Shimnik.V.jpg

 
Трудот што го правиме за духовна цел се исплаќа

Во свештениот скит на света Ана, со вера и посветеност, како и низ цела територија на Света Гора, многу благочестиви христијани од цела Грција како и од сите православни земји, ги посветија своите животи и се подвизуваа тука. Особено во скитот на света Ана се имаа подвизувано многу браќа по тело, со добродетели и духовен напредок, како што беа браќата Карцонеи – четворица браќа по тело и четворица духовници, Леонтеи, поп Харалампиј со поп Теодосиј, Гаврил со Јован Митилинјани, други пет браќа во ќелијата „Света Троица“ и многу други за кои слушнавме, но не се удостоивме да ги запознаеме, па затоа и не ги спомнуваме овде нивните имиња.

За да се зацврсти повеќе верата на овие отци и браќа и за да останат до крајот на животот во овие карпи, со разни знаци и чудеса, Себлагиот Бог ја засилуваше и укрепуваше нивната вера и љубов кон свештените и осветени делови на Света Гора.

На разни места на Света Гора се среќаваат на патот мали параклиси, икончиња или крстови, и секој од нив си има своја историја. За овие го изложуваме она што отците усно ни го предадоа:

А). Патот од морето кон скитот на света Ана е многу стрмен и тежок.

Отците, во текот на месец август, на своите плеќи го носеа нивното жито и сè што беше неопходно за прехрана и живот, и со голем труд се качуваа тешко натоварени, зашто од пред 50-60 години не се дозволуваше некој да има стока за товарање.

По неколку години и до денес, нашата вера ослабна, нашата природа изнемоште и полека полека се свртевме кон удобностите и леснотиите на животот. Не знам што придонесе да не продолжи до денес она убаво, строго, но и многу тешко и едвај издржливо Предание, според кое не се дозволуваше пренос на стоките со помош на добиток, но, како што ќе видиме во продолжение, со разни чудесни посредувања на Богородица и на Божествената промисла се засилуваше и распалуваше верата и себежртвувањето на нашите отци.

Еднаш, еден млад послушник, додека го носеше товарот со храна врз своите плеќи, од морето кон ќелијата која се наоѓаше во скитот, изморен седна малку да се одмори. Тогаш сатаната не губејќи време почна да го искушува со разни помисли, и да му шепоти во умот дека неправедно се труди, и дека сè што прави е бесполезно, зашто тоа е за телото, а не за душата, и со многу други слични помисли го измачуваше. Од нив добиваше безволност и загриженост со душевна тага. Но во тој миг слушна еден глас, кој го извести дека е гласот на Пресвета Богородица, како му вели: „Зошто се грижиш и натажуваш, дете мое? Твоите трудови нема да бидат попусти; потта што ја проливаш од напор, искачувајќи се по оваа тешка стрмнина и носејќи го товарот врз плеќите до скитот, и ти и сите твои браќа кои го поднесуваат овој напор, Синот мој и наш Бог, Владиката Христос, ќе го прими како маченичка крв и ова што го слушна да им го кажеш на сите браќа да го качуваат нивниот товар без негодување и ќе добијат вечна награда“.

Монахот, воодушевен од оваа вест на Богородица, исполнет со радост отиде во храмот и сето ова им го раскажа на отците, коишто со радост и трудољубивост ги качуваа нивните товари врз плеќите од морето.

Во спомен на ова чудо, отците, во знак на гласот што се јави, подигнаа параклис во кого ставија икона од Пресвета Богородица и ì заблагодарија што на овој начин им покажа дека се признаваат и исплаќаат трудовите на монасите и на секој човек, кои ги поднесуваат заради љубовта кон Нејзиниот Син.

Подоцна, химнографот на великата Црква Христова, старецот Герасим од Мала Света Ана, го запиша овој историски настан во овој свештен параклис на света Ана.

 

Превод од новогрчки:

Ѓакон Јани Мулев

Наслов на изворникот:

Ο κοπος που γινεται

για πνευματικο σκοπο

πληρωνεται
23/02/2012 Православна светлина.

Преземено од: Ортодоксија и ортопраксија