Господи, Исусе Христе, помилуј ме! Пребројте! Пет зборови. Исусовата молитва содржи пет зборови, кои те носат до петте континенти на земјата. Пет зборови, кои те носат низ небесата, ширум светот. Пет зборови со кои стигнуваш до Божјиот престол, пет зборови кои Го ставаат Христос во тебе и те приближуваат до Него. Господи, Исусе Христе, помилуј ме! Денес би сакал да позборуваме за оваа молитва. Сакам и нешто поважно – да ја потенцирам оваа молитва, а не само да зборувам за неа. Ако можеш, таму каде што си, кажувај ја. Ако не правиш нешто што бара особена концентрација, кажувај ја во себе си. Пробај. Господи, Исусе Христе, помилуј ме! Ја кажувам неколку пати затоа што некои не слушнале добро, не знаат како да се молат со оваа молитва или ја знаат нејзината подолга варијанта: „Господи, Исусе Христе, Сине и Слово Божјо, помилуј ме, грешниот!“ Други ја кажуваат пократко, трети велат само: „Господи помилуј“, или само „Исусе, помилуј ме!“ Други велат само: „Исусе мој!“ Кажи колку што сакаш, кажи како сакаш, треба да го кажуваш само тоа име и тоа да се  вреже во твоето срце, името на нашиот Господ Исус Христос.
Свети Козма Етолски го поучува народот

Сега кога слушаш, не е тешко да ја кажуваш внатре во себе си оваа молитва, така што времето ќе тече како поток и кога емисијата ќе заврши и ќе продолжиш со останатите работи од денот, постојано да ја повторуваш. Таа е многу силна, Св. Козма Етолиски ја препорачувал секаде каде што одел, затоа што ја научил во Света Гора, во манастирот Филотеј каде што живеел, се обраќал кон луѓето: „И вие кажувајте ја молитвата, земете една бројаница која не служи за тоа да ни мине времето со кафе, туку секој јазол означува збор – името на нашиот Господ Исус Христос“. Кога го повикуваш името на Господа, Го викаш Самиот Христос до тебе. Силата на оваа молитва е огромна. Ние не апсолутизираме ниедна молитва, туку ја апсолутизираме воопшто молитвата сама по себе и најмногу Личноста кон која се упатува молитвата – нашиот Христос, Кој е апсолутното Богатство. Христос е Сѐ, а молитвата е многу сигурен, прав, силен, убав пат којшто те тера да се фатиш здраво за Господа и да останеш соединет со Него.  Молитвата го соединува човекот со Христос и затоа велиме дека таа има многу голема сила. Кажи што сакаш, кажи како што сакаш, но зборувај Му на Христа. Сакаш да кажуваш Оче наш? Цару небесни? Давидовите псалми? Молебниот канон кон Пресвета Богородица? Богородичниот акатист? Сѐ е убаво, но Исусовата молитва, овие зборови Господи, Исусе Христе, помилуј ме! – пак кажав, тешко ли ти е да ги слушаш? Нека не ти тежи, нека не ти е тешко да го слушаш името на Христа, името на твојот Творец, Создател, Оној Кој те возљубил и умрел за тебе, Кој сега мисли за тебе и е блиску до тебе, се грижи за тебе и може да даде решение на сите твои проблеми. Сѐ што те интересира, сите решенија се наоѓаат во оваа Личност, во Исуса Христа. Нека не ти тежи да го слушаш името Христово, да Му зборуваш, да Го сакаш. Тоа е многу моќна молитва! Во „Прирачникот со духовни совети“, книга во која се зборува за запазување на петте чувства, т.е. како човек да се заштити и да биде духовно буден со своите пет сетила, Св. Никодим Светогорец вели: „Советувајте ги луѓето во светот, верниците, да ја кажуваат Исусовата молитва, таа не е само за монасите, туку за сите“.

Убаво е сите да ја кажуваме оваа молитва, убаво е да знаеш дека човекот што е наспроти тебе и те слуша има заедничка точка со тебе, го има името на Самиот Господ и онаа општа љубов која нѐ обединува. За Него зборуваме денес и велиме: Господи, Исусе Христе, помилуј ме!
Господи, Исусе Христе, помилуј ме

Монасите ја кажуваат по цел ден. Еден добар монах, за да биде навистина монах, најмалку не треба да биде сам, туку секогаш во друштво – во друштвото на молитвата, а најмногу на Исусовата молитва, секогаш да ја носи својата бројаница во раката, а најмногу во своето срце. Секој јазол е возбуда, секој јазол е љубов, секој јазол е прозба, славословие, повикувањето на ова свето и семоќно име, Господовото име. Монахот преку целиот ден се моли. „Каде одиш?“, го прашал некој еден монах на Света Гора, кого го видел дека излегува од манастирот без да си ја земе бројаницата. „Нели војникот не оди во војна без своето оружје? Каде одиш без својата бројаница? Тоа е твоето оружје – бројаницата, секогаш држи ја во рака и од раката да ти влезе во умот, а од умот во срцето. После тоа ќе отпадне и бројаницата и ќе доживуваш неискажани и необични работи“.

