Исповедта не значи само да кажеш некој свој грев; тешкото е да се покаеш. Има разлика. Се разбира, некој може да каже што направил – секој пат кога во весниците информираат за некаков престап, накрај го наоѓаат престапникот, којшто го признава својот грев и го исповедува. Но дали се покајал? Не е сигурно. Тоа што ги кажа гревовите, не значи дека веќе се покајал. Покајанието е нешто друго, тоа е онаа слатка болка која душата ја чувствува, таа тага на срцето што го ранив Господ, згрешив пред Господа. „Пред Тебе Единствениот згрешив, Господи, и лошо пред Твоите очи извршив“. Не живеам со љубов, не сум се научил да сакам. Тоа е нешто друго, а не формалниот однос, кога одиш пред суд и кажуваш што си сторил. Покајанието пред Бога има друго значење и содржи други душевни искуства, тоа не се случува едноставно со исповедта, а треба и Бог да те допре, да дојде до тебе Христос, Кој создал таква атмосфера околу Себе Си. Неговата промена натерало многу благорасположени луѓе да се променат, да се покајат, да појдат и без страв да плачат пред Него. Како што ѝ направил на онаа грешна жена којашто отишла кај Него. Како таа, бидејќи грешна и живеејќи во разврат, со умот закопан во тињата, а срцето во калта, како таа отишла при Христос и плачела? Зошто не рекла: „Ќе погледнам на Него плотски, или ќе појдам да Му кажам бесрамни зборови“. Не, веднаш штом Го видела, таа „смрзнала“, од неа исчезнала секаква војна со страстите и не само тоа, туку се покајала за тоа што го правела, сама го почувствувала. Христос не ѝ рекол: „Грешна си, признај! Тоа што го правиш е грев!“ Не, Тој ништо не ѝ рекол, туку едноставно ја открил пред неа целата вистина, целата светлина, целата љубов – Самиот Себе Си. Таа Го видела Господа и душата ѝ се отворила пред Него, Го видела својот Творец и разбрала колку е далеку од Него, Го видела Оној Кој ја создал и разбрала колку обезобразена била нејзината душа. Кога ќе Го видиш Бога и после тоа ќе се видиш себе си колку поразличен си од првобитното твое створение, ја разбираш огромната оддалеченост и велиш: како паднав така, зошто сум таков, зошто? Од каде знаеш каков треба да бидеш? Знам, зашто Го видов Бога. Кога ќе Го видиш Христа, разбираш каков би требало да бидеш и разликата која те дели од светоста, чистотата, непорочноста, убавината и спонтано се покајуваш. Христос не барал насила покајание, Он кажал општо сите да се покаеме, но не ги обзнанувал гревовите на луѓето на иритирачки начин, на никого не рекол: „Треба да платиш за тоа што го направи! Треба да се покаеш! Виновен си! Кажи го!“ Не! Он го осудил единствено фарисејското лицемерие, минувал покрај луѓето, ги сакал, ги прегрнувал и колку повеќе ги прегрнувал, толку повеќе тие плачеле. Колку повеќе ги бакнувал, толку повеќе тие се шокирале. Колку повеќе одел да јаде со нив во нивните домови, толку понедостојни се чувствувале тие. Он влегол во коработ на апостол Петар, кој Му рекол: „Господи, оди си од мене! Не сум достоен да си до мене, многу сум грешен“. Но, зошто? Ти кажав ли јас нешто за гревовите, ти искарав ли? „Не ме искара и затоа го разбрав – зашто не ме искара. Затоа разбрав дека сум многу грешен, разбрав Кој си и кога сфаќам дека Ти, Господи, си Господ, тогаш разбирам кој сум, дека сум несвесниот, оној кој не суштествува како што треба, туку суштествува на погрешен начин, го разбирам мојот грев, оддалеченоста, бездната која ме одделува и плачам пред Тебе. Оди си, Господи, јас не сум достоен“. Христос оди во домот на Закхеј и не му прави никаква забелешка. Јаде со него и тој одеднаш Му вели: „Го променувам својот живот!“ – Зошто, Закхеј? Господ проповедаше? Ти се налути ли за делата што си ги направил? Ти кажа да ги вратиш парите на бедните?

– Не.

– Што ти кажа?

– Ништо. Ме засака, создаде околу мене чувство на мир и топлина, олеснување, душата ми се отвори, пред Господа не можам да сум истиот, сакам да се променам, да заплачам и не знам каков е тој плач – радост, тага, сакам да танцувам и да скокам, сакам и да потонам во една дупка, сѐ сакам, не знам што сакам, но Го видов Господа и животот ми се промени.

