А. Шмеман
Dete.k.jpg
Како по правило децата многу сакаат да ја посетуваат Црквата; оваа инстиктивна привлечност и интерес кон богослужението треба да бидат основата, врз која ќе го изградиме религиозното образование. Кога родителите се грижат дека нивните деца ќе се заморат бидејќи службите се долги, и ги жалатат своите деца, тие всушност несвесно го изразуваат сопствениот однос кон црковниот живот, а не односот на децата. Децата многу полесно од возрасните навлегуваат во светот на ритуалот, на литургискиот символизам. Тие ја чувствуваат и многу им се допаѓа атмосферата на нашето црковно богослужение. Опитот од Светоста, чувството за средба со Некого, Којшто е вон секојденевниот живот, оној mysterium tremendum, којшто е основата на секоја религија и срцевина на нашите служби, е попристапен за нашите деца, отколку за нас. “Ако не станете како деца...“ овие зборови сведочат за возприемливоста, отвореноста, природноста, која ние ја губиме, штом пораснеме и излеземе од детството. Колку многу луѓе го посветиле својот живот на служење на Бога и се оддале на Црквата, само заради тоа што ја сочувале љубовта кон молитвениот дом и радоста од литургискиот опит, уште од детството. Ете зошто основното задолжение на родителите и учителите е “да ги остават децата и да не им пречат“ (Мат. 19:14) да ја посетуваат Црквата. Црквата е најсоодветното место каде што децата треба да го слушаат словото Божјо. Во училницата словото е тешко за разбирање, тоа останува апстрактно, но во Црквата тоа е во вистинскиот свој дом. Во детството ние имаме капацитет да разбереме, не интелектуално, туку со целото наше битие, дека на земјата нема поголема радост од таа да бидеш во Црквата, да учествуваш во црковните служби, да го вдишуваш благоуханието на Царството Божјо, кое е “радост и мир во Светиот Дух“.

Од најраното детство одењето во Црква треба да биде надополнето со домашна атмосфера, која го подготвува или продолжува расположението од Црквата. Да ги земеме за пример неделните утра. Како може едно дете да ја почувствува   светоста на неделното утро и на она што ќе го види Црквата, ако дома радиото или телевизорот “грмат“, родителите пушат и читаат весници и генерално владее профана атмосфера? На одењето во Црква, треба да му претходи чувство на прибраност, тишина, тивка торжественост. Блесокот на кандилата пред иконите, читањето на делови од Библијата, чистата облека, исчистените соби за празникот – многу често родителите не се свесни до кој степен овие нешта го оформуваат религиозното сознание кај децата, оставаат отпечаток, кој ни подоцнежните искушенија во животот не можат да го избришат. Во предвечерието на неделата и преку целиот неделен ден, за време на црковните празници, за време на пост, во деновите кога се подготвуваме за исповед или причест, домот треба да ја одразува Црквата, да биде озарен од светлината која ја носиме со себеси од богослужението.

На крај, дозволете ми да кажам неколку збора за училиштето. За мене е очигледно, дека организирањето на тнр. “Неделни училишта“ по завршетокот на литургијата е потполно противречно од духот на Православието. Неделната литургија е радосно собрание на црковната заедница и децата треба да ја познаваат и да ја преживеат таа радост, многу пред да постанат способни да ја разберат длабоката смисла на собирот. Според мене неделата не е најсоодветниот ден за црковна просвета. Неделата пред се е литургичен ден; затоа таа треба да биде литургиско и црковно ориентирана. Многу подобро би било, црковното училиште да се спроведува во саботите пред бдението или вечерната служба. Аргументот дека родителите не се во можност и нема два пати во неделата да ги носат децата во Црква не е ништо друго туку признание за нивната индолентна и гревовна негрижа кон она што е вистински важно за нивните деца. Саботната вечер е почеток на неделата и треба да биде литургично осветена, исто толку колку и неделата наутро. Зашто во сите православни цркви, бдението и вечерната се отслужуваат вечерта пред недела или пред празник. Ништо не не спречува да го организираме црковниот живот на следниов начин: училиште – бдение – литургија. На тој начин, училиштето би било важна подготовка и воведение на децата во Господовиот ден, Денот на Неговото Воскресение.


Протопрезвитер Александар Шмеман