За жал, денес се занимаваме и го прославуваме само своето его, но кога ќе разбереме дека не тоа, туку Христос ни е сѐ, тогаш ќе се радуваме да Го прославуваме Господа. Кога ќе Го прославиме, тогаш и Он ќе нѐ прослави и ќе го видиме нашето добро „јас“, коешто Бог го создал во рајот. Нашето „јас“ не е создадено за да биде презирано, тапкано и разрушувано, туку за да се зарадуваме. Да бидеме богови меѓу боговите.

Убаво е да велиш „Слава Тебе, Боже!“, а не постојано да молиш за твоите проблеми – едноставно да Го прославуваш Бога. Не се занимавај постојано со себеси, со своите тешкотии. Ти не си најглавното нешто во животот, ниту прашањата кои те интересираат се најважните прашања во вселената. Христос е сѐ. Нема да мине многу и ќе си заминеме од овој живот. Ќе одмине сѐ во светот. Господ сепак ќе остане, Он суштествува засекогаш и ќе биде прославен довека. Ќе Му служат милиони луѓе.

Затоа, разбери, осознај ја уште сега таа важност и започни да го правиш тоа што ќе го прават сите. Исфрли го своето его, не го сожалувај. Старец Пајсиј кажува многу убаво: „Исфрли го своето его, не го сожалувај и ако го исфрлиш, знаеш ли каде ќе го испратиш? Во прегратките на Бога!“ Но пред тоа треба да го отфрлиме своето его, да не го галиме и да не се грижиме на еден болен начин, со прекален комфор за себе си. Измори се малку и занимавај се со Бога. Он да биде твојата радост. Не можеш да си претпоставиш колку среќен ќе си тогаш кога ќе престанеш да се занимаваш со своите проблеми. Твој проблем да е тоа – да Го прославуваш Христа. Он да е твоето прашање и тема. Кога би можеле да го видиме умот на еден ангел – за што размислува тој, со какви проблеми се занимава… Со никакви! Му служи на Бога, Го прославува и се радува! Тоа и ние ќе го доживееме некогаш – сега природно сме далеку од таа состојба, бидејќи имаме проблеми и грижи, семејства, деца, болести итн.

Во нашиот живот има многу нешта кои нѐ расејуваат, но и покрај тоа можеме да се подвизуваме и да достигнеме до вистинско славословие кон Христа. Он се прославува и низ трудот што го вложуваш и низ борбата што ја водиш. За Него правиш сѐ, за Него се изморуваш, подвизуваш и се трудиш. За Христос треба да е сѐ што правиме, за кого друг? Не го прави заради другиот, зашто тој ништо не може да ти даде – вложи ги парите во небесната банка, каде што е најдобрата камата. Така велат светците. Труди се за Господа, за да ти плати и да се наситиш, а не за да ги задоволиш своите страсти кои ќе ти причинат многу несреќи. Од Христа ќе добиеш изобилно среќа и радост, внатрешно задоволство и мир. За да ги достигнеш тие нешта, треба да направиш нешто, да се разбудиш, да започнеш да се подвизуваш и да се бориш. Да излеземе од летаргијата, да се разбудиме од зимскиот сон, во кој спиеме. Во еден стар грчки филм се вели: „Разбуди се, измиј се, среди се, исправи се“. Да можевме да го слушнеме ангелот којшто бдее над нас, тој многу пати би ни го кажал ова: „Исправи се, дете мое! Отвори ги очите и соживи се! Ајде, веќе се стемни! Не Го гледаш ли Христа, зошто дремеш? Измиј се и тргнувај!“

Одиме во црква, се крстиме, почнуваме да согледуваме, но и покрај тоа започнуваме одново да правиме гревови, се расејуваме и се самозабораваме од грижите за овој свет. Пак нѐ обзема сонливост и започнуваме да дремеме. Спиеш и не разбираш што се случува со тебе. Ангелот одново ти вели:

– Разбуди се и измиј се…

А ти одговараш дека немаш вода.

