И само да си ја признаеш грешката, немоќта своја и да бидеш спремен да заплачеш, да се разочараш, Он нема да те остави да се разочараш. Веднаш те поткрепува, ги подига очите и вели: „Види, погледни тука, дојди овде, доволно ми е што го прифати тоа, доволно што го разбра, доволно е што дојде до познание на вистината, а тоа е најголемото знаење. Најголемото знаење, дете мое, е тоа што ти сега го сфати. А што? Тоа дека си немоќно создание, дека си грешен. Го разбра? Го разбра, нели? Штом го сфати тоа, ништо друго од тебе не барам. Сакам да го примиш за да омекне твојата душа, за срцето твое да се исполни со сладост, за солзи да потечат од срцето свое. За ти да Ме побараш сега веќе како потреба на твојата душа, да кажеш во себе, со шепот, гласно или со песна: ’Господи, помилуј, Господи, помилуј ме веќе, не можам сам, многу сум слаб‘. И кога ќе го кажеш тоа, сѐ друго ќе ти дадам. Но ти прво согласи се, покај се, прифати кој си, тоа е покајанието – тага поврзана со надеж, болка, стеснување на душата, на срцето, поради она што сме, немир поради нашата бедна состојба, поради тоа што секој од нас го направил: за малите и големите престапи“.

„Нека не помине ни еден ден во твојот живот“, ми кажа еднаш еден Светогорец, „во кој ти вечерта пред да заспиеш нема да Му се обратиш на Бога: ’Господи, прости ми ги грешките што ги правам секој ден и што ги направив денес!‘ “ Никогаш не го заборавај тоа. Не заборавај дури ни на еден ден дека ти си грешен, не си совршен, дека си направил многу престапи и ги знаеш, а некои дури и не ги знаеш, за некои потполно си несвесен. Грешки што не си ги спознал, но произлегле од твојата душа како атмосфера што си ја создал околу себе, како поглед со кој си огорчил некого, како зборови што си ги кажал и не си сфатил како тие се одразиле кај другиот. Си направил многу гревови, мали и големи. Секоја вечер пред да заспиеш, прифаќај го тоа и не се чувствувај безгрешен, не се чувствувај совршен, значаен, голем, страшен, неранлив, уникатен. Не! Човек си, што значи – немоќно создание. Иако ти си величествено битие, највозвишеното битие во Вселената, дело на рацете Божји, исклучително суштество во Вселената, мал космос, во човекот постои цела Вселена, нашето срце, нашата душа – сепак, и толку голем, ти си многу мал, немоќен и безначаен. Тоа ни помага да почувствуваме покајание. Тоа дело што го извршува покајанието, кога Бог ќе се допре до нас…

Денес, меѓутоа, луѓето не се каат, тие не можат да ги сфатат своите грешки. Се чувствуваме многу надмени, многу динамични, и во весниците, и во филмовите, и во начинот на кој зборуваме, и во начинот на кој се караме со другите. Се плашиме да признаеме дека сме виновни, и велиме:

„Ако го признам тоа, што ќе речат другите? Ако го кажам тоа ќе си го нарушам својот имиџ. Денес светот е таков што за да одиш напред треба да си жесток, да си најдобар од сите, не треба никогаш да признаеш дека си направил грешка, оти ако направиш така, ќе те изедат“. Ете така велат.

-Не вели дека си немоќен, не се согласувај со тоа!

-Но ако сум?

-Не! Дури и да си, не го кажувај тоа! Не го прифаќај. Кажувај го тоа што не си, доволно е за да создадеш впечаток кај другите!

-Но како ќе си помогнам себеси? Како ќе се изменам? Овде не станува збор за некаква работа што треба да ја почнам, па морам да кажам дека имам квалитети што ги немам за да не ми го земат местото. Овде зборуваме за односите со луѓето, за врската со Бога, за врската со самиот себе, за тоа дека не треба да се согласам оти имам потреби, оти сум немоќен, правам грешки и имам недостатоци.

-Не, не го прифаќај тоа! Ќе ти биде минус. Тоа е ниска самооценка – така ќе ти речат. Ќе те видат другите и ќе те потценат. Ќе го изгубат убавото мислење за тебе!

