о. Горан Стојчевски

АПОСТОЛОТ НА СОЛЗИТЕ

„Та човекољубивиот  Бог наш, откако ќе ги прими (предложените и осветени чесни Дарови) во Својот свет, наднебесен и духовен жртвеник, како благопријатен духовен мирис, да ни ја испрати божествената благодат и дарот на Светиот Дух, да се помолиме„ – Литургија на св. Јован Златоуст
„Како што водата може да ги избрише буквите, така и солзите можат да ги избришат гревовите„. -свети Јован Лествичник
„Петар не беше врзан за пари, за овоземното, тој беше врзан за Личност, за прекрасната Личност на нашиот Господ – Богочовекот Исус Христос, и тоа му даде сила на покајание„. („Јуда или Петар„) – митрополит Наум

Ми надојде едно сеќавање кога го пишуваш овој текст за светиот апостол Петар, тоа беше сеќавањето за текстот кој во мал дел погоре го цитирав, но сакајќи да го парафразирам само заклучувам дека нема разлика меѓу предавството на Јуда и одрекувањето на Петар. Со различните термини сепак се издвојува личносниот однос што го имал Петар со Христа и со останатите апостоли, за разлика од Јуда кој го немал ниту со апостолите, ниту пак преку нив како живи и конкретни личности, како и секој човек со кого се поистоветува Христос, немал ни со Самиот Господ. Не сакам да ги релативизирам зборовите предавство за едниот е поголемо зло, а одрекување за другиот е помало, туку дека и едното и другото е отпаѓање од единството со  Бога, откинување од заедницата со Бога, отстапување од благодатниот Извор на нашето суштествување кое подразбира благодат, заедница и единство на Бог, ближниот и јас. Од Светото Евангелие дознаваме и за Петар и за Јуда, но она што прави особена разлика покрај посочената е секако преумувањето, покајнието, едниот се покајал и ги вратил парите, но се уби, другиот се покаја и почна да плаче. Секако личносниот однос е превасходен, но одлучноста за покајние како што сведочат светите Отци, раѓа солзи, благодатниот дар на огненото покајание. Токму свети апостол Петар ги посведочува на дело зборовите на светиот апостол и евангелист Јован, и од Неговата полнота ние сите примивме благодат врз благодат (Јн.1,16). Солзите на светиот апостол Петар беа токму тоа, на дарот на покајние кое го положува добива друг дар, дар на солзи, која е вовед на актуелизацијата на слегувањето на Светиот Дух врз апостолите преку исполнување на Христовата заповед, одете и научете ги сите народи, да се крштеваат во името на Отецот, и Синот, и Светиот Дух, и учејќи ги да пазат сè што сум ви заповедал (Мт.28,19-20), и таа прва проповед во Црквата на денот Педесетница, Петар ја заклучува онака како што почнува и самата Блага Вест (види Мр.1,15), покајте и секој од вас да се крсти во името Исуса Христа за опростување на гревовите и ќе примите дар на Светиот Дух (Дела 2,38). Ако некој не се роди од вода и Дух, нема да влезе во царството небесно, вели Господ, што се однесува на крштевањето како што гледаме на Педесетница од проповедта на Апостолот. И ако со крштевањето се измиваме од сите гревови, вклучително и првородниот грев кој се пренесува од Адам наваму, а воедно ги примаме и благодатните дарови на Светиот Дух во миропомазанието, тогаш единствен начин како што велат светите Отци погоре споменато во цитатот на свети Јован Лествичник, на приемчив схоластички или школски начин ни е објаснето дека сторените гревови направени по крштевањето или отстапувањето благодатните Божји енергии се измиваат со солзи. Тој видлив дар на покајние ни го посведочиле многу свети Отци кој го одржале во чистота православното исихастичко предание, дека дарот на Светиот Дух за кој зборува светиот апостол Петар во проповедтта на Педесетница е дарот на умносрдечната молитва (види Дела 4,12 и „Ако не се родите одозгора..„ – митр. Наум), понатаму посведочен во личностите во кои се изобразил Светиот Дух (види В. Лоски „Мистична теологија на Црквата од Исток„), онака како што Отецот е изобразен во Христа Исуса, и како што во Светиот Дух е изобразена личноста на Синот Божји. А, и дарот на умносрдечната молитва е посведочен со благодатниот дар на покајничките солзи. Секако и крвта на мачениците врз кои се зацврстувала Црквата е „второ крштевање„, како солзите, или како што бил случај во првиот век и чин на само крштевање. Но, за плачот и солзите за разлика од погоре напишаново, предале од свое лично сведоштво многу, многу подобро  мнозинство првославни светилници кои ни се пример за подражавање, а верувам некој од вас бил во допир и денес со такви сведоци на покајнието во Христа.


Петровите солзи на покајние (Мт.26,75) ќе бидат јасен показател на сите Свети Отци низ вековите подробно од лично искуство на животот во Христа за пројавување на Светиот Дух во нивните личности преку покајничките солзи, или како што вели свети Јосиф Спилеот, треба да имаме трпение и покајние до самата смрт, за кого неговите духовни чеда посведочиле дека од неговите солзи со часови се натопувала земјата, а и самиот старец пак сведочи за некои негови претходници, сведочејќи го на тој начин преданието на Црквата. Подвижничкиот етос на отците, како што вели ахимандрит Захариј, особено ги цени солзите, бидејќи како плод на молитвата означуваат дека целиот наш ум  сосредоточен во Бога, но тоа за кое сведочат подвижниците се покајните, а не психолошките солзи. Мал момент од Светото Евангелие е горкото просолзување на Петар како резултат на неговото покајание заради одрекувањето од Христа, тоа е она држење на умот во адот, но без да очајува, како што вели старец Силуан, а сепак овој миг понатаму го отвора патот за сведоштво за аскетскиот плач во акетско-литургискиот живот во Црквата. Еве, што би издвоил за заклучок во однос на Петровите солзи, споменати во однос на една позната евангелска парабола за покајнието, и се вели,со усвојување на мислата „јас сум виновен за сè“ се отвора простор за молитвата на митарот: „Господи Исусе Христе, помилуј ме грешниот!“. Се раѓа чувството на покајание и плач и, воопшто, текот на мислите е сосема спротивен (самоосудување) од оној што следи после мислата дека другиот е виновен (осудување). Кога во своето срце ја прифаќаме и се согласуваме со помислата дека другиот е виновен, покажуваме и дека ни е туѓ подвигот на аскетската љубов. Оној што го љубиме, макар и аскетски, никогаш не е виновен („Аскетскиот плач на митарот„ – митр. Наум).
Еве, уште еден извадок којшто ни го открива апостолското предание низ вековите кај многумина „карпи„ на кој се соѕидува Црквата Христова (Мт.16,18), „вие, пак, ако ја љубите умносрдечната молитва, радосно тагувајте и плачете барајќи го Исуса. Он ќе се открие во огнената љубов, којашто ќе ги согори сите страсти. Ќе бидете како некој, којшто е многу вљубен и којшто само што ќе се сети на личноста што ја љуби веднаш му затреперува срцето и му течат солзи од очите. Таков божествен ерос и оган на љубовта треба да гори во срцето. Штом ќе слушне или каже – Господи Исусе Христе мој, слатка љубов!, или – Моја слатка Мајко, Пресвета Дево!, веднаш да течат солзи„. – старец  Јосиф Спилеот.
Под вакви карпи, да ни даде Бог да сме сунѓери.

 

 

Извор: ПРЕМИН бр 137/138