„Со што светителите толку се разликуваат од нас, па поради тоа ја примаат Божјата благодат?“

„Нашите светители поседуваат Божествена правда наместо човечка,“, ми одговори.
„А што е божествена правда?“, повторно прашав.
Вака ми објасни:
„Замисли двајца седат на маса и пред нив има сад со десет кајсии. Ако еден од нив лакомо изеде седум кајсии, а на братот му остави само три, тој е нечесен кон братот, ете тоа е неправда. А ако рече: ’Имаме десет кајсии, а ние сме двајца, значи имаме по пет’, и потоа да изеде пет кајсии, тој применува човечка правда. Поради тоа често одиме на суд во потрага за човечка правда. Но, ако човекот сфати дека неговиот пријател многу сака кајсии, ќе се преправа дека не му се допаѓаат и ќе изеде само една, велејќи: ’Те молам, земи ги сите овие кајсии, јас не ги сакам. Всушност, ме боли стомакот и не сакам повеќе да јадам’. Таквиот човек поседува Божествена правда и повеќе сака по човечките мерила да биде неправеден кон себе и да се жртвува за да биде награден со Божја благодат, која обилно ќе се излие на него.


Ќе ти раскажам уште нешто за подобро да ме разбереш.

Кога некој би ми рекол: ’Отец, морате да ја напуштите својата ќелија зашто таа ми припаѓа мене. Слезете и одете под чемпресот во градината’, ако поседувам Божествена правда, јас тоа со радост ќе го прифатам. Ако постапам според човечката правда, би ја одбил неговата понуда и би почнал да се расправам со него, а може да завршиме и на суд.

 

(Од книгата: Солзи за светот,
старец Тихон, старец Пајсиј, старец Порфириј)