ВРОДЕН АНТИНОМИЗАМ   

 

Metodij2b.jpg
Меѓу нашите во Канада се раскажува анегдота за тоа како првиот Македонец се спуштил во буре по Нијагарините водопади. Тоа во почетокот на минатиот век била мошне популарна егзибиција за докажување на храброста. Приказната вели дека на шега овој наш земјак, при неговата прва посета на водопадите, бил наговаран од пријателите, исто така емигранти, да го прослави своето име и да го овековечи своето семејство со еден вратоломен спуст во буре. Тој ни за жива глава не се согласувал со нивната идеја. Убедувањето продолжило и пријателите му предложиле тоа да го стори од патриотски причини и со својот подвиг да ја прослави својата татковина и нација, како што тоа го направиле и многумина пред него. Но нашиот јунак бил цврст во своето одбивање да го прифати предизвикот. Како хипнотизиран ја гледал гигантската река, се восхитувал на божествената убавина и силата на водата, но, од безбедна далечина. Прошетката продолжила и во еден момент тој се нашол пред табличка на која пишувало дека со закон е забрането спуштањето низ водопадот од безбедносни причини. Што! Забрането! - извикал нашиот јунак како попарен. Кој може да ми забрани!?... и го направил славниот подвиг. Ни за родот, ниту за татковнината, туку за инает, за инает на законите.
Кој знае од каде е таа наша посветеност или патолошка навлеченост на антиномизмот? Секако, стои фактот дека противењето кон секој закон ни е вроден украс, заради кој едвам успеваме да го сочуваме идентитетот, меѓу другото. И тоа не е заради нашата авангардна позиција во процесот на глобализација во кој умира западната цивилизација (како и секоја нејзина културна претставка), туку од причина што во историскиот код законот за нас секогаш бил еманација на нечија туѓа волја, на непријател, т.е. поробувач. Премногу долго сме живееле под туѓи закони за да се научиме, најпрвин самите да си ги пропишуваме (се разбира, не во смисла на автоцензура и редукционизам, туку како доблест на одмереност), а потоа и да ги сакаме и почитуваме законите, генерално. Конечно, општеството подразбира организирана група граѓани, а не клуб на анархолиберали. По што ќе нé препознаат, ако не според видливата матрица на поредок. Или со што ќе се идентификуваме, освен со активен однос кон преобразба на безредието. Во нас и околу нас.
Дури и најнасушните закони веднаш се дочекуваат со доза на накострешеност. Ситничарски се обидуваме да им нејдеме некој недостаток или ги релативизираме со толкава доза сарказам, доволна да стопи и камен, а не збор.
Не треба да постојат забрани, туку свест! - тоа е забелешка што секогаш држи. Но свеста никако да заблеска на нашите општествени мегдани. Освен тоа, дури и во најразвиените општества, оние што се окитени со титулата демократски, поредокот е образуван пред сé со закони и сериозни санкции, па дури подоцна во форма на дресура или бургерска етикеција се појавува света и убавото однесување. Законите и казните и кај нив сепак не исчезнале. Тие се потсетник дека некоја мера и граница, некаков усул, во нашето однесување сепак мора да постои.
Свесни сме дека цели народи дегенерирале поради појавата на алкохолизам меѓу најмладата популација. Но тоа не ни пречи по автоматизам да му се противиме на законот кој го ограничува купувањето алкохол. Во некои држави во Америка, забрането е купување алкохол на малолетни и во последниот ден од викендот. Во недела. Така тие ја заштитуваат младината, светоста на неделниот ден и продуктивноста на работниците, кои во понеделник треба да дојдат на своите работни места трезни и орни за работа. Никој не се буни, ниту со Есхиловски патос не ги призива во сеќавање деновите на прохибицијата, кои се исклучително драматичен дел од американската историја. Ако некому му е до алкохолот, тој може во текот на седмичните денови да направи магацин во својот дом, но закон сепак треба да постои. Тоа може да ги навредува деликатните чувства на хипер-либералите за кои ниедна слобода не е доволно бесконечна, но правилата не смеат да им робуваат на исклучоците.
Законите се патокази и потсетници, катализатори на нашите светогледи. Воспитувачи понекогаш со спартански дух. И тука не мислам само на законите што ги пропишува државата, разните устави и статути, правилници и амндмани, туку и на оние непишаните правила, вродениот осет, благочестивото внимание кое извира од нашата добра природа. Не верувам дека некој би бил против забраната за фрлање отпадоци по улиците и собирање на она што нашите миленици бесловесно го оставаат зад себе. Тоа е само еден мал дел од мозаикот. Паралелно со нив треба да се создаваат услови за попрактично исполнување на законите. Внимателно инсталирана инфраструктура, а не само бркање тендери. Часови волонтерска работа и развивање на граѓанската иницијатива, а не меѓупартиско инаетење. За чистењето снег, иако кај нас тој е неочекувана појава, исто така треба да постои граѓански ангажман, па и закон. И тоа е начин да покажеме дека земјата по која газиме е наша татковина. Наше наследство.
За она за што човекот е способен, и во доброто и во злото, ниеден закон не е доволно сеопфатен. Тука не мислам само на човечките закони, туку и на божјите. Бог ни заповеда: не убивај! За жал, низ целата човечка историја не помина ниту еден ден без убиство. По прашање на методите и мотивите одамна се претворивме во вистински виртуози. Дали за тоа е виновен законот, или неговото постоење? Секако не. Не е човекот создаден за законите, туку законите - за човекот. Тоа е точно. Затоа треба да им пристапуваме со поголема доза доверба и благоволение.
Ако успееме да претекнеме и еден закон и да го исполнуваме уште пред неговото пропишување, тогаш тоа е подвиг поголем од она историско спуштање во буре по Нијагарините водопади.


+Митрополит Методиј

Извор: http://www.akmpe.org/index.php?option=com_content&task=view&id=677&Itemid=45

Посети: {moshits}