– Тогаш поплачи, покај се, напој го малку цветот кој постои во тебе и кој овенал.
Старец Тихон

Некој прашува: ,,Што да правам?“ Нема да ти кажам да правиш нешто определено или да ги следиш големите подвизи на отците, зашто ако чуеш за нив ќе ти се стемни и навистина ќе полудиш. Мене уште ми се врти светот, кога читам за тие нешта. Слушаш за подвизите на светците, но во исто време го наслушуваш и шумот на ладилникот, кој што ти дава психолошка доверба. Та тој е полн со богатства, денес нема да ја правам таа страшна аскеза што ја правеле подвижниците… И денес ќе каснам убаво! А светците не проповедале, туку гладувале заради Христа. За папа-Тихон, старецот на преподобниот Пајсиј Светогорец, велат дека бил голем испосник. Со многу нешта од животот тој Го прославил Христос. Зад вратата имал закачено една коска од риба, која на големи празници ја потопувал во тенџере, како ние што ги потопуваме кесичките со чај. Отец Тихон го полнел тенџерето со вода, ставал малку ориз, лук и лимон, ја потопувал коската и велел: „Слава на Бога, се заситивме, јадевме рибја чорба“. А ние, кога водиме борба, се прашуваме дали Господ ќе ни возврати за нашите усилби. Кога една жена ќе го види мажот си, како ѝ носи цвет на дар, тоа неа ќе ја трогне и ќе каже: „Ела да те бакнам. Колку многу си се потрудил заради мене!“ А мажот ќе ѝ одговори: „Што и да направам, ќе биде малку. Ти заслужуваш многу повеќе. И до крај на светот да стигнам заради тебе, пак ќе е малку. Толку те сакам, ќе направам се за тебе…“ Таква е врската и на светците со Бога. Заради подвизите Бог им ја дава Својата прегратка. Како и жената на мажот, така и Господ на таа душа: „Ела и јас да те бакнам, да ти ги дадам моите дарови и благодат“. Се молиш и се подвизуваш? Господ ќе ти вели: „Ќе ме видиш!“ Прашуваш: „Е како ќе се случи тоа?“ „Е, како не ќе се случи?! Ти, кој заради Мене јадеш рибина коска и ја сметаш за храна, кој правиш толку нешта заради Мене, нема ли Јас да бидам благодарен и да ти ја покажам Својата љубов? Јас Сум поблагороден и побогат од тебе! Не може да правиш нешто за Мене, а Јас да не возвратам“.

Бог се тргнува, гледајќи души кои прават нешто за Него. Доколку ние, кои накриво сме ги разбрале работите, си мислиме дека да се подвизуваш е нешто мачно. Се прашуваме: „ Јас зошто да постам, зошто воопшто да правам нешто?“ Ништо не прави ако не сакаш, зашто Бог те гледа и тагува. Тоа е како една жена да го слуша мажот си да вели: „Каде сега да барам и да ѝ носам цветови?“ Жената си вели: „О, подобро воопшто ништо не ми носи, не можам да слушам таква мака – да сум толку безначајна за тебе“. Тоа се случува и во нашиот однос со Бога – треба да сме исполнети со љубов, а не да исполнуваме некаков долг: треба да се пости. Што значи „треба“? Ако не чувствуваш дека го правиш заради некого, а најмногу заради Христос, тогаш зошто да постиме? Треба да јадеш. Да јадеме, да се насладуваме, да се прснеме од јадење! Да си го поминеме убаво времето. Ако Христос не постои, зошто да постиме – за да велиме дека имаме самоконтрола? Како акробатот којшто поминува преку затегнато јаже – и ние така се фалиме, дека умееме да ја контролираме својата волја? Тоа ли е смислата? Постот е начин со кој се поврзуваме со Оној, Кого Го сакаме – Христос. Но понекогаш го забораваме тоа, излегуваме од нивото на должност и мислиме само за нашите христијански обврски… Кога некое дете или млад човек ќе го слушне тоа, си вели: „Оставете ме, какви се тие работи?“ Нормална реакција на неправилното воспитание или учење. Напротив, ние треба да покажеме дека постои Христос за Кого ги правиме сите нешта – прво засакај Го и после ќе видиш дека таа борба ќе е лесна за тебе. Исто е како да ти кажам да ги правиш тие подвизи заради некоја девојка, којашто воопшто не ја ни познаваш. Со право ќе ме прашаш: „Зошто да правам нешто за некого што не го познавам?“ Сепак, ако не станува збор за која било девојка, туку за девојчето за кое сакаш да се ожениш, или пак, за твојата сопруга, твојата љубов – тогаш нештата се многу поразлични. Сметаш дека сѐ е многу полесно и поубаво. Го прифаќаш за нешто спонтано и неопходно да вложиш труд и да се жртвуваш.

