Да Го следиме Христа, значи да се отвориме за свеста на Самиот Христос Кој го носи во Себе целото човештво; целото дрво без исклучок на ниеден лист. Ако ја стекнеме оваа свест, ќе се молиме за сите, како за себе си.

Ако постанеме според образот Христов, носители на човештвото и на Бога, нашето јас ќе биде образ на Апсолутниот: веројатно во микроскопски размери, но навистина образ на Апсолутниот.

Се каеме лично, но нашите страсти се оние кои го угнетуваат светот. Следствено, она што го живееме не е одвоено од животот на светот. Полека – полека, природно, почнуваме да ја живееме нашата состојба како отсјај на состојбата на целото човештво. Почнуваме да го живееме нашиот живот онака како што го гледа Бог, на начин сеопфатен. Со нашето покајание не ја живееме само нашата индивидуална драма, ја живееме во себе трагедијата на целиот свет, драмата на неговата историја од почетокот на времето.

Нашата во Христа свест се шири, нашиот живот не познава граници. Во заповедта Возљуби го ближниот како себе самиот треба да го појмиме она како себе на следниов начин: Секој човек, Адам целиот, е моето битие.

Царството Христово, пишува Свети Силуан, е да ја носиме во нашето срце целата вселена, и Бога, самиот Создател.

Кога се молите, да се молите за сите и за секого посебно. И да додавате По нивните молитви, по неговите молитви помилуј ме. На овој начин постепено вашата свест ќе се шири.

Сакајте ги непријателите ваши. Навистина е тешко. Болно е. Но моралната убавина Христова нè привлекува до тој степен што сме подготвени да ги претрпиме сите искушенија со цел да се возвишиме низ Неговиот Дух. Друг избор не постои.

Христос им го принесе Својот Божествен живот на оние кои се создадени според Негов образ, но како одговор ја прими омразата. Денес после две илјади години Христијанство, што гледаме? Современиот свет сè повеќе и повеќе го губи Христа, животот вечен. Длабоката темнина на грешните страсти, омразата, угнетувањето, војните од секој вид, го обликуваат нашето постоење на земјата. Во даденава состојба, Христос, на оние кои се одлучуваат да го следат, им ја дава оваа заповед: Љубете ги вашите непријатели. Зошто светот се плаши од еден таков Бог? Може ли некој да најде подобро начело од ова: Благословувајте ги оние што ве проколнуваат, љубете ги непријателите ваши?

Не може некој да љуби без да страда. Најголема болка е да љуби до крај. Христос љубеше толку многу што се предаде себе си на стравотна смрт. Светиите исто. Рајот и пеколот ја имаат секогаш оваа цена. Молитвата за целиот свет е плод на особено длабока и остра болка.

Да го следиме Христа кој се искачува на Голгота. Ова искачување не е ништо друго освен подвигот Христов од љубов кон целиот свет. Кога борбата се води само на полето на овој свет и страстите негови, луѓето се исцрпуваат и стареат многу брзо. Кога пак страданијата произлегуваат од подвигот против страстите, со помош на Духот Христов луѓето се препородуваат.

Ништо не е поболно од тоа некој да има љубов Христова во овој свет. Тоа е борба со светски размери.

Како да чекориме кон Бога? Кога стремиме кон оваа единствена цел сè друго станува извор на страданија и болка. Сепак го носиме овој крст молчејќи.

Еве го парадоксот на христијанскиот живот: бирајќи ги страданијата Христови заради спасение на светот, имаме чувство дека сме поблизу до Него и до вечниот живот.

Кога одлучуваме да го следиме Христа, секој ден од нашиот живот станува ден на страданија, солзи и болка. Од време на време се раѓа прашањето: Господи зошто нè создаде вака, та мора да поминеме низ толку страданија?

Немоќни сме да сфатиме дека овој горчлив опит е патот на спасението.

Постоењето на земјата за човека е болка без крај. Зошто го поднесуваме сето ова? Затоа што Создателот дојде и се насели меѓу нас. И сега Го познаваме лично.

Создадени сме според образ и според подобие Божјо. Кога ја споредуваме стварноста на секојдневниот наш живот со ова Божјо откровение, паѓаме во безнадежност. Зошто е толку тешко да дејствуваме овде и сега како христијани? Затоа што се работи за божествен и вечен живот. За нас кои произлеговме ни од што, каква врска постои помеѓу нашата незначителност, нашата сиромашност, и оваа толку возвишена и бесконечна цел?

Подвигот за спасението некогаш може да биде многу едноставен и познат, другпат, пак, многу сложен, над секоја човечка сила.

Сигурно е подобро да не направиме грев. Но, кога покајанието е огнено, тоа може да надомести секаква загуба.

Должни сме да го сочуваме духот на покајанието во текот на целиот наш живот, до крајот. Покајанието е основа на секој аскетски и духовен живот. Чувството, претчувството на гревот може да се заостри толку многу во нас, така што да роди навистина длабоко покајание.

Можеме да плачеме со часови, со недели, со години, сè додека нашето битие не се препороди целосно од словото Христово, од неговите заповеди и пред сè – од благодатта на Светиот Дух. Ова преобразување на нашето битие, отпосле падот Адамов, бара многу усилби и многу време.

Извадок од книгата: Архимандрит Софрониј (Сахаров), За духот и животот, Скопје 1996, 27-32.

 

Извор: Бигорски манастир