Да ти кажам нешто. Не сум заборавил дека им зборувам на луѓе кои живеат во светот. Денес не им зборувам на монаси, знам малку се занесов, се разбира, и мислиш дека… Не, ти зборувам тебе и за твоите проблеми, знам дека и ти имаш трошоци, дете, болест, прашања во бракот. Некои се подготвуваат, некои ги живеат своите болка и радост, со различни проблеми, секој има по нешто и некој вели: „Добро, убаво ни зборуваше порано, за актуелни, наши, современи прашања, кои нѐ засегаат, а сега ни зборуваш за Исусова молитва, за молитва на умот, која е за монасите?! Каква врска има тоа со мене?“ Има. Има и со тебе, затоа што тоа е начинот да Го вложиш Христос тука и сега, во твојот живот. Имено затоа што животот ти е растргнат со грижи, ти си распарчен и разделен, од утро до вечер треба да завршиш многу работи и не успеваше да направиш нешто за Бога, да се помолиш правилно. Затоа ја има оваа молитва, која се нарекува монологична, што значи дека содржи еден збор, еден израз, една кратка изрека, која и на мало дете да му ја кажеш ќе ја научи. Така се сосредоточуваш и немаш оправдание, како што велиш понекогаш: „Сакам да се помолам, но не стигнувам, не знам што да кажам, немам што да кажам“. Имаш што да кажеш! Готвиш ли? Кажувај ја молитвата! Го мешаш јадењето во тенџерето? Секој пат кога мешаш со лажицата, вели: „Господи, Исусе Христе, помилуј ме“, и заедно со јадењето што го приготвуваш, внатре влегува и Божјата благодат, влегува целото благоухание на тоа име, влегуваат животворните сокови, благословот, силата на Исусовото име. Оваа молитва е многу силна. Ех, да се молевме со неа, да ја живеевме и да се насладувавме на чувството за Христовото присуство преку неа! Знаеш ли што значи да кажуваш постојано Нечие име? Да кажуваш постојано Господи, Исусе Христе, помилуј ме, да повикуваш Некого да дојде близу до тебе? Кога, на пример, ќе кажеш Исусе мој! Пресвета Богородице! Помогни ми! Свети Ангелу! Свети Нектариј! Тие, нема ли да дојдат? Ќе дојдат. Кога повикуваш некого по име, името го изразува присуството и живото чувство за оној, кого го викаш. Ќе ти го кажам тоа од спротивната страна, од темната страна. Волшебниците, за да ги направат своите магии, довикуваат имиња на зли духови, и духовите доаѓаат. Така и Господ, Кого Го повикуваш, Тој доаѓа таму каде што си. Кога имаш некаков проблем и речеш: „Исусе мој! Господи Исусе!“ и Го повикуваш, Христос доаѓа. Е, тоа не е мала работа, не е мала работа денес да зборуваме за оваа тајна, која Го доближува далечниот Бог толку блиску до нас. Ако Христос дојде таму каде што си сега, во твојата соба, и таа се исполни со Неговото присуство, ќе разбереш дека до тебе не е само леглото, масата, бирото, кујната, тенџерињата, телевизорот и сѐ што имаш, туку и Некој Друг. Кој ли? Оној, Кого си Го повикал. Има заповед во Стариот Завет, во која Бог вели: „Внимавајте! Не изговарај го напразно името Господово!“, односно без да почитуваш, благоговееш, љубиш, без да Го „обожаваш“ Бога, како што велат некои – треба да си ја измиеш устата пред да го изговориш Божјото име. Страшно е да го изговараш Неговото име. Зошто? Затоа што Неговото име е Негово присуство, Го викаш Христос и Тој доаѓа. Тоа е големо. Тој доаѓа. Замисли си само кај вас да дојде Христос, Сам Тој вели вака: „Пред да ме повикаш, Јас ќе ти одговорам, ти ќе Ме повикаш и Јас веднаш ќе ти кажам: ‘ете, дојдов! Што сакаш? Кажи ми што сакаш да направам за тебе! Кажи ми што сакаш да ти дадам!’“ И ти Му велиш: „Господи, Исусе Христе, помилуј ме!“ Тоа е. Сакам да ме помилуваш.

Можеме да кажеме особено многу работи за молитвата, за жал, ништо наше, сѐ е туѓо, и ако ја кажувавме молитвата, немаше да правиме емисија за неа туку ќе ја живеевме. Ќе ја имавме молитвата и нејзината благодат ќе беше насекаде без да правиме емисија. Тоа што го прават отците на Света Гора, тоа што го правеле големите светци, кои многу малку зборувале, сосила зборувале, само и само за доброто на другите и не сакале да излезат од таа наслада што ја чувствувале и од тој голем принос кон човештвото. Кога се молиш со Исусовата молитва, му помагаш многу на светот, го исполнуваш светот со ангели, со Божјата благодат, со небесната милост.

