Абортусот е едно од најактуелните и најгорливи прашања на денешницата, околу кое се кршат копјата на правните, социјалните и здравствените институции и секоја од овие општествени субјекти полагаат право на донесувања одлука или решение за ова прашање. Според досегашниот Закон за прекин на бременоста во Р. Македонија, докторот беше „должен да изврши советување на бремената жена за можните предности за продолжување на бременост, како и за ризиците при спроведување, односно не спроведување на интервенцијата за прекинување на бременоста по здравјето и животот на жената, методите за вршење на прекинување на бременоста и да ја запознае со можностите и методите за спречување на бременоста“. Но во последно време, во ова општество на загарантирани права, на слобода на одлучување и демократија, од она што можеме да го прочитаме и чуеме од средствата за јавно информирање, се бара „олеснување“ на процесот на чедоморство, односно укинување на досега задолжителниот ултразвук со кој се слуша срцебиењето на бебето во утробата, укинување на задолжителниот период на чекање од 72 часа од барањето на абортусот, чијашто цел беше жената да добие дополнително време да размисли подлабоко, но и да се советува со своите блиски. Сето тоа само ги усложнува работите со оглед на пребрзаноста со која обично се носи одлуката за прекин на бременоста, безодговорноста со која се извршува чинот и лекомисленоста со која од етички и правен аспект се оправдува тој чин, од страна на разни фактори во општествениот и политичкиот живот. Секако, Црквата има одредени ставови, согласно општите морални начела во прилог на еден подостоинствен живот, но не ги наметнува како свои строги правила, ниту сака да ѝ ја ограничи на мајката слободната волја да прави со сопственото тело што сака или, пак, слободата на одлучување во поглед на тоа дали ќе го задржи плодот или не. Од друга страна, тоа не ги ослободува од одговорност (пред сѐ морална) општествените чинители да ја запознаат мајката дека таа не е единствената што полага право, оти подеднакво право има и мажот, зашто и тој подеднакво придонел за појавата на плодот. А кога веќе зборуваме за права, каде се тука правата на тоа неродено дете? Зашто наспроти сите современи тенденции за негирање на ставот дека фетусот е човек, сепак треба да си поставиме неколку суштински прашања во врска со ова:

  1. Кога ембрионот станува човек?

  2. Дали новороденчето е човек?

  3. Колкава е вредноста на еден човечки живот и кој треба да преземе одговорност за него?

Доколку некој барем малку се замисли над овие прашања, неминовно ќе дојде до заклучокот дека човекот не станува човек во некој конкретен момент од својот развој, туку е човек во секоја етапа од својот живот, од моментот на своето зачнување. Се разбира, ембрионот не е совршено оформен човек. Но, исто така, тоа може да се каже и за новороденчето, па и за малото дете. Сепак, на тоа новороденче или дете, од самиот миг на неговото раѓање, општеството се обврзува да му ги гарантира основните и неприкосновени права на живот и нарушувањето на тие права е казниво со закон. А тоа новороденче не се создало во мигот кога се родило од утробата на мајката, туку го започнало својот живот уште пред девет месеци во утробата на својата мајка: и мајката од првиот миг е свесна за тој живот во неа и силно го чувствува. И сега се поставува прашањето: Ако си признаеме дека ембрионот е подеднакво фаза од животот на човекот, живот кој, како што рековме, општеството би требало да го гарантира, тогаш кој ги заштитува правата на ембрионот?! Освен што му припаѓа на таткото и на мајката, тој е и одделно живо суштество. Ова суштество трпи жестока неправда кога бива убиено од своите родители, или поконкретно од мајката што го носи. Ниту од етички, ниту од правен, ниту од здравствен аспект, не може да се признае за човечко право актот кој води до одземање на правото на живот, на дадено човечко суштество коешто веќе почнало да се оформува. Всушност, немоќта на ембрионот самиот да се заштити не би требало да го озакони неговото уништување, туку бара општествените закони да се погрижат за неговото закрилување.

Сето ова, всушност, уште повеќе ја зголемува одговорноста што ја носат надлежните општествени институции, кои, гарантирајќи ѝ ги правата на мајката, не смеат да си дозволат во името на слободата и демократијата, да ја поттикнуваат или охрабруваат нејзината одлука да ја прекине бременоста, туку напротив, да се погрижат од секој поглед да ѝ ги објаснат сериозните импликации од таквиот чин. Оти нели демократијата ги гарантира правата на сите?!

Токму затоа сметаме дека е неконструктивна и лишена од одговорност одлуката да се помести границата на дозволен прекин на бременоста, дури до 22 недела, како и одземањето на било каква законска можност на мајката да ѝ се сугерира да размисли и да се советува пред да ја донесе својата одлука. Дури и во случаите кога прекинот на бременоста е „потребен“ од здравствени причини, поради оштетеноста на плодот или загрозувањето на здравјето на мајката, потребна е консултација за секој од нив поодделно, преку заедничка соработка на мајката со здравствените, социјалните и правните служби, пред да се донесе конечната одлука за која сите треба да понесат одговорност.

Отсекогаш Црквата се грижела човекот да ја достигне вистинската полнота на своето постоење, трудејќи се да ги испише во неговото срце моралните начела, односно да го поттикне кон морално и духовно издигнување над паганскиот примитивизам, кој што, за жал, денес владее во светот што го опкружува. Да го поттикне, а не да го присили, што значи дека вистинската мисија на Црквата не е да врши притисок врз луѓето, ниту врз државата за таа да ги менува законите, доколку нејзините државјани не го сакаат тоа и сакаат да живеат според тие пагански начела. Црквата го љуби секој човек, ја почитува неговата слободна волја, но истовремено, заради тоа што љуби, не сака тој да падне во оковите на страстите и безизлезот, живеејќи инцидентно и порочно. Таа сака да го заштити од немилите последици кои произлегуваат од злоупотребата на слободната волја. Зашто едно е да си вистински слободен, а сосема друго е заради дарот на слободата да станеш роб на страстите.

Она што денес ни се случува во државата, ни е сериозен показател дека на народот му е потребно такво морално издигнување. Крајно време е тој да го надмине стравот и предрасудите дека доколку Црквата биде вклучена во решавањето, односно дискутирањето околу одредени општествени процеси, проблеми и движења, ќе го загрози секуларниот принцип на уредување на државата. Не, таа само би ја искористила шансата повеќе да е присутна меѓу народот со својот морален компас, кој помага да се избегне погрешниот правец што води во амбис.

Во овој контекст, погрешен е и заклучокот дека, наводно, „Господ ѝ е најголем непријател на жената“, оти историјата добро знае каков беше статусот на жената и како таа беше третирана пред Христијанството. И тоа никој не може да го оспори. Токму Христос нејзе ѝ ја врати загубената слобода, прегрнувајќи ја со почит како нејзин вистински и верен пријател, и со тоа дарувајќи ѝ ги и достоинството, и рамноправноста, што таа претходно ги немала, а за кои толку непотребно ревносно се бори во овој 21 век.

 

Извор. Бигорски манастир