го чувствува. Во тој случај мисли дека мајка му не го љуби. Прашува: Ме сакаш ли, мамо? – Да, дете мое. Но, тоа и понатаму не верува, повредено е, рането е. Мајката го љуби. Таа подоцна и ќе го помилува. Но, тоа ќе ја сврти главата, не го прифаќа милувањето. Мисли дека тоа е лицемерие, затоа што неговата душа е ранета.

Оние мајки кои постојано ги следат своите деца и им вршат притисок, или, со други зборови, претерано ги штитат, ќе доживеат неуспех во својот напор да ги воспитаат. Всушност, детето треба да го оставиш и тоа самото да се заинтересира за својот напредок. Тогаш ќе успееш. Кога постојано ги следиш децата, тие се спротивставуваат и се бунат. Стануваат млитави и млаки, и обично не успеваат во животот. Постои еден вид на претерано заштитнички став кој ги осудува децата да останат незрели.

Сѐ се постигнува со молитва, молчење и љубов. Дали сфативте какви се последиците од молитвата? Љубов во молитвата, љубов во Христос. Тоа е она што овозможува вистинска полза. Колку повеќе ги љубите своите деца со човечка љубов – а таа често е патолошка, толку повеќе децата ќе се заплеткуваат и однесувањето ќе им биде негативно. Меѓутоа, кога љубовта меѓу вас, родителите, и вашата родителска љубов кон децата, ќе биде христијанска и света, тогаш нема да имате никакви проблеми. Светоста на родителите ги спасува децата. А за тоа да се случи, најпрво треба божествената благодат да делува на душите на родителите. Никој не се осветува сам од себе. Само божествената благодат потоа ќе ги просветли, загрее и оживотвори детските души.

Инаку, потребни се многу молитви, а малку зборови во однос на сѐ. Не треба да им бидеме досадни на ближните, туку тајно да се молиме, а потоа со нив да разговараме. Така, Бог, внатре во нашата душа, ќе ни потврди дали другите ги прифатиле нашите зборови. Ако не ги прифатиле, понатаму нема да зборуваме. Само тајно ќе се молиме. Затоа што, ако и понатаму зборуваме, само ќе бидеме досадни и ќе предизвикаме реакција и отпор од нивна страна, а понекогаш и нивно негодување. Затоа, подобро е преку тајни молитви тајно да им зборуваме на срцата на другите, отколку гласно на нивните уши.

Кога децата ви се повредени и ранети поради некои сериозни прашања, не дозволувајте да ви влијаат нивните реакции и грди зборови. Тие, всушност, не сакаат така да се однесуваат, но кога им е тешко, не можат поинаку да постапуваат. Подоцна се каат. Но, ако се изнервирате и налутите, ќе бидете едно со нечестивиот и тој ќе си поигрува со вас.

Не е доволно родителите да бидат побожни. Тие не треба да им вршат притисок на децата, не треба со сила да ги тераат да бидат добри. Може да се случи да ги оттргнеме децата од Христос кога егоистички се држиме до начелата на нашата вера. Децата не трпат притисок. Не ги присилувајте да одат со вас во црква! Можете да им кажете: „Кој сака, може сега или подоцна да дојде со мене“. Оставете во нивните души да проговори Бог.

Ако постојано ги фалиш децата, и тоа без расудување, тогаш тие ќе бидат искушувани од ѓаволот. Тој во нив го покренува млинот на егоизмот, а тие, од најрано детство, навикнати на пофалби од родителите и учителите, напредуваат, можеби во писменоста и знаењето, но каква полза од тоа? Во животот ќе влезат како егоисти, а не како христијани. Егоистите не можат да бидат христијани. Тие тежнеат кон тоа постојано сите да ги фалат, сите да ги сакаат, сите за нив убаво да зборуваат, а нашиот Бог, Црквата наша, Христос Господ наш, тоа не го сака.
Нашата вера не го оправдува таквиот начин на воспитување. Напротив, таа сака од мали да се учат на вистината. Христовата вистина нагласува дека човекот го претвораш во егоист кога го фалиш. Егоистот е заплеткан и збунет. Со него раководи ѓаволот или злиот дух. Бидејќи израснува во егоист, прва работа му е да Го порекнува Бог и, како егоист, да стане асоцијален, т.е. неприлагодлив за живот во заедница.

Егоизмот го оддалечил човекот од рајот, тој е големо зло. Првите луѓе, Адам и Ева, биле едноставни и смирени. Затоа живееле во рајот. Во нив немало себичност. Се одликувале, како што се вели на богословски јазик, со првобитна убавина. Под изразот првобитна убавина се подразбираат благодатните дарови кои Бог во почетокот му ги дал на човекот, кога го создал; значи, подразбираме: живот, бесмртност, совест, слобода, љубов, смирение и друго. Подоцна, ѓаволот со помош на пофалби успеал да ги заведе. Тие се исполниле со егоизам. Меѓутоа, човековата состојба, онака како што Бог ја создал, е смирение, додека егоизмот претставува нешто неприродно: всушност, тоа е болест, тоа е противприродно.

Изгледа како да е многу тешко детето да стане добар човек, но, всушност, тоа е многу лесно кога од рано детство тоа ќе влезе во животот со добри духовни доживувања. Тогаш не е потребен напор при растењето; доброто го имаш во себе, живееш со него. Не се трудиш, си го доживеал. Тоа е твој имот, кој го одржуваш, и ако го пазиш, ќе го имаш во текот на целиот свој живот.

 Извор: ПРЕМИН бр. 99/100

Друго:

 

 

“ Толку години проживеав во пустината, со љубов кон Христос! Си велев: Ако одиш горе на небото, па Бог ти рече: Што правиш овде? Ќе Му одговорам: Тоа што Ти сакаш , Господи мој, тоа нека биде! Нека биде она што го сака љубовта Твоја! Љубовта Твоја нека ме стави каде што сака ! На љубовта Твоја и' се предавам. Ако сакаш и во пеколот фрли ме. Доволно ми е само да не ја изгубам Твојата љубов.“ - Старец Порфириј