Да ти кажам малку погрубо, ние сме длабоко помрачени, сите ние. Не знаеме многу работи од нашата Црква, не знаеме и каков „леб“ има тоа нешто во себе си, кое се нарекува молитва на умот. Св. Никодим Светогорец се обраќа кон Христос во Акатистот кон Исус Христос и постојано вели: „Исусе мој! Исусе мој! Исусе, Ти благодарам, што ме удостои со таа голема благонаклоност и дар на молитвата на умот“. Тоа е прекрасно нешто, големо искуство. Ти велиш: „Е, не можеме да направиме многу работи во светот“. Имаш право, но, ете, сега слушаш, правиш и други работи и можеш да се помолиш. Мислиш дека Бог нема да го цени тоа? Тоа малку што го можеш во овој живот, ќе го направиш.

Бројаница

Убава работа е да го кажуваш Исусовото име. Ако обрнеме внимание, ќе видиме дека и во Светата Литургија постојано тоа го правиме. Велиме: „Господи, помилуј!“ Се молиме „за мир во светот“; два збора, „Господи, помилуј! Боже, помогни ни! Дај ни ја Твојата милост! Смилувај се над нас! Помогни ни! Направи го она од кое секој има потреба! Помилуј не!“ Имаш ли бројаница? Не ја носи туку држи ја во раката. Истриј ја, потроши ја со долга употреба, претвори ја во пердув од многуте пати што ќе ја користиш, без, сепак, некој да забележи. Кога ја држиш бројаницата и се молиш, само ти, Бог и твојот духовник треба да го знаете тоа. Што и да правиш, како и да правиш, дали си почувствувал нешто, дали плачеш, дали имаш моменти на задоволство, боговидение, чувство за Божјото присуство, дали чувствуваш дека излегуваш од овој свет и го живееш она што ми го кажа една баба пред неколку дена – се молев и реков: „Земи ме, Боже, да умрам! Сега сакам да умрам!“ Тогаш реков: „Нека умрам!“ – но сето ова не треба да се гледа. Сето ова се случува скришно, Исусовата молитва е таинствена и скришна молитва, таа е љубовно искуство и како секоја љубов, таа се доживува во скришните одаи на човечката душа. Во неа има скришна соба, има градина на дното, која е само за Бога. Таму не треба да влегува ништо друго, никој не треба да знае што правиме, туку само нашиот духовник и Бог. Бројаницата не треба да се покажува, таа не е за покажување, не е за истакнување, ниту да се правиме важни, туку, како што се вели: „Кога се молиш, влези во твојата одаја, затвори ја вратата и твојот Отец, Кој гледа тајно, ќе те награди јавно“. Помоли се скришно, врежи го во својот ум, длабоко во твојата душа ова име, Исусе мој, Христе мој, тоа е најубавиот печат, после тоа не плаши се. Некои прашуваат што ќе се случи со Второто Пришествие, со Антихристот, со печатот. Нашиот печат нека биде сепак тоа име, да го издлабиме во своето срце, во својот ум, во својата душа, кажувај во себе си Исусе мој, Христе мој, Боже мој, Господи мој, не формално, не технички, не ладно, не монотоно, не како некаков метод и тактика, туку дај го своето срце, затоа што молитвата сака срце, молитвата сака љубов, сака мерак, сака вљубени луѓе во Христа, во вистината, во светците, во Црквата, во небесниот свет. Така стојат работите, денес зборуваме за тешки работи, но рековме дека ќе го направиме и најмалото што го можеме, она што го можеме. Толку ли е тешко да го направиш тоа за кое зборувам сега?!

Оваа кратка молитва е многу силна, независно дали си го разбрал тоа. Направи нешто, ти, кој немаш време да го кажеш Шестопсалмието, да го прочиташ Молебниот канон, можеш постојано да ја кажуваш Исусовата молитва. Тешко ли е? Што е тешко? Да кажеш Исусе Христе, помилуј ме!? Другите работи – за умилението, за чувството на Бога, кога ќе дојде Божјата благодат, дали ќе ја почувствуваш или не, тоа не е твое, туку од Бога. Тоа ќе го даде Бог кога Тој сака, како сака, колку сака, ти сепак можеш. Немаш ли уста? Имаш. Немаш ли јазик? Имаш. Дури нем да си, немаш ли ум, немаш ли срце, немаш ли душа во тебе? Таа душа треба да зборува, таа душа треба да одмрзне зашто замрзнала како глечерите кои сега уште се топат. Душата, не треба ли да ни се стопи? Е, преку тоа име и таа лека-полека ќе се топи. Тоа име е толку топло, толку пламено, толку врвно, што го топи секој мраз. „Исусе мој, Христе мој, Творецу мој, Боже мој!“ Најголемата молитва, најмоќната молитва!

https://bigorski.org.mk/slova/pouchni/isusovata-molitva-e-ljubovno-iskustvo-prv-del/

Исусовата молитва е љубовно искуство (втор дел)