2. Поуки од свети Марко,
извадоци од неговите други слова

1.    Верата се состои не само во тоа да бидеме крстени во Христа Исуса, нашиот Господ, туку и во тоа: да ги извршуваме Неговите заповеди. Извршеното свето крштение ни дава совршенство, но не го прави совршен оној што не ги извршува заповедите.


2.    Ако и по крштението биваме подложни на гревот, тоа не е затоа што крштението не било совршено, туку затоа што ние не се грижиме да ги извршуваме заповедите, туку си угодуваме сами на себе си и живееме како што сакаме. Нашата волја и по крштението ни Бог, ни сатаната не ја присилува. Во крштението таинствено се ослободуваме од ропството на гревот, како што е напишано: „Законот на Духот, кој дава живот во Христа Исуса, ме ослободи од законот на гревот и на смртта“ (Рим. 8, 2). Заради нашата мрзливост и негрижа да ги извршуваме заповедите на Оној, Кој нѐ очистил, ние сме паднале под ропство на гревот. Затоа што не сме ги извршиле заповедите, ние сме станале заробеници на ѓаволот.

3.    Човекот живее како што сака по својата слободна волја, иако бил крстен, зашто Бог не ја приморува неговата волја. Кога Светото писмо говори "Царството небесно насила се зема и силните го грабаат" (Матеј 11,12), тоа се однесува на секого од нас. Секој по своето крштевање треба со силата на својата волја да се отклонува од злото и да се труди да живее во доброто. Откако сме добиле сила да ги извршуваме заповедите, Господ ни заповеда, како на Свои верни последователи, да се подвизуваме и веќе да не се враќаме назад - во старото ропство.


4.    Подвизите не се нешто особено и различно од заповедите; тие се едно исто со нив. Нема подвизи одделно од заповедите. Ако ја спомнеш молитвата, и тоа е заповед; ако ја спомнеш борбата со помислите, и тоа е заповед, зашто ни е заповедано да бидеме будни и трезвени. Ако ги споменете постот и бдеењето, знајте дека и тоа се заповеди. Па така, и борбата со себе си, откажувањето од себе си, и тоа се заповеди. Било кое подвижничко дело да споменеш и која и да е добродетел, сите тие се заповеди. Целта на подвижништвото е - точно извршувањето на заповедите.

5.    Светото крштение, како и покајанието, даваат потполно разрешување од гревовите; да се врзеш пак со гревовите или да останеш слободен преку извршувањето на заповедите, ова зависи од твојата слободна волја. Ако твојата помисла се задржи на некоја гревовна сласт, тоа станува така затоа што ти го посакуваш тоа, а не поради некое присилување. Ние, според зборовите на Светото писмо, имаме власт да ги „уништуваме мудрувањата“ (2. Кор. 10, 4). Борбата со лошите помисли е знак на нашата љубов спрема Бога и не е грев, не е грев самата грешна помисла, грев е кога се насладуваме со неа и другаруваме со неа. Ако не ги сакаме лошите помисли, тогаш зошто да се задржуваме на нив? Она што не го сака нашето срце, и што го мрази, не треба и не може долго да се задржува во него, ако ние на некој начин слободно не учествуваме во него.


6.    Кога по светото крштение, иако сме во состојба да ги исполнуваме заповедите, а не ги исполнуваме, тогаш и без да го сакаме тоа, ние пак паѓаме во гревовно ропство и од него можеме да се ослободиме дури тогаш, кога во покајание ќе Му се помолиме на Бога и ќе почнеме да ги извршуваме сите Негови заповеди: Он може да ни помогне и да се ослободиме од гревовите што сме ги правеле со нашата слободна волја.

7.    Со крштевањето си се облекол во Христа  (Гал. 3, 27) и имаш сила и оружје да ги победуваш лошите помисли (сп. 2. Кор. 10, 4). Кога веќе ја имаш оваа сила против нив и не се бориш против нив и не ги победуваш штом се појават, тогаш е јасно дека се согласуваш со нив и се насладуваш од нив. За ваквото твое однесување ти самиот си виновен.

8.    Кога без наша согласност ќе нѐ нападне некоја нечиста помисла, која не ја сакаме и кога ненадејно, како разбојник, ќе навлезе во нас, таа ќе успее насилно да завладее со нашиот ум. Но, сепак треба да знаеш дека и таа помисла произлегла од самите нас, затоа што по крштевањето сме се предале на таа помисла, иако не сме ја извршувале на дело; или, пак, по наша слободна волја, сме задржале во себе си некои семиња на злото, поради што лукавиот се утврдува во нас. Тој нѐ држи преку овие семиња и остануваа во нас сѐ додека не ги отфрлиме. И тогаш нечистата помисла, која останува во нас додека правиме зло, штом престанеме да грешиме, бива изгонувана од нас, - тогаш ќе почнеме да раѓаме плодови достојни за покајанието – кога се трудиме за Господа.
Затоа за ваквите помисли, кои те вознемируват, си виновен самиот ти, затоа што имаш власт да ги прогонуваш од себе си и да го очистуваш твојот ум штом почнат да те напаѓаат, а ти не си го правел тоа, туку слободно си собеседувал со нив, иако не си ги спроведувал во дело. Таквата помисла доаѓа кај тебе, на стоплено место, како кај пријател.

