Мајка Тарсо – Јуродива заради Христа


Теодорос Ригиниотис

Мајка Тарсо е еден исклучителен и важен случај, кој пренесува во нашево време една древна Светлина, Светлината на преданието на јуродивите заради Христа (види претходно кај мајка Наталија од Вирица и старица Софија)! Јуродивите (Лудите) се светители кои се претставуваа како луди од крајно смирение, за да ја избегнат почитта од луѓето. Обично Бог советува некого „случајно“ да открие дека некој си, когошто сиот град го презира и исмева, којшто живее од милостиња, спие среде улица, се качува на црковниот амвон и фрла кршени ореви врз верниците или, пак, јавно јаде месо во Велигденскиот Пост, а реално е еден светител чудотворец кој е многу блиску до ангелите Божји! Така, историјата на секој јуродив е приказна на неговиот биограф. Во сета историја на христијанството се запишани неколку јуродиви светители; Грчката Црква почитува седум јуродиви: светиот Андреј, по потекло од Скитија (вистината за него ја знаел само свештеникот Никифор од црквата Света Софија во Цариград, кој бил негов духовник), светиот Симеон, светиот Теодор, светиот Павле, светиот Сава Ватопедски, светиот Теодул Кипарски и светата Исидора (живееше презрена од монахињите во женскиот манастир во Тавена, во Горен Египет; таму ја објави, по видение, великиот свет подвижник Питирим; но кога стана позната нејзината светост, таа исчезна и никој не дозна ништо повеќе за неа). Руската Црква почитува повеќе, мажи и жени, како што е преподобна Ксенија (1806) и други што ги спомнавме претходно. Главно јуродивоста се смета за дар на Светиот Дух, јуродивите тврдат дека имаат добиено силен призив од Христа и обидот за овој вид на искушеништво не може некој да го исполни ако го нема овој призив, бидејќи постои опасност навистина да се збудали. Но ете, на крајот од дваесеттиот век на технологијата се појави една жена, носител на ова страшно предание, и тоа во Атина!

Тарсо Загореу (деминутив од Тарасија, 1910 – 07.10.1989), преубава и образована девојка од Рого во Андрос, на возраст од околу 20 години отворено го покажа изборот на доброволна лудост, но самата сметаше дека добила призив за тоа на 14 години од „офицер“, како што таа ги нарекуваше ангелите. Претрпе психијатриски испитувања и хируршка интервенција на слепоочниците. Потоа, сметана за луда, живееше во манастирот на Богородица Певковуниојатриса, во Кератеа на Атика, на маргините на монашката заедница (не е познато дали станала монахиња според правилата), во една земуница надвор од манастирот. Нејзиниот подвиг беше строг, но никогаш не беше строга со другите; спиеше седната на земја, јадеше малку и храна со најлош квалитет, го изложуваше нејзиното тело на дожд и студ итн. Се молеше постојано и за кратко време им стана јасно на некои монахињи и на многумина од поклониците на манастирот дека зад парталите на лудата се крие светителка. Па така, примаше многу посетители кои ги советуваше алегориски, со зборови очигледно апсурдни, но во реалноста многу значајни за секој нејзин соговорник.

Според многуте сведоштва, таа располагаше со дар на прозорливост и проникливост (којшто го криеше зад глупоста а понекогаш и зад лажна грубост, со која луто ги одбиваше оние кои се обидуваа да ја фалат и да ја почитуваат), имаше близок контакт со светот на ангелите и светителите (постојат индиции дека ја причестувал ангел, иако современиот човек ќе се смее кога ќе слушне дека е можно такво нешто), и нејзините мошти благоухаат. Запишувањето на нејзините поуки (секогаш таинствени, но не и неразбирливи) и настаните од нејзиниот контакт со мноштвото посетители се уште се предмет на истражување.

Наслов на изворникот:

Θεόδωρος Ι. Ρηγινιώτης

Τα αλεξικέραυνα του θανάτου

Σύγχρονοι άγιοι και όσιοι στην Ορθόδοξη Εκκλησία

Ανάπτυξη εισήγησης σε ημερίδα του

Ομίλου Ουνέσκο Ρεθύμνου, Αύγουστος 2004.

 

 

Од Старечникот  

Извор: https://vladikadimitrij.wordpress.com/

12ти февруари 2019 лето Господово