-Да, но ако не прифатам дека сум немоќен, ако не ги прифатам своите грешки, ќе живеам постојано во лага…

Вчера размислував за гревовите што ги направив само во текот на вчерашниот ден, од утрото до вечер и си спомнав за тоа што праведниот Јов го кажува во Стариот Завет, имено, дека дури и само еден ден да живее човекот (доколку целиот наш живот не беше 90 години, или 80, или 70, или колку и да е, туку само еден ден, како кај некои пеперуги што живеат само еден ден), дури и толку краток да беше нашиот живот, пак ќе имавме гревови. Нешто ќе направевме. Нешто ќе кажевме. Човекот е немоќен, грешен, тој е заквасен со немоќта, со потребите, со несовршенството – не сме совршени.

Кога размислуваш за своите гревови вели: „Како да не побарам прошка, како да не се согласам, стојам пред Бога во покајание за гревовите извршени во текот на седмицата, месецот, десеттолетието, целиот живот“. Прегрешенија, грешки што ги трупаме, трупаме, се кријат во нас, се таложат, никогаш не ги забележуваме, никогаш не мислиме на нив, се мачкаме со бои, се украсуваме, си ставаме парфеми, впечатливо се облекуваме, се забавуваме, танцуваме, слушаме музика, гледаме филмови, но внатре во нас постои тој свет, сокриен свет, свет душевен, свет со убавина но и со грдотијата што сме ја натрупале. И ако никогаш не ја видиме таа гнасотија, ако не ја допреме, ако таа кал, таа тиња, никогаш не ја извадиме од нас, за да се види сета убавина на нашата душа, ако не исчезне таа нечистотија, за да се покажат боите на љубовта, боите на душата, сиот прекрасен свет што го имаме во нас, што ќе биде? Оставаме ѓубрето да се трупа во нас…

Се сеќавам еднаш кога си влегов дома, имав заборавено да го исфрлам ѓубрето. Заборавив и вториот ден. Од многуте обврски што ги имав, заборавив и кога си влегов дома, од самата разлика на воздухот надвор и внатре, го почувствував мирисот. Таа смрдеа, тој мирис на смрт, што излегува од нашата душа. Само два дена го имав оставен ѓубрето внатре и цела соба се замириса. А замислете има луѓе, има наши браќа, или ти или јас, коишто години наназад сме оставале во себе работи, па се натрупале, состојби, скриени тајни, случки, коишто никој не ги знае освен ти и Бог. Нешто што си го направил или кажал и го знаеш само ти и Он. Ти и Бог, или ти и твоето јас.

Има некои работи, што само и да помислиме на нив, веќе ни ја мачат совеста, чувствуваме дека правиме грев. Постојат тие нешта, а ние ги оставаме и велиме: „Нека, остави ги!“. Ги потиснуваме како облеката во гардероберот, којашто немаме време да ја подредиме, ги фрламе внатре и ги натиснуваме како што доаѓаат. А големо дело е да ставиш ред, да ја подредиш душата да видиш што има во неа. И кога ќе видиш ќе се ужаснеш, нема да издржиш, ќе паднеш во униние, ќе те фати депресија, ќе се разочараш, но доаѓа Христос и вели: Не треба да те обземе разочарување, туку само една мала тага, тага по Бога, којашто го буди во нас покајанието, вистинското покајание, покајание што води кон радост, тага што сепак те изведува на полјанката на среќата“. Треба малку да се натажиш, за да ѝ дадеш поттик на душата. Има една тага како поттик, како будење, жал што ја тера душата да се разбуди од летаргијата. Таа тага треба да ја почувствуваш, и само неа, а не тагата на очајот, на безнадежноста, на разочарувањето, на паниката, која многупати доведува и до самоубиство.

Некои ќе си ги видат гревовите и велат: „Не можам повеќе да издржам, тоа што го видов – ме ужаси, не можам да се поправам никако. Не можам никако да се спасам. Нема надеж за мене, ќе се самоубијам, ќе ставам крај на својот живот!“ Не таква тага! Тоа е другата крајност. За нас важи тоа што Господ го кажа, што не е крајност, туку умереност и рамнотежа: да се нажалиш и да се разбудиш, да се нажалиш за да тргнеш напред, да ја поттикнеш својата душа, за да ја доближиш до Бога. И тогаш не ти треба ништо повеќе. Тоа го бара Бог – да прифатиш, да ја наведнеш главата и да кажеш: „Грешен сум! И јас сум човек, правам грешки“.

(Продолжува…)

 

Извор: Бигорски манастир