Скопје, 4 октомври (МИА) - Македонската православна црква денеска и утре одржува редовен годишен Архиепископски црковно-народен собор во ставропигијалниот манастир „Св. Богородица“ - Калишта кај Струга. На Соборот ќе учествуваат претставници од сите епархии и институции на МПЦ.

Бидејќи оваа година се навршуваат 50 години од одржувањето на Вториот црковно-народен собор на којшто е донесена одлука за возобновување на древната Охридска архиепископија во лицето на Македонската православна црква, овогодишниот Собор, покрај работниот дел ќе има и свечен карактер. Свечениот дел  е во насока на одбележување на 50 годишнината од вториот  црковно народен собор, кога беше обновена Охридската архиепископија, додека во работниот дел на Соборот црковните великодостојници ќе расправа за амандманот за додавањето на Охридска архиепископија кон името на МПЦ, како и за дефинирањето на хералдичкото значење на грбот на МПЦ.

Митрополитите Пелагониски и Австралиско-новозеландски господин Петар  и Европски господин Пимен вчера изјавија оти не сметаат дека амандманот за додавање на називот Охридска архиепископија кон името на МПЦ значи менување на името на црквата.

- Не станува збор за менување на името на МПЦ. МПЦ  и натаму останува МПЦ, но нејзиното најголемо достоинство е архиепископија, а  името на архиепископијата мора на некој начин да се означи односно да се усогласи со титулата на архиепископот, односно архиепископијата да биде и охридска и македонска, изјави митрополитот Пелагониски и Австралиско-новозеландски г. Петар.

Митрополитот Европски г. Пимен исто така рече дека не се работи за менување, туку само за дообјаснување на името. - Сите останати православни цркви се титулираат со оние имиња  што  ги носат нивните поглавари - патријарси односно архиепископи. Како што е архиепископот охридски и македонски така е и патријархот српски и пеќки, бугарскиот трновски итн, така што тоа се имињата на местата каде што се устоличени поглаварите на црквите кога биле формирани, посочи владиката Пимен. Тој вели дека не се работи за менување на името или отстапување, туку оти на тој начин само се појаснува дека МПЦ е возобновена Охридска архиепископија, како што впрочем стои и во преамбулата на Уставот на МПЦ.

- Сигурно дека на овој начин со дообјаснување ќе се заштити името на Охридската архиепископија за да не може истата да се злоупотреби од некоја друга организација која би го користела тоа име, додаде г. Пимен.

Во рамките на свечениот карактер на соборот во црквата „Св. Софија“ во Охрид вечер во 20 часот ќе биде одржана свечена академија, а претходно во 18 часот во манастирот „Св. Пантелејмон и Св. Климент“ на Плаошник ќе се одржи Вечерна богослужба. Утре изутрина во 8 часот и 30 минути, ќе биде отслужена света архиерејска литургија со која ќе чиноначалствува архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан, во сослужение на сите архиереи на МПЦ.

Црковно-народниот собор во Калишта ќе го отвори поглаварот на МПЦ г.г. Стефан.

Првиот Собор се одржал на 4 и 5 март 1945 година во Скопје. На Соборот е утврдена вековната желба на македонскиот народ за возобновување на Охридската архиепископија според 17. и 30. правило на Вселенскиот собор, и според 800-годишното постоење на Охридската архиепископија како Помесна православна црква како дел од Едната, Света, Соборна и Апостолска Црква. На Соборот е утврдено да се изберат епископи од македонскиот народ, како и да се задржи карактерот на Охридската архиепископија како родна црква на македонскиот народ. Утврдено е титулата на поглаварот да биде Охридски архиепископ, црквата Светиклиментова охридска архиепископија, а архиепископот да биде востоличен во Охрид на тронот на охридските архиепископи.

Вториот Собор бил одржан од 4 до 6 октомври 1958 година кога е возобновена Охридската архиепископија во лицето и како Македонската православна црква со тогашни три епархии: Скопска, Охридско-битолска и Злетовско-струмичка. На чело на МПЦ на тронот на охридските архиепископи во Охрид во црквата Св. Климент Охридски (Св. Богородица-Перивлепта) на 5 октомври 1958 беше востоличен архиепископот г.г. Доситеј со титула архиепископ охридски и скопски и митрополит македонски, а седиштето на МПЦ е определено во Скопје.

На 6 октомври 1958 е донесен Уставот на МПЦ, раководена според каноните, правилата и преданието на Светата православна црква.

Третиот Собор бил одржан на 17 јули 1967 година кога е прогласена автокефалноста на Македонската православна црква на чело со архиепископ со титула Архиепископ охридски и македонски. Подоцна се одржани уште неколку архиепископски црковно-народни Собори на МПЦ во 1994, 2004, 2005 година. аб/дма/8:59