Ptica.volet.jpg

 Сејачот


“Ете излезе еден сејач да сее, и се случи, кога сееше, едни зрна да паднат покрај патот, па долетаа птици небески и ги исколваа. Други паднаа на каменито место, каде немаше многу земја и набргу изникнаа, оти земјата не беше длабока, а кога изгреа сонцето, тие свенаа, па како немаа корен, се исушија. Некои паднаа во трње, и израсна трњето, и ги задуши, и не дадоа плод. А, други паднаа на добра земја, и почнаа да даваат плод, што израсна и узреа, и принесоа: кое триесет, кое шеесет, кое сто . . . “    (Марко 4; 3-8)   

Времето за сеидба одамна помина, а Сејачот веќе се прибрал, наѕирајќи позади прозорците, часкум расположен, часкум со затскриен поглед матен од солзи . . . И се поради посеаното, кое беше Словото. Тоа не беше интерпункциски знак со значење на составен дел од една низа која како збор ќе зажари, поттикне или навреди, но во никој случај нема да претставува Бог. Беше Тој или заповедтта сеедно, бидејќи Неговата суштина од љубов даваше плод и ако Му се отвори срцето, но и ако Му се зачекори по патот. Беше наречен Слово како нашата навика да почнеме со говорот со тенденција да дадеме причина за се, нормално како толкувачи на смислата на живеењето.
 Едни зрна паднаа покрај патот, па долетаа птици небески и ги исколваа. Тоа бевме ние кои додека Бог говореше, стоевме покриени со себедопаѓањето и му дозволивме на Злиот да се самопочести со она што требаше да бидат наши плодови. Ни ја грабна тој милоста од отворените рачички, тогаш сеуште неразбудени за вистинската Вистина.
Други паднаа на каменито место, каде немаше многу земја и набргу изникнаа, оти земјата не беше длабока, а кога изгреа сонцето, тие свенаа, па како немаа корен, се исушија. Тоа бевме ние кои додека Бог говореше, ракоплескавме со радост до небесата, со благослови на усните и веќе подготвена визија за билет до рајот. Но, коренот ни се испокинал за да ја зацврсне нашата непостојаност и ние избезумени од гонителите се колнеме во невистината дека сме поверувале и се повлекуваме и позади своите стапалки и позади сомнителната совест.
 Некои паднаа во трње, и израсна трњето, и ги задуши, и не дадоа плод. Тоа бевме ние кои додека Бог говореше, се грижевме за овој век и свет. Не заслепи лажниот ѕвекот на богатството со материјален облик и желбите полни со блуд со сопственото тело и туѓите страсти и се најдовме задушени и неплодни. Погледнете назад и јасна ќе биде претставата на Злиот и долгата поворка на несреќници кои не успеале да се оттргнат од ритамот на хаосот.
А, други паднаа на добра земја, и почнаа да даваат плод, што израсна и узреа, и принесоа: кое триесет, кое шеесет, кое сто . . . Тоа бевме ние кои додека Бог говореше, слушавме со сетилата на срцето не поткревајќи го погледот од земјата, љубејќи го својот ближен како себе си, не убивајќи и не лажејќи, не изневерувајќи и не посакувајќи, и имајќи само еден Бог, оној од небото со неговиот Син и Дух. И затоа сега се оплодивме и дадовме род полн со надеж, со физиономија на вера, и налик на љубов . . .
Сејачот веќе се прибрал и позади прозорците солзеше . . . Толку Голем, а плаче, си помислив А зар вие не ќе плачевте кога вашите деца ќе тргнат кон бездната, кога ќе ги одведат птиците преселници, кога ќе ги касне змија реинкарнирана и кога ќе ги дувне ветерот низ прашината? Ќе плачевте и по нив, но и по оние малкуте кои ќе ве прегрнат и помеѓу секој стисок ќе се проколнувате зошто не се повеќе . . .

 

SP Apostol

3- ти декември, лето Господово 2013