Така било и со папа-Тихон, којшто кога служел, гледал ангели и службата продолжувала многу долго, зашто се пренесувала во небесното пространство. Друг подвижник починал и му нашле во ќелијата сѐ на сѐ, неколку ситни работи и една стомна во која чувал вода. Во чекмеџето му нашле 50 драхми кои некој му ги оставил, за да спомнува отецот имиња во молитвата. Како што ги оставиле, така и ги нашле после неговата смрт – воопшто не ги допрел, а живеел многу бедно, само со суварки. Тоа му бил целиот имот. Тоа е аскетски живот, тие луѓе ќе појдат во рајот. Се надеваме и ние со тебе да отидеме при нив. Сепак, како ќе се сместиме заедно? Каков ли срам ќе чувствуваме во рајот, во присуство на тие свети луѓе, кои така се подвизувале? Кога ќе умреме, што ќе најдат во нашите куќи – храна со која ќе може да се нахрани целиот град! Да не зборуваме за облеката и сѐ останато… Нам едноставно ништо не ни се допаѓа. Ние сме Христијани од последните времиња, Христијани на комфорот.


Братството на Старец Јосиф Исихаст

Кога старците Ефрем Аризонски и Харалампиј биле ракоположени за свештеници, нивниот старец Јосиф Исихастот, им рекол штом службата заврши и свештеникот возгласи: „По молитвите на светите отци наши…“, веднаш да се прибираат во колибата. Да не остануваат во храмот. Кога го чул тоа, старец Арсениј го прашал старец Јосиф, како така ќе ги избрка тие кои денес се ракополагаат и кој ќе остане после службата за да ги прими честитките.

– Тоа не пречи – ние ќе останеме да ги примаме честитките. Доволна им е Божјата благодат, не е потребно сега да слушаат и пофалби.

Веднаш после ракополагањето ги изгонил да си одат, за да не слушнат пофалби и добри мисли за себе си! Така го отсекувал нивниот егоизам – како градинарот што го подрезува растението, за да стане поубаво. Не го корне од корен, а го отстранува тоа што треба – само непотребното. А ние се дразниме кога не нѐ пофалуваат, кога нема да слушнеме „браво“. Некој те поздравува и не те погледнал во очи, а ти веднаш: „Ах, не ми обрна внимание, не ме цени и не ме уважува!“

Еден поклоник отишол од скитот „Света Ана“ пеш до манастирот „Свети Павле“. Било зима, имало снег и тој сакал да влезе некаде да се стопли, да пие малку вода или еден чај. Почукал на една врата близу до Неа Скити. Влегол внатре кај подвижниот кој треперел од студ – внатре имало камин кој бил угаснат. Поклоникот рекол:

– Отче, влегов внатре да се стоплам и да се напијам еден чај. Зошто, отче, не си го запалил каминот?

– Дете мое, тука, на Света Гора, денес ги чествувавме Четириесетте маченици, кои биле фрлени во замрзнатото езеро. Е, како јас да ја запалам печката?! Не, нема да го направам тоа! Нема да се случи. Отецот стоел и треперел, за да сочувствува со болката која ја искусиле светците. Со други мисли не ги чествувал Мачениците теоретски, со јадење и пиење, туку сакал да испита дел од нивниот подвиг.

Што значи тоа за нас? Ете, денес чествувавме повторно маченик. И ти, кога ќе си дојде детето од училиште и ти каже нешто со кое ќе те загрижи, спомни си за маченикот и пројави трпение. Не ти кажувам да го исклучиш калориферот. Тоа сочувство во подвигот се изразува и така – во совеста. Си велиш: „Се нажалив, но не е важно“. Детето ми кажа остри зборови, ќе ги проголтам, ќе ги вложам со љубов во срцето, ќе пројавам трпение и нема да дозволам да произлезе кавга.

Дарбите од Бога не доаѓаат поинаку, туку со труд. Секој човек минува низ различни испитувања, од нас се очекува да ги восприемаме смирено, знаејќи дека идат од Бога. Господ ги испраќа неопходните за нас духовни вежби. Кога сами не ги извршуваме, Христос ни ги испраќа сопствените настани во нашиот живот. Можеме да ги прелажеме тие настани, кога се оддаваме на аскеза, велејќи: „Господи, не ми праќај ништо тешко што не можам да го поднесам – јас сам ќе се подложам на труд, на пост, нема да осудувам“. Но, ако решиш ништо да не правиш, Самиот Господ ќе ти ги испрати соодветните услови, за да се подвизуваш. Бог нема да те остави така просто да ти минува времето и да го губиш бесцелно и бесполезно. Тогаш Он ќе ти даде некоја духовна вежба која ќе се наложи да ја извршиш во соодветната ситуација, за да се обработува почвата на твојата душа. Не е ли така? Ќе се подвизуваш, дури и да не сакаш, не можеш да го избегнеш. Зашто без борба не може да исчезне егоизмот.

 

Извор: Бигорски  манастир