Скопје, 26 август 2018 (МИА) - Интервјуто со Игуманијата Перпетуа од манастирот Успение на Пресвета Богородица кај Матка го направивме пред патрониот празник на овој христијански храм, кој е еден од најпосетуваните во скопскиот регион. Игуманијата Перпетува зборува за значењето на овој христијански празник посветен на Успението на Богородица, но и за работилницита во која сестринството изработува свештеничка и владичка облека, за што порачки се добиваат од целата православна екумена. На денот на Успението на Пресвета Богородица 28 август во манастирот традиционално литургија одржува Архиепископот на Македонската православна црква г.г. Стефан, а од предвечерието на празникот манастирската црква ја посетуваат многу верници.

Интервјуто го правиме во пресрет на празникот Успение на Пресвета Богородица - 28 Август. Ова е празник на манастирот, којшто жителите од овој крај го одбележуваат од памтивек. Зошти е значаен овој христијански празник?

Ова е празник на Пресвета Богородица, која сите ја сакаме и ја почитуваме. Богородица е заштитничка како на целиот свет така и на Градот Скопје, а заштитничка е и на нашиот манастир. Таа е таа што не собира на овој празник нејзиното Успение за овој живот и воскреснување за Царството Небесно во вечен живот. Подвигот на Мајката Божја е доста впечатлив, целиот нејзин живот бил во постојан подвиг и страдања затоа што таа знаејќи ја улогата на својот Син и Бог Господ Исус Христос овде на земјата, од сам почеток била спремна за сите случувања, мачењето на Христос, за самото распнување, како мајка под крстот стоејќи гледајќи го својот Син распнат можеме да замислиме во каква состојба и било срцето. Таа знаела за сето тоа и била подготвена, и било јавено од Бог. Прво основно и самото зачнување на Христос и било јавено од Архангел Гаврил. Целиот нејзин живот е во едно послушание кон Божјата промисла за човештвото и за неа како главен фактор преку којшто нашиот човечки род ќе се спаси. После Христос таа е наредна која воскреснува со тело.

 

Како манастирот го одбележува својот патронен празник?

Со одбележување на празникот почнуваме на 27 август во попладневните часови со Вечерна Богослужба, потоа ќе се одржи Духовна академија, која се одржува традиционално неколку години по ред. Околу 20 часот треба да заврши Духовната академија и потоа почнува народен собир кога доаѓаат мноштво мештани од околината и други верници, а се подготвува и посна вечера. Се изведува и традиционална македонска изворна музика. Околу 23:30 часот започнува сеноќно бдение кое трае до раните утрински часови на 28 август до околу 5 часот. Во 8:30 часот го пречекуваме Архиепископот г.г. Стефан и почнуваме со Божествена Литургија, која ќе заврши некаде околу 11 часот. Потоа повторно се дава ручек. Традиционално секоја година за време на одбележувањето на празникот се одржува крводарителска акција.

 

Манастирот Успение на Пресвета Богородица е еден од најпосетените во скопскиот регион. Од кога датира манастирот и кои се неговите најзначајни обележја?

Манастирот датира од 1337 година. Црквата ја изградил Бојко, господар на Матка. Тој не бил доволно имотен човек за да може комплетно да ја заврши целата црква. Црквата останала нефрескописана. Затоа имаме некаде на крај на 14 почеток на 15 век втора ктиторка Милица која ја има најдено црквата откриена, значи без покрив, ја препокрила, ја фрескоживописала и има купено лозја, односно имоти за манастирот. Периодот кога се цртани фреските веќе не е подемот на Византија, туку византиската уметност е во опаѓање, но сепак фреските имаат своја убавина и вредност. Во изборот на фрески преовладуваат претежно монаси пустиножители и преподобни, тоа сведочи за манастир кој во тоа време бил жив активен манастир, во него живееле и се подвизувале монаси (машка заедница). Затоа и фреските, освен на позициите кои се зацртани според правилата на црковното животописување кај што треба да стојат настани од животот на Господ Исус Христос, Успението на Пресвета Богородица, настани од евангелието, има позиции каде што е оставен слободен избор на светители и таму се одбрани монаси и пустиножители, како старец Онуфриј, Свети Марко Трачески, Света Марија Египетска...Исто имаме интересна фреска на која ангел му јавува на Ава Пахомиј, којшто е основоположник на општежителното монаштвото, како монасите треба да се облекуваат. Многу е краток периодот кога во манастирот Успение на Пресвета Богородица кај Матка немало монаштво.

