66. Што е Символот на верата?

Символот на верата е учење за тоа во што треба да веруваат христијаните. Тој е изложен во кратки, но точни зборови.

67. Како гласи Символот на верата?

Верувам во Единиот Бог Отец, Седржител, Творец на небото и на земјата, и на сè видливо и невидливо;
И во Единиот Господ Исус Христос, Син Божји, Единороден, Кој е роден од Отецот пред сите векови; Светлина од Светлина, вистински Бог од вистинскиот Бог, роден, нестворен, единосуштен на Отецот, преку Кого сè станало;
Кој заради нас луѓето и заради нашето спасение, слезе од небесата и се воплоти од Светиот Дух и Марија Дева, и стана човек;
И Кој беше распнат заради нас во времето на Понтиј Пилат, и страдаше и беше погребeн;
И Кој воскресна во третиот ден, според Писмото;
И Кој се вознесе на небесата, и седи оддесно на Отецот;
И Кој пак ќе дојде со слава, за да им суди на живите и на мртвите, и Неговото царство не ќе има крај;
И во Светиот Дух, Господ, Кој живот твори, Кој исходи од Отецот, Кој со Отецот и Синот е почитуван и славен, и Кој говорел преку пророците;
Во едната света, соборна, и апостолска Црква;
Исповедам едно крштение, за простување на гревовите;
Го чекам воскресението на мртвите;
И животот во идниот век. Амин.

68. Кога и од кого е создаден Символот на верата?

Учењето за верата кое ни е изложено во Символот на верата, нам ни е дадено на тој начин од светите отци на Првиот и Вториот вселенски собор.

69. Што е тоа Вселенски собор?

Вселенскиот собор е собор на пастири и учители на христијанската соборна Црква, кои, по можност, на Вселенски собор доаѓаат од целата Земја. Тој собор се свикува за утврдување на вистинитото учење и благочестивост помеѓу христијаните.

70. Колку вкупно Вселенски собори се одржани?

Вкупно се одржани седум Вселенски собори: I Никејски (325 год.); II Константинополски (381 год.); III Ефески (431 год.); IV Халкидонски (451 год.); V Константинополски (553 год.); VI Константинополски (680 год.); VII Никејски (787 год.).

71. Од каде потекнува правилото на одржување на Вселенски собори?

Правилото да се свикуваат Собори е основано врз примерот на апостолите кои свикале Собор во Ерусалим (Дела 15.). Освен тоа, како основа за свикување на Собори ни е и кажаното од Самиот Господ Исус Христос, Кој на дефинициите за Црквата им дал таква важност што оној кој ги нарушува се покажува како лишен од благодатта, како кривоверен. Кажи ѝ на Црквата, па, ако и Црквата не ја послуша, тогаш нека ти биде тој како незнабожец и митник (Мт. 18, 17). Начинот на кој Вселенската Црква ги искажува своите суштествени определеби е токму Вселенскиот собор.

72. Зошто се свикани Првиот и Вториот вселенски собор?

Првиот и Вториот вселенски собор на кои е составен Символот на верата, биле свикани заради следниве причини: првиот – за утврдување на вистинитото учење за Синот Божји, против лажното учење на Ариј; а вториот – за утврдување на учењето за Светиот Дух, против лажното учење на Македониј.

73. Колку правила (канони) се создадени на тие собори?

Првиот вселенски собор составил 20 правила (канони), а Вториот, пак, составил 7 правила (канони).

 

Извор:

http://koe.mk/za-simvolot-na-verata/

 

Друго: