Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева / Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.

Лектор: Ивана Кузманоска

Секако, многу моменти од нашиот живот не беа лесни, но крстот е биографијата на живеењето на секој човек. Впрочем, како што многу нешта не беа лесни, имаше и многу што беа радост, раскажува владиката Јосиф навраќајќи се на своето детство

Додека говори со смирувачки тон и зборови полни со љубов и разбирање за неговите тешки моменти во животот – кога растел без родителска љубов и закрила, не може, а да не си помислите колку се бесмислени и неважни сите ситници што ве изнервирале во текот на денот.

Митрополитот тетовско-гостиварски, г. Јосиф, дефинитивно е нетипичен владика. Ова го заклучувате откако ќе сврзете само два-три збора со него. Тој е најмладиот владика во Македонската православна црква-Охридска архиепископија и негува огромна љубов, грижа и посветеност кон децата што растат без родители, живот кој самиот го искусил, но го направил посилен.

- Тие деца се моето големо семејство. Заборавајќи на нив, значи дека сум се заборавил себеси, сум заборавил кој сум – вели митрополитот тетовско-гостиварски, г. Јосиф, во интервјуто за Факултети.мк.

Од живот во згрижувачко семејство и дом за деца без родители до владика во МПЦ-ОА и татко на Тетовско-гостиварската епархија... Кога ќе се сетите на патот што сте го изоделе, какви мисли Ви навираат?

- Христијанството живо ми покажа и ме научи, во што силно верувам и го доживувам како вистина, за сè да Му благодарам на Бога. Тој знае зошто, кога и како, а нашето амин на Неговата волја е доверба во промислата на Отецот Небесен. Секако, многу моменти од нашиот живот не беа лесни, но крстот е биографијата на живеењето на секој човек. Впрочем, како што многу нешта не беа лесни, имаше и многу што беа радост.



Митрополит тетовско-гостиварски, г. Јосиф

Веројатно не е лесно да се одговори на прашањето какво детство имавте? Но, како сега како возрасен човек и некој што се одлучил да му служи на Бога гледате на Вашето детство?

- Како на промисла Божја. А во промислата Божја, колку и да е тоа чудно, особено за денешниот, современиот човек, секогаш има љубов и правда. Мојот животен пат започна во дом-семејство, каде што ме воспитаа како свое дете, како вистински родители, со многу посветеност и љубов. Потоа бев префрлен во Домот за деца без родители, каде што ги поминав годините до полнолетството, во меѓувреме запишувајќи се во Македонската православна богословија. Токму мојата матична воспитувачка во домот, која до ден-денес ја чувствувам како вистинска мајка, ме насочи кон моето богословско образование.

Кога знаевте дека ќе му се оддадете на Бога, дека ќе му служите на православието? Сепак, постоела личност со која растевте што влијаела врз таа одлука...

- Како што споменав – иницијативата да се запишам во Богословијата беше на мојата матична воспитувачка од домот. Се сеќавам колку беше упорна во напорите да ми ја посочи користа од тоа да се насочам кон служба на Црквата, но и колку се потруди да ме запише во училиштето, а во тие години навистина имаше особен интерес. Тоа беше темелот, а би рекол дека градбата на мојот понатамошен животен избор ја устрои друга личност, а тоа беше игуменот на Бигорскиот манастир „Свети Јован Крстител“, архимандритот Партениј, од кого, уште кога го запознав, ја примив љубовта кон монашкиот живот. И тоа беше одлука, избор кој ме ослободи. Секако дека имав и други можности и не е дека не сум размислувал, но љубовта кон монашкиот живот, кон целосната предаденост на Христа Господа и на Црквата, беше нешто што целосно ме исполнуваше.

Одржувате ли контакти со децата со кои растевте, следите ли каде се и како живеат?

- Често навраќам во Домот за деца без родители, или едноставно да го посетам местото каде што поминав години од мојот животен век, да се видам со старателките, како и со децата кои можеби не се мојата генерација, но делиме иста судбина, или да споделам со нив, за нивните потреби, од тоа што сега го имам и можам. Исто така, го посетувам и домот „Порака“ во Неготино, со кој и емотивно сум поврзан поради лични причини. Тие деца се моето големо семејство. Заборавајќи на нив, значи дека сум се заборавил себеси, сум заборавил кој сум. Контактирам колку што ми дозволува времето. А, вредно е да споменам дека токму некои од децата, во времето кога бев во домот, за мене беа инспирација дека и ние, кои уште од многу мали сме ја почувствувале суровоста на животот, имаме шанса и можности во општеството, ако се потрудиме. Така, уште во тоа време, паметам, од децата од домот продолжија да се школуваат и успешно дипломираа двајца воени офицери, двајца доктори, петмина правници, двајца спортски инструктори кои завршија на ДИФ, потоа филозофи итн. И денес многу од децата во домот успешно го завршуваат школувањето и работат во државната администрација, приватниот сектор, некои имаат и свој бизнис.