Во педесетите години имало српска монахиња, потоа таа се има повлечено од овде, и краток период манастирот бил без монаштво. На крајот на седумдесетите и почеток на осумдесетите отец Гаврил Светогорец има неколку години живеено во манастиров иако тој претежно одел и се подвизувал по пештерите со кои изобилува кањонот, а живеел овде заедно со неговиот татко кој исто така се замонашил, монах Кирил, и претежно луѓето што доаѓале се среќавале со татко му. Отец Гаврил било реткост да го сретнеш бидејќи тој бил пустиножител. Во 1998 година, пак, е основана монашка заедница во манастирот. Ние сме женска обител. Типикот ни е аскетско-исихастички. Што значи тоа? Тоа значи дека се што правиме, правиме со постојана исусова молитва. Сите служби, освен Литургијата, ни се со кажување на Исусовата молитва. Во манастирот од сам почеток имавме концепт за оформување атеље за изработка на свештени одејанија, и посериозно тоа го реализиравме во 2008 година.

Сестринството изработува свештеничка одежда. Колку години постои работилницата за изработка на ваква специфична облека за свештениците и владиците? Колку тоа ви помага за одржување и развој на манастирот?

Во 2008 година почнавме посериозно да работиме со атељето односно работилницата. Изработуваме владички, свештенички, ѓаконски одежди и комплетно облекување на една црква, се што е потребно од везење и шиење за една црква. Работиме по порачка. Сме имале порачки за Америка, за Русија, за Австралија, за Македонија нормално, во Шведска, на Исланд имаме праќано одежди... Порачки за одежди сме имале од цела православна екумена. Инаку, средствата што ги заработуваме од одеждите ги покрива одржувањето на манастирот и тековните трошоци на сестринството. Додека за посериозни реновирања, реконструкции или градење на нешто ново без помош од страна не можеме.

Што друго опфаќа економијата на манастирот?

Тоа се помали работи. Изработуваме бројаници, имаме сандаци со пчели, почнавме да правиме некои масла од билки, ликери од вино... Ова е сега некој почеток, но тоа е за мало поткрепување на економијата на манастирот. За посериозни проекти се наоѓаме во ситуација да сме зависни од донации и помош од верници.

Во изминатите години манастирот постепено беше обновуван, а беа додавани и содржини за верниците и за посетителите на манастирот. Со какви предизвици се соочувате денес?

Од 1998 година наваму од кога сме во манастирот постепено ги обновуваме конаците, малата гостоприемна, се работеше и на заштита на црквата, кровот на манастирот е исто така обновен, но сепак не е се завршено. Десетина години се обидуваме да собереме средства за реновирање на Архиепископската резиденција во која престојувал Дедо Михал, која се наоѓа во склопот на манастирскиот комплекс. Тој објект датира од 1939 година и е во доста руинирана состојба. Но, засега тој обид е безуспешен бидејќи се работи за поголем проект. Исто така пред три години се направи иницијатива заедно со мештаните од Матка за отворена трпезарија каде што ќе можат да се собираат дел од верниците што доаѓаат на празникот Успение на Пресвета Богородица, која би се користела и во други прилики и на други празници за верниците и граѓаните, па дури и туристи што доаѓаат во манастирот. Но, за овие три години собравме многу малку средства за сериозно да почнеме со градење на оваа трпезарија.

Преземено од МИА: https://www.mia.mk/mk/Inside/RenderSingleNews/288/134421665