лого

За имињата и за ангелите

 

Митрополит Сурошки Антониј.

 



Во книгата Откровение има стих во кој тајновидецот Јован ни кажува дека, кога ќе настапи времето и кога сите ние ќе бидеме во Царството Божјо, секој од нас ќе добие таинствено име, коешто го знае единствено Бог, Кој го дава, и ќе го дознае само оној којшто го прима. Тоа име во себе како да ја содржи сета тајна на човекот; со тоа име е кажано сè за него; тоа име не го знае никој, освен Бог и оној што го добива, зашто тоа име го определува оној единствен и неповторлив однос кој постои меѓу Бог и Неговото создание - секое, единствено за Него создание.

Ние ги носиме имињата на светиите коишто живееле на земјата и коишто го оствариле својот повик; ние сме им посветени, како што храмовите се посветуваат на некој светец; и должни сме да проникнеме во значењето на неговото име, и во личноста на светецот, којашто ни е достапна од неговото житие. Зашто, тој не е само наш молитвеник, застапник и заштитник, туку, во извесна мера, и образ на она што ние можеме да станеме. Не е можно да се повтори нечиј живот; но, да се научи од животот на некој човек - свет, па дури и грешен - за да се живее подостојно на самиот себеси и подостојно на Бога е - можно. 

Ангелите се – гласници; Ангел е оној кого што Господ може да го испрати со некаква порака, и кој до крај и совршено ја исполнува Божјата заповед. Може да изгледа чудно што цела група Господови созданија ги нарекуваме со имиња коишто означуваат нивни должности, нивно служење, како тие да немаат ништо друго. И тоа, всушност, е така, и во тоа е нивната светост: очистени, блескави од Божјата светлина, според зборовите на св. григориј Палама и нашите богослужебни книги, тие претставуваат втори светлини, одблесоци на вечната Божествена светлина. Во нив ја нема онаа непрозрачност, онаа потемнетост, којашто нам ни дозволува да се нарекуваме со имиња, и тоа име всушност е определување на нашето место пред лицето Божјо и нашето место во Господовото создание. Тие се - втори светлини. Што значи тоа?

Тоа значи дека некаква Божествена светлина се излева преку нив непречено, слободно, широко како река, но не како по празно корито, и не само како низ безживотно стакло, туку така како што се излева и како што се искри и сјае и се умножува светлина кога ќе падне на скапоцен камен, ќе дојде до неговото срце и оттука во возвратен блесок излегува до каменот, осветлувајќи, а понекогаш и ослепувајќи со својата красота.  

Тоа е слика на вистинска светлина, и во таа смисла тие навистина се Ангели, зашто ние ги спознаваме, ги доживуваме само како сјај на Божествената светлина, како блесок кој не се намалува, не потемнува, како светлина преумножена, светлина што твори радост, што донесува живот - а суштината на нивното битие и суштината на нивната светост останува тајна меѓу нив и Бога, Кој ги познава длабочините на Своето создание... 

Но нивната лична светост ни е дојавена уште и со оние посебни имиња со кое секој од нив е именуван. Некои од тие имиња влегле во Светото Писмо, ì биле откриени на Црквата, и тие ни покажуваат во што е нивната лична светост. Архистратигот на небесните Сили, на кој му се посветени голем бој од нас, е наречен Михаил. „Михаил“ е еврејски збор, и значи „Никој не е како Бог“; и тој збор ја искажува сета состојба на големиот Архангел, кога Деницата се кренала против Бога, сакајќи да се постави во некаква, макар и тварна, одвоеност и самостојност, и кога станал големиот Архангел Михаил и го изговорил тој збор, кој потоа го определил него самиот: „Никој не е како Бог“, и го утврдил во таков однос спрема Бога, кој го направил чувар на рајската врата. „Никој не е како Бог“ - во тој збор е искажано сето познание на големиот Архангел на својот Бог. Тој не Го опишува  Бога, не Го објаснува - тој станува и сведочи. Во тоа е неговото учество во блесокот на Божеството, и во тоа е мерата со која тој ја пренесува таа светлина и ни го открива патот кон тајната Господова со своето слово и со тоа име, коешто го искажува сето негово недостижно искуство на недостижниот Бог.