 

 

Малкумина знаат дека организирате многу хуманитарни акции, но и самите им донирате на деца без родители, на социјално загрозени семејства... Од луѓето околу Вас дознаваме дека тоа најчесто го правите анонимно. Ги мотивирате ли и верниците да го прават истото?

- Милосрдието е основната добродетел во христијанството. Милосрдието е израз на љубов и грижа. А примерот на љубовта најдобро ни го покажа нашиот Господ Христос. Ако сакаме некому да му го предадеме тоа предание, тој начин, треба и самите да го исполнуваме, да дадеме пример. Но од едноставна цел – зашто така чувствуваме, не од некоја друга потреба.

Живеете во Лешок, постојано сте меѓу народот... Се добива впечаток дека не сте типичен владика и дека до Вас секој може да дојде. Како всушност гледате на Вашата мисија како владика?

- Мисијата на епископот е да се грижи за духовниот живот во доверената епархија, да се грижи за доверената паства. Епископот секогаш треба да сведочи со делата и со животот. Да биде пример во верата, во ревноста, во службата, да поттикнува, да проповеда неуморно – сведочејќи ја евангелската вест со која Христос ги промени и светот и човекот, веста која ни го донесе спасението од секоја заробеност, дури и од онаа егзистенцијалната – смртта. Од животот во Бигорскиот манастир научив дека на денешниот наш верник во Македонија треба да му ги отвориме портите, да му го отвориме срцето. Кога човек ќе види отвореност и искреност, ќе види жртва, и тој ќе биде подготвен да се довери и да стапне во заедница.

 

 
Веќе пет години сте владика на Тетовско-гостиварската епархија... Каков е Вашиот впечаток за младите, што најмногу ги мачи?

 
- Младиот човек, како и секогаш, е жеден за одговори, а особено е во потрага по добар пример, во кого и од кого ќе научи. Не што било, туку ќе научи морал, одговорност, сталоженост, принципиелност... Младите лесно се разочаруваат и затоа со нив треба внимателно да се постапува и на вистинскиот начин. Тие ја бараат вистината, бараат правда, бараат можност да се докажат и да го покажат тоа што го знаат. Денес се соочуваме со многу предизвици, како менување на вредносниот систем, општествени промени, економски осцилации, премногу политика, а помалку можности за работа, за творештво и за изразување. Затоа младите, еден дел, се разочаруваат, се повлекуваат, се фрустрираат, се ограничуваат, а друг дел заминуваат во потрага по подобри можности.

Тетовско-гостиварскиот регион не е имун на иселувањето, веројатно и самите сте сведок на оваа појава... Каков е Вашиот став околу ова прашање?

- Миграцијата отсекогаш постоела. Некогаш била понагласена, некогаш помалку. Денес во Македонија главно се соочуваме со економска миграција, барање подобри услови за живот, за заработка, за докажување. Проблемот главно го гледам во нас самите, во поставеноста на системот, во кој други мерила имаат повеќе предност и се пресудни, отколку искуството, образованието, во кој владеат корупција и криминал. Сè додека припадноста кон одредени интересни групи или, пак, пријателствата и роднинските врски сè пресудни, младите ќе се разочаруваат и ќе бегаат.

Образованието во земјава е исто така во голема криза, од основното до високото. Големите експерименти во секој сегмент си го направија своето. Со оглед на тоа што сте го поминале македонското образование, каде треба да се прават коренити промени и во која насока?

- Проблемот е во личноста. Системите, кои главно се преземаат како нечие искуство, се проверувани, поминале многу филтри и процедури, тие се горе-долу добри. Проблем е самиот човек, неговите навики и, за жал, тоа што современиот човек се свртил кон себеси и своите потреби ги ставил на пиедесталот, како цел и смисла на животот. Се загубила заедницата со Бога и вредностите што произлегуваат од односот Бог-човек. Затоа и образованието, место насоченоста да го воспитува човекот, да го образова, според смислата на зборот – образот на него да го сочува и оствари, ја губи смислата за која постои.



Имате ли некоја порака за младите што живеат во Македонија, во што да ја бараат надежта?

- Да бидат поупорни во борбата за промени, а млаки во разочарувањето и да не го избираат „бегањето“ од овде како единствената и најнужна опција. Треба прво да се потрудиме себеси да се измениме и правилно да се изградиме за да можеме и светот околу нас да го менуваме и да го изградуваме. Ако не тргнеме од себе, не можеме да стигнеме до другите. А градењето и остварувањето на нас како личности е во заедницата со Личноста по чиј образ сме – со Бога.

 

Извор: http://www.fakulteti.mk/news/22062018/mitropolitot-tetovsko-gostivarski-g-josif-decata-od-domovite-se-moeto-golemo-semejstvo-ako-gi-zaboravam-sum-se-zaboravil-sebesi

22.06.2018 лето Господово