rsz_natalie-greek-orthodox-ceremony-s33

Структурата на секоја Литургија е дводелна: Литургијата на огласените е за сите, додека таа трае дверите на храмот се широко отворени, за сите да можат да се помолат: „за мир на целиот свет“, да го слушнат Словото Божјо и проповедта; а Литургијата на верните е за верните.

Но, уште поголем проблем на црковниот живот се состои во тоа што многумина, исповедајќи се цел живот, воопшто и не го доживеале она радикално покајание, обраќање, што се случува само еднаш во животот. И на тој начин не го направиле најглавниот егзистенцијален избор: да се припаѓа на светот или да се стане слуга Божји.

Се чини, на повидок излегува аналогијата со постариот син од истата евангелска приказна. Но таа аналогија се согледува само по однос на оние што никаде не се оттргнале од Бога: од детството биле воспитувани од црковни родители, кои навреме ги спровеле до исповедалниот аналој, навреме ги ставиле под венец или во Богословија…

Но, на богослуженијата има и многу такви што за првпат влегле во црква, веќе возрасни, влегле само да запалат свеќа и да се помолат за нешто свое. Такви, за кои доаѓањето во црква не е поврзано со некоја внатрешна промена, кои продолжуваат да си го

 

живеат вообичаениот живот, и само понекогаш, не многу често, доаѓаат во црква, се исповедаат, се причестуваат – но само затоа, за сѐ да се среди во семејството, домот и производството. Тука умесно е да се спомене не за приказната за блудниот син, туку за беседата на Христос со Никодим (Јн 3).

Всушност, оние што не доживеале покајание можат и да бидат добри парохјани. Да доаѓаат редовно на богослуженијата, да се исповедаат, причестуваат, да носат одговорни црковни послушанија, и дури да станат свештеници. Ама од нив нема да се образува заедница.

Што да се прави?

Неуморно да се приложуваат напори парохискиот храм да прерасне во состојба на заедница (општина). Евхаристиска заедница, во која сите, почнувајќи од настојателот, заедно се каат, заедно се молат, заедно ја творат Литургијата и се причестуваат. Заедница во чиј центар е Словото Божјо и Евхаристијата. Секој кој го преминува храмовиот праг да го прими повикот на Спасителот: „Покајте се и верувајте во Евангелието!“ (Мк 1,15).

Лесно е да се каже, а тешко да се направи. На патот при градењето на заедница има многу опасности и искушенија. Постои ризик, наместо Евангелието и Евхаристијата во центарот на таквата заедница одненадеж да се појави човек (на пр. настојателот или друг свештеник), или главно нешто да стане социјалната дејност или едноставно заедничкото дружење и поминување на времето, или, пак, некоја псевдоправославна идеологија. Но, како што велат Португалците, „quem não arrisca, não petisca“ (кој не ризикува, ништо и не добива): без труд нема ниту празник.

Целосно исплашен од грешки е само оној кој ништо не прави. За да нема духовни нарушувања, важно е и сѐ да се прави во согласност со својот епископ, кој, за разлика од поставените од него презвитери, е пастир во полната смисла на зборот.

А најглавно е да не се заборави дека сите ние, и клириците, и верните, сме само орудие во рацете Божји, дека без благодатта Божја нема ништо добро да ни излезе. И дека глава и градител на Црквата е самиот Христос. Нехристоцентричната заедница со најпрекрасни дела е пародија на црква.

Од најраните времиња на Христијанството постоеле различни форми на црковниот живот. Чинам, денес би било правилно да не се спротивставуваат различните еклисиологии една на друга – парохиската, општинската и евхаристиската, туку да се пронајдат патишта за нивно соединување.

Заедница во чиста форма, без храм, е речиси невозможна, освен во некои екстремни услови (затвор, армија, мисионерски камп). Од друга страна, храмот без заедница ќе стане бесмислен обреден сервис. Зошто да не биде во исто време и едното и другото: храмот да биде форма на постоење на заедницата.

Да, имено со Евхаристијата се изградува Црквата, за што многу пишувал во свое време прот. Николај Афанасјев. Но, вистинито е и нешто друго – Евхаристијата го изразува и веќе постоечкото единство на црковната заедница, што неа ја извршува. Ако го нема тоа единство на верните и клириците во Христа, Евхаристијата станува чисто механичко дејствие, а Литургијата (букв. на грчки „заедничко дело“) – приватно дело на оние што се причестуваат.

Користејќи ја приликата, на сите им го честитам празникот Педесетница – денот на раѓањето на Црквата. Духот Свет, Кој слезе врз учениците и апостолите и од нив ја создаде Црквата, нека нѐ исполни и нас со својата соѕидувачка сила!

игумен Арсениј (Соколов)

Прв дел:



Извор: http://www.pravmir.ru/ot-sporov-o-praktike-ispovedi-k-obshhine/

Подготвил: Георгиј Глигоров