Архимандритот Партениј тврди дека ниту електричниот кабел бил исечен ниту, пак, бил нагризан од глувци

 

СВЕТИ ЈОВАН БИГОРСКИ - Ниту електричниот кабел во манастирот „Свети Јован Бигорски” бил пресечен, ниту, пак, го изгризале глувци. Некој сака да влијае врз истрагата и да ја однесе во погрешна насока. Ова се реакциите на игуменот на Бигорскиот манастир, архимандритот Партениј, кој ги отфрла како шпекулации информациите за можна саботажа во најпознатиот верски храм во земјава.

Монасите, кои активно учествуваа во расчистувањето на остатоците од големиот пожар што го зафати манастирот пред една седмица, го бараат катанецот од кујната во „Свети Јован Бигорски“. Тој треба да покаже дали кобното септемвриско утро некој насилно влегол во кујната и го предизвикал пожарот. Доколку катанецот е неоштетен – тоа би значело дека сите сомневања за евентуална диверзија паѓаат во вода.

Според зборовите на Сејфула Османи, од Основниот суд во Гостивар, кој ја води истрагата, увидот е целосно завршен и се обезбедени потребните материјални докази, кои ќе можат да придонесат за откривање на причината за настанувањето на пожарот. Според Османи, причина за пожар може да биде: неисправната електрична инсталација, плинската инсталација и уреди, но не ја отфрла и можноста некое неодговорно лице да го подметнало пожарот. Повеќе детали од истрагата за пожарот ќе соопшти на денеска на прес-конференција во Гостивар.

Изминативе четири дена, околу стотина монаси, гости на манастирот и жители на неколку долнорекански села, учествуваа со рачно расчистување на пустошот што го направи пожарот, кој избувна утрото на 30 септември. Сите овие активности се одвиваат под контрола на стручни лица на Националниот конзерваторски центар. Околу 90 отсто од пустошот беше расчистен. Отстранети се остатоците од инвентарот на кујната и од другите простории, гламјосани греди, искршени тули и камени плочки, уништени олуци, радијатори, метални цевки и друго. Пожарникари од Скопје со едно противпожарно возило учествуваа во гаснењето на огнот, кој без престанок се појавуваше на сите страни на просторот каде што се наоѓаа старите конаци и не дозволуваа да се прошири и да влијае врз дестабилизација на темелите.

Од подрумите на старите конаци, беа отстранети и цистерните со нафта. „Св. Јован“ со неговата моќ и сила не дозволи пламените јазици да ги зафати и да предизвикаат експлозија. Не само што материјалната штета ќе беше далеку поголема, туку ќе имаше и човечки жртви“, ни вели игуменот Партениј, кој е и потпретседател на Координативното тело за обнова на Бигорскиот манастир.

Како што не' информира отец Партениј, до крајот на неделава ќе се работи на конзервирање на остатоците на „Горен Палат“ и се планира да заврши оваа значајна активност. Локалната власт на општина Маврово-Ростуше и неколку градежни фирми понудија помош да обезбедат скелиња за зацврстување на темелите и ѕидовите, а народните музеи од Штип и од Битола ќе обезбедат најлони за покривање на се' што остана од „Горни Палат”.

Стручната екипа составена од професор Грозде Алексоски од Градежниот факултет во Скопје, Предраг Гавриловиќ од Институтот за земјотресно инженерство и Јовица Манески од Националниот конзерваторски центар, вчера ја почнаа својата активност за утврдување на фактичката состојба на издржливоста и статиката на темелите, ѕидовите, попречните бетонски греди и друго на остатоците на „Горен Палат“.

Според оперативниот план на Координативното тело, до почетокот на март идната година треба да се изработи комплетната техничка документација. Цртежите, фотографиите, видеоснимките и други документи, кои постојат од „Горен Палат“ ќе ја олеснат задачата на проектантите и на другите стручни лица, кои ќе бидат вклучени во изработката на проектот. Цел е да се врати автентичниот изглед на просториите, кои изгореа во страшниот пожар. Паралелно со оваа активност Координативното тело за обновување на Бигорскиот манастир ќе се ангажира во континуирана активност за обезбедување на потребните средства за обновување. Пожарот беше причина да се интензивираат градежните работи на изградбата на

„Источниот Палат“, во кој ќе се обезбедат пристојни услови за сместување на монасите, на кои им изгореа ќелиите. Скопската градежна фирма „Жикол“ двојно го зголеми бројот на градежници и на механизацијата, се со цел да ја интензивира изградбата.

Според проектот, конаците ќе бидат изградени на три ката и ќе располагаат со 20 монашки ќелии и параклис посветен на свети Никола. На два ката, кои ќе бидат поврзани меѓу себе, ќе биде сместена манастриската библиотека со читалница, кои ќе располагаат со над 500 квадратни метри корисна површина и ќе биде од отворен тип. Саат-кулата ќе биде висока околу десетина метри и највисока од сите градби на манастирскиот комплекс. Во долниот дел ќе бидат изградени монашките ќелии, а на врвот на кулата, покрај часовниците, што ќе го означуваат времето за почеток на богослужбите, ќе се наоѓа зографилница.

 Киро Кипроски- Утрински  весник

Друго:

Сите што сакаат да се вклучат во возобновувањето на Бигорскиот манастир и да се вложат себеси како жив камен во живата Црква, можат да донираат на следните жиро-сметки:

денарска жиро-сметка:

МПЦ Дебарско-кичевска епархија
Бигорски манастир Свети Јован Крстител

500-000000-3835-65
Стопанска банка А.Д. Битола

 девизна жиро-сметка:

МПЦ Дебарско-кичевска епархија
Бигорски манастир Свети Јован Крстител
IBAN MK07500701000133139
Депонент: Стопанска банка А.Д. Битола
SWIFT STBBMK22

Телефони за донација:
070 / 075 / 077  143 444