Берово. 30 август 2016

Камче по камче, молитва по молитва и полека вештите раце на монахињата Синклитикија им ја даваат душата на камчињата од мозаикот каде се наѕира ликот на Свети Архангел Михаил. Уникатната уметност сокриена во малата и скромна работилница во женскиот манастир „Св. Архангел Михаил" во Берово, каде само ударот од чеканот ја нарушува тишината во овој духовен рај, последниве две години изгради раритетна галерија на мозаици, единствена од таков вид во земјава.

Сестра Синклитикија ни вели дека самата изработка на мозаиците бара многу трпение и внимание, а таа оваа уметност ја научила пред 10 години кај професорот Благоја Кузмановски и со нејзиното доаѓање во беровскиот манастир, со оваа уникатна уметност му дава посебен белег на женскиот манастир во Берово.

- Секоја од монахињите си има свои послушанија согласно со потребите на манастирот. Но, сите во манастирот изработуваме мозаици. Во дворот имаме галерија каде се изложени дел од мозаиците. Кога изработувам мозаици, тогаш сум најрадосна, бидејќи имам најголема концентрација и внимание и сето тоа е поткрепено со Исусовата молитва - Господи Исусе Христе помилуј, Господе Исусе Христе помилуј, Господе Исусе Христе помилуј! Тоа е она со што ни започнува денот и со што ни завршува. И така, камче по камче, молитва по молитва, така се стигнува до крајната цел. Посебна е радоста на изработка на мозаици, бидејќи на ладниот камен му даваш лик на светец, вели сестра Синклитикија.

Таа објаснува дека мозаиците се изработуваат со природни камчиња и со камчиња од 24-каратна позлата. Тие се лепат со брашно и вода и со техника која бара многу трпение и време.

- Има два вида техника на изработка, директна и индиректна, ние ја работиме индиректната и најчесто изработуваме мозаици кои се по порачка. Имаме и готови мозици кои се во галеријата и нив ги купуваат туристите кои овде поминуваат и кои, се разбира, немаат време да чекаат. Инаку, најмногу работиме по порачка, бидејќи за изработка на еден мозаик треба повеќе месеци. Времето на изработка на еден мозаик зависи од големината на мозаикот и од големината на камчињата кои се користат. Ние работиме со посинти камчиња и затоа ни треба време од 4-5 месеци. Ако работиме за некоја црква се работи според мерки. Нашата техника бара време, да кажам дека најпрво се зема мерка, потоа се подготвува даска на која се лепи платно, се мачка со туткал, па се црта ликот. Во меѓувреме се иситнуваат ситни камчиња и се лепат од обратната страната. Следната фаза е ставање малтер и арматура и се чека 4-5 дена зависи каква е температурата. Кога ќе го отворам мозаикот, тогаш се гледа вистинското лице на светецот, рече Синклитикија.

Летна школа за мозаици


Со доаѓањето на сестра Синклитикија, се развива уникатната уметност во манастирот. Сестра Синклитикија има намера, освен монахињите во манастирот, оваа уметност да ја учат и децата од Берово или други заинтересирани, па во неа се развива идејата овде да се отвори и летна школа за мозаици.


Желба ми е да направам летен курс за деца кои ќе прават мозаици. Се разбира дека програмата ќе ја приспособиме на возраста на децата кои ќе можат да работат полесни изработки. Со изработката на мозаиците верувам дека децата ќе се научат и на трпение. Се надевам дека оваа моја идеја ќе стигне и до родителите и до децата кои имаат дарба за уметност. Мора да кажам дека групи од странски туристи доаѓаат овде во посета и сакаат да ја научат изработката на мозаиците, раскажува сестра Синклитикија.Голем интерес кај туристите на манастирската галерија
Уникатната галерија на мозаици редовно ја посетуваат туристите кои доаѓаат во Малешевијата. Нема човек кој го посетил Берово, а да не дојде во женскиот манастир, а овде во скромна просторија со белег на стара малешевска архитектура, е сместена вредната галерија на мозаици. Од дрвените сталажи и витрини, освојуваат мозаиците на кои се прикажани ликови на светци. Една гостинка од Бугарија, специјално дошла во манастирот за да го купи мозаикот на кој е претставен светиот крст со убави светли камчиња.
Јас се вратив за да го купам овој мозаик. Преубав е, верувајте дека кога го видов првпат, ми остана во мислите и затоа се вратив. Воодушевена сум од изработката на овие мозаици, рече туристката од Бугарија.
Парите од продажбата на овие дела се приходот од кој манастирот се издржува.
Средствата од продажбата на мозаиците се наменети за одржување на манастирот и животот во него. Купуваме дрва, вршиме некои интервенции во манастирот. Освен мозаиците, изработуваме и бројаници, слатко од шумски плодови и други изработки, истакна сестра Синклитикија.

Легендата и манастирот
Женскиот манастир „Св Архангел Михаил" е изграден во 1818 година, карактеристчна е автентичноста на црквата која е вкопана во земјата, но и традиционалната малешевска архитектура на манастирските конаци. Денес во манастирот живеат две монахињи и две искушенички кои ја продолжуваат двовековната традиција на жив женски манастир.- Туристите кои доѓаат на посета потоа со голема радост сами ја раскажуваат приказната за манастирот. Архитектурата на манастирот, црквата вкопана в земја, старите икони, како што е раритетната икона на дедо Ное, нашите изработки, и сето тоа надоградено со мирот и спокојот кој тие го чувствуваат кога влезат во манастирот, ги воодушевуваат посетителите, вели сестра Синклитикија.
Според далеку познатата легенда која се раскажува на туристите, верниците ја изградиле црквата за 40 дена, вкопана во земја, а надворешниот ѕид бил премачкан со саѓи и вар. Со ова тие испочитувале дел од условите дадени од валијата, црквата да се изгради за 40 дена и таа да не се гледа од патот. Конаците се дрвени, обликувани во староградски стил од 19 век. Во него било првото ќелијно училиште. Низ годините, женската сестринска заедница одиграла голема улога во духовноста, просветеноста и ослободителните идеи на населението од овој крај. И денес, манастирот љубоморно ја чува верската, историската и културната традиција издигнувајќи се како промотор и бедем на националниот и малешевскиот дух.

Даниела Такева