На иконите, Архангел Михаил се претставува во оклоп и со огнен меч во раката. Тој со ногата гази врз змеј, кој го символизира злото; Архангелот стои пред вратата на рајот, не дозволувајќи во тоа свето и свештено место да влезе оној што не е подготвен; и тој, уште, се претставува на вратите на иконостасот низ кои духовништвото излегува од олтарот; свештеникот со Евангелието, на Големиот Вход, или ѓаконот на ектените; тоа е вратата низ која во литургискиот, богослужебен ред, никој не влегува во Свјатаја Свјатих, во олтарот. 

Друг Архангел, Гавриил, чие име значи “Крепост Божја”, се изобразува на оние врати низ кои ѓаконот за време на богослужењето се враќа во олтарот. Гавриил е оној кој ни возгласува дека вратата е отворена, за да можеме повторно да влеземе во Божјото присуство: дека силата Божја е објавена, дека Бог победил и дека сме спасени. Од евангелистот Лука знаеме дека Архангелот Гавриил му ја пренел веста на Захариј за раѓањето на Јован Крстител; тој ì ја пренел благата вест на Дева Марија дека Таа ја добила благодатта во Бога и дека на светот ќе му го роди неговиот Спасител; затоа на иконите го гледаме со маслиново гранче во раката - знак на помирување на Бога со луѓето.

На денот на сбветителот чие име го носиме, велиме дека е тоа „ден на нашиот Ангел“. Во извесна смисла, во смисла на нашата посветеност на тој светија, тоа е точно; но, со разни свети луѓе - впрочем, како и со разни обични луѓе коишто нè опкружуваат - нашето општење е различно: едни ни се лично поблиски, преку молитвата и преку нивното житие, коешто сакаме макар да го имитираме; на други им се восхитуваме некако оддалеку. А со Ангелот чувар, пак, нашите односи се сосема поинакви: ние сме му предадени, и тој е наш чувар, без оглед дали му се обраќаме, дали воопшто си споменуваме за него - како да е наш татко и мајка, со кои имаме нераскинлива врска, без оглед што ние мислиме за нив, како постапуваме со нив и како се однесуваме спрема нив...
И уште: еден човек на земјата бил наречен гласник и ангел на црковната вера: тоа е Јован Крстител, и за него читаме слова слични на оние коишто погоре ги кажав за Ангелите. За него во почетокот на Евангелието по Марко се вели: Тој е - гласот на оној што вика во пустињата ... Тој е глас, тој е звук на Господовиот глас, тој е - ангел, зашто преку него говори Самиот Бог, а самиот тој за себе вели дека треба да се смалува, за во полна мера пред луѓето да застане образот Господов.
 
3.angeli.so.truba

Тоа е - патот на земјата; ние треба да се смалуваме, постепено губејќи го она што ни изгледа скапоцено, а всушност претставува засиреност на нашето видливо естество. Ние мораме постепено да стануваме прозрачни, за да станеме некако невидливи - како невидлив скапоцен камен, кој може да се забележи само ако се осветли со онаа светлина којашто, кога ќе падне на него, осветлува сè наоколу. Тогаш ние како да губиме нешто од нашето временско битие, но само затоа за да го стекнеме познанието на Бога, единствено кое секој од нас, кој себеси се нарекува „јас“, може да го има, и коешто тој може да им го јави на другите, зашто секој од нас го спознава Бога на единствен и на неповторлив начин. Нашиот пат е - од земјата кон Небото, од нашата тешка воплотеност кон просветленост и прозрачност...


подготви: д-р Драган Михајловиќ

 3.angeli.so.truba

Друго:

Што преставуваат предметите во рацете на ангелите?

 

Sample Image

 

 

Извор:

TVITer270

П.П.2007-08-23 11:03:25