Ја довеле пред Господа грешната жена фатена во прељубодејство и биле готови да ја пребијат со камења. Он ја видел, не ја казнил, ништо не ѝ направил, другите очекувале Господ да го започне поучувањето, да го земе првиот камен и да каже – виновна си согласно Мојсеевиот закон, треба да те убијат со камења! Господ не направил ништо од тоа. Он им рекол: „Оној кој мисли дека е без грев, нека го фрли првиот камен. Јас ќе направам нешто друго“. Тој се наведнал, гледал кон земјата и пишувал нешто врз неа. Жената пред Него била грешна и до тој момент не се покајала. Но тоа време, за кое Господ ништо не ѝ кажувал, тоа молчание на Христа предизвикало во нејзината душа поразителни чувства, тоа не било молчание, туку вик, вик на љубов во нејзината душа, кој ѝ велел: „Јас ќе те спасам. Заради Мене никој нема да те убие со камења. Јас ќе те спасам, ќе те сочувам жива, ќе ја спасам твојата душа, ќе истерам сѐ лошо кое реално не ти припаѓа, не е во твојата природа, туку принадлежи на твојот грев, ќе го извадам од тебе. Те сакам“. Тој процес на покајание се извршил додека Господ ништо не ѝ кажувал, не ѝ зборувал, таа жена се покајала, се разбудила, плачела и накрај, Господ ѝ рекол: „Сите си заминаа. Никој ли не те осуди?“ ,,Не. Никој, Господи. Никој, а требаше да го направат тоа, зашто сум виновна“.  – И јас не те осудувам. Оди си во мир и не греши повеќе. Оди си во мир, во Божји мир, и не греши повторно. Во тој миг таа била готова да каже: „Господи, осуди ме, казни ме, дај ми епитимија, сакам да платам за тоа што го направив!“ Господ сепак ѝ рекол:

    „Твојата љубов е голема, ти се простуваат многу гревови, зашто многу засака. Ти засака силно и затоа ти простувам сѐ. И кога простувам, не започнувам да правам сметка колку должиш, колку треба да ми дадеш, после колку време, ништо од сето тоа. Мојата љубов е благородна, човекољубива, неверојатна, таа е Божествена и не се мери со твојата. Ти простувам“.



Друга грешна жена скршила сад со миро, го излеала врз Господа, со нејзините солзи ги натопила нозете на Христа и ги избришала со косата. Сите други стоеле пред неа шокирани и велеле: „Како се покајала таа жена?“ Е, се покајала, зашто била пред Христа. Научи се да Го чувствуваш Христос  пред себе си, за да создаваш атмосфера на покајание и за другите. Не проповед, туку вложи Го Христос во твоето срце и присуство и другите ќе се покајат, ќе дојде момент, кога некој ќе ти каже: „И јас сакам да станам како тебе!“ Т.е. како Христос, зашто другиот те гледа тебе, но во одреден момент ќе Го види Христос преку твоето лице, Христос во твоето поведение и љубов, во твојата добрина, ќе вкуси малку, ќе се посомнева дека Христос суштествува во тебе, Господ ќе засвети од твоите очи и тој ќе се промени. Познавам еден Христијанин којшто ми го кажа ова. Тој поминувал покрај еден духовник кој исповедувал многу луѓе – едноставно минал, а не отишол да се исповеда. Одеднаш почувствувал пробив и земјотрес во срцето без духовникот да му каже: „Исповедај се! Покај се! Заплачи! Грешен си!“ Тој ништо не му кажал. И духовникот се зачудил, зошто тој човек одеднаш отишол да се исповеда. Тој кажал: „Отче, сакам да се исповедам!“ И започнал да плаче. Овој го прашал: „Како се случи тоа, дете мое? Зошто дојде? Како така наеднаш?“ „Не знам, отче, минував покрај тебе и почувствува нешто во мене, едно треперење“. „Но јас не ти зборував, не те познавам“. „Знам, нешто излезе од вас“.

Кој верува во Мене, делата што Јас ги вршам, и тој ќе ги врши, и поголеми од нив ќе врши. Господ минувал покрај некој човек и од неговата облека излегувала благодат. И ти минуваш покрај некој човек и без дури да ја допреш облеката ти можеш да зрачиш Божја благодат и да го натераш да се промени и да се покае. Многу е важно ние да се покајуваме, но и да помагаме на другите да се покајуваат, да не создаваме околу нас жестока и неподнослива атмосфера,  ужас, страв, закани, диктатура, диктаторски однос и држење: „Толку ми должиш! Тоа треба да го направиш!“ –  каде другиот стравува да се отвори, туку треба да ја чувствуваме и да ја пресоздаваме околу нас љубовта на Господа, која ги трогнува срцата на нашите браќа. Така се покајуваат нашите браќа.



Ако си го победил злото во еден агол на земјата, си го победил по целата земја, и без да зборуваш, кога ќе се покаеш, стануваш најголемиот мисионер на светот. Ако таму каде што стоиш, во твојата соба, ќелија, дом, автомобил, се покаеш и се натажиш за себе си, за тоа каков си, каков би требало да бидеш, но не си таков – тогаш помагаш на луѓето, зашто стануваш смирен, вистински, озарен човек и ја знаеш вистината. Тоа е вистината. Да имаме секогаш покајание во нашето срце, да го имаме Господ пред нас, и гледајќи го Неговото лице, да се покајуваме, да плачеме и тој плач да биде плач на љубов, тага и копнеж за доближување до Господа, Кој е нашиот Првообраз и Избавител.

(Прочитај прв дел)
(Прочитај втор дел)

Избор и превод на текстот: Наташа Наумоска

Извор: Бигорски манастир