Goran.S.Velig3.jpg

презвитер Горан Стојчевски
МЛАДИОТ ЧОВЕК И БИБЛИЈАТА

 

Насловот на денешната тема нè навраќа на евангелската средба на младиот човек со Христа и неговото прашање до Спасителот, учителе добар, какво добро треба да направам за да имам живот вечен? Нашиот Господ му одговара, дека за да влезе во животот, треба да ги исполнува заповедите, и ги наведува оние најсуштествените за секој истражувач на вистината, не убивај, не прељубодејствувај, не кради, не сведочи лажно, почитувај ги родителите и љуби го ближниот свој како себе си.

И токму овие заповеди нè воведуваат во животот, во оној природен начин на нашето постоење, во состојбата во која се наоѓаа и нашите прародители пред гревопадот. Многумина кога ќе пристапиме на исповед, барем оние првонаброените заповеди тврдиме дека сме ги запазиле, но особено треба да посветиме внимание на онаа, да го љубиме ближниот свој како себе(дали го љубиме), дали личноста наспроти нас ја гледаме како Христос, дали ја гледаме како образ Божји, како човек врз кого почива Божјото вдахновение, или наједноставно дали себе се гледаме во личноста спроти нас? Преку однесувањето кон ближниот, го градиме и нашиот однос со Бога, или како што вели свети Јован Богослов, кој не го љуби братот свој кого го видел, како може да љуби Бога, кого не го видел.

Нашето спасение во Црквата, зависи од нашето однесување кон ближниот, правете го она на луѓето што сакаат вам да ви го прават, вели Господ, да љубиме  -за да нè љубат, да почитуваме - за да бидеме почитувани, да не осудуваме - за да не бидеме судени итн. Како и тогаш, така и денес, младиот човек не е задоволен од одговорот, понесени од својот ентузијазам, горе-доле преку самооправдание и ние ги извршуваме заповедите, но бараме совршенство, младиот човек го бара вечниот живот, а тоа е состојбата до која Адам требаше да стигне и да го изгради подобието Божјо, односно да го стекне обожението, единството со Бога.

А,  единството со Истокот на Животот, со Бога е и вечниот живот, и затоа Спасителот го советува младичот, да го продаде својот имот и да врви по Него, но момчето си отиде натажено, оти имаше голем имот. Имотот, овде не само материјален, страстите се нашиот багаж,тие се што ги сметаме и исклучиво со нив „можеме„ да се „пофалиме„ за наш имот кој го поседуваме или сакаме да ги поседуваме, или сакаме  да ги оствариме, ако ги уживме и не сакаме  да се одделиме од нив, тогаш сме опсесивни, а кога не можеме да ги реализираме, стануваме нажалени, односно депресивни. Пристапувајќи кон Бога, прво низ исповед, се враќаме како што вели Христос, во животот, да се трудиме да ги исполнуваме заповедите, преку запазувањето на заповедите растеме во љубовта Божја, и како што посведочиле светите отци, и сите подвижници, се чистиме од страстите, од имотот кој сме стекнале во таа богоотуѓеност, за да го добиеме она по кое трагаме, Патот, Вистината, Животот, љубовта -  самиот живот на Света Троица, како што вели св. Григориј Ниски.

Се смета дека толку многу предизвици има со кои се соочува младиот човек денес, дека сè е така сложено, а Христос ја нуди едноставноста, која можеме да ја пронајдеме само во своето срце, како што и Он, Самиот вели, дека сè се решава во нашето срце, од кое произлегува добро или зло. Испитувањето на срцето во активниот или практичниот духовен живот во Црквата, живеење во ритам од Литургија за Литургија, од Причест за Причест е најдобриот начин и е единствениот реален чин на кој можеме да го реализираме своето единство со Христа, но  и да посведочиме на другите за нашата православна вера. Но, и да посведочиме, онака како што нèпоучува Спасителот, да ги пазиме заповедите, а и да врвиме по Него до светост, со благадатта Божја до обожение.
За мене, пример, за еден млад човек (старец Софрониј), од овој век кој ја бара Љубовта и смислата на животот, го наоѓа Него, Личноста на Богочовекот, за да не го троши времето, како што вели самиот тој, целиот свој живот го посветува на молитвата и нè советува,постојано да размислуваме,како денот да го поминеме без грев, или со други зборови светот? Како да ги преобразиме, нашето битие, умот, чувствата, самите наши природни реакции, за да не сториме грев против нашиот Небесен Отец, против Христа, против Светиот Дух, против човечката ипостас,против својот брат, против секое нешто од овој свет.

Или, еден друг млад човек (о. Серафим Роуз), кој прошетал по секоја духовност, а го открил духовниот живот во Христа како единствен излез од овој свет, а излезот од овој свет е само Литургијата на Црквата, со мир да излеземе, и на која пак и се враќаме, пак и пак во мир на Господа да се помолиме... Нема тука бегство од реалноста на паднатиот свет, туку преобразување или пресоздавање на истиот тој свет, преку Христа Исуса Кој го победи светот, а ни подари царство небесно.

---------------------------------------------------------------------------------------------------------------------
*Текстот е прочитан како воведно излагање на тема: Младиот човек од 21 век и Библијата, седницата на Светото Писмо 24 јуни 2014 година

  Goran.S.Velig2a.jpg

17-ти ноември, лето Господово 2014