9.    Кога почувствуваш помош во твоето срце, знај и биди уверен таа не дошла однадвор, туку дека е тоа благо

. Секоја помисла, која ќе се задржи во својот љубител, му бива предавана на својот ближен, па така човекот бива привлекуван со силата на навиката и против својата слободна волја. Зашто кој може да ја одбегне гордоста, ако е исполнет со суета? Или кој е тој, откако добро се наспие и се предаде на секакви наслади, нема да биде победен од блудната помисла? Или има ли таков човек, кој е алчен и исполнет со копнеж кон збогатување, што нема да биде совладан од немилосрдноста? А оние што се насладуваат со сето ова, како можат да ги одбегнуваат радразнетоста и гневот?

12.    И откако ја примиле Божјата благодат, од слободата на нашата слободна волја зависи, дали ќе живиеме по плотта или по духот. Но, никој не може да живее по духот – ако ги сака човечките пофалби и телесните наслади, и никој не може да живее по плотта – ако се определил за идниот, а не сегашниот живот. Затоа треба да ги намразиме човечките пофалби и телесните наслади, преку кои и без нашето слободно самоопределување, во нас напредуваат лукавите помисли. Ние сме должни да Му говориме на Господа: „Со полна омраза ги замразив; тие ми станаа непријатели“ (псал. 138, 22).


13.    На оние што се крстиле во едната света православна и апостолска Црква – таинствено им бива давана благодатта на Светиот Дух и таа живее скриена во нив, а потоа, во зависност од извршувањето на заповедите и духовната надеж, таа се открива во оние што веруваат, според зборовите на Господа: „Кој верува во Мене, од неговата утроба, како што е речено во Писмото, ќе потечат реки од жива вода. А ова го рече за Духот, Кого што ќе Го примаат оние, кои веруваат во Него“.

14.    Поради својата слаба вера, секој од нас потпаѓа под дејството на гревот, бидејќи „секого го искушува неговата похот, која го влече и мами. Потоа похотта, откако ќе зачне, раѓа грев, а гревот извршен, раѓа смрт“ (Јак. 1, 14-15). Од похотта се раѓа духовниот грев, а од него произлегува сообразно на него дејство. Откако некој отстапи од обврските на крштевањето, веднаш бива уловуван од гревот (145, 6).


15.    На оние што имаат силна вера Светиот Дух им се дава веднаш во крштевањето, но ние самите Го навредуваме и гаснеме во себе си. Затоа апостолот ни заповеда: „Не гаснете Го Духот!“ (1. Сол. 5, 19). И уште: „Не Го оскрбувајте Светиот Дух Божји, со Кој сте запечатени за денот на избавувањето“ (Ефес. 4, 30). Ова не значи, дека секој што е крстен и што ја добил благодатта, поради самото тоа да биде неизменлив и дека нема потреба од покајание, туку дека во крштевањето, според Христовиот дар, нам ни била дарувана совршена Божја благодат за извршување на сите заповеди, а потоа, секој ако не ги извршува заповедите, ако се наоѓа под дејство на гревот, бива лишуван од неа затоа што нема христијански дела и што не се заложува за нив. Ако сакаме да бидеме совршени, набргу или постепено, ние сме должни потполно да Му веруваме на Христа и да ги извршуваме сите Негови заповеди, откако сме добиле од Него сила за такви дела. И онолку, колку што ние веруваме и ги извршуваме Божјите заповеди, толку и Светиот Дух ќе ги дава во нас Своите плодови. А плодовите на Духот, по зборовите на светиот апостол Павле, се: „Љубовта, радоста, мирот, долготрпеливоста, добротата, милосрдноста, верата, кротоста, воздржливоста“ (Гал. 5, 22-23; 147-149).

16.    Затоа, ако некој од верните, живеејќи по заповедите, па соодветно со тоа, добил духовно дејство, тој треба да верува, дека тој претходно добил сила за тоа, зашто во светото крштение ја добил благодатта на Духот, која е причина за секое добро и не само на тајни и духовни, туку и на јавни добродетели. И никој од добродетелните да не мисли дека само со своите сили направил нешто добро, зашто „добриот човек од доброто сокровиште изнесува добро, а лошиот човек од лошото сокровиште – лошо“ (Матеј 12, 35), разбирајќи го Светиот Дух под зборот „сокровиште“, кое е скриено во срцата на верните.


17.    Оној што навистина сознал дека тој, според зборовите на апостолот, има во себе си сокровиште од светото Христово крштение, оставајќи ги сите работи на овој свет, живее во своето срце и од сѐ што е за пазење, најмногу го чува срцето свое, зашто од него се изворите на животот (Изрек. 4, 23). Зашто „Бог е Оној, Кој во вас прави да сакате и да дејствувате според Неговата добра волја“ (Фил. 2, 13). Под зборот „добра волја“ апостолот ја искажува мислата дека и да се сака и да се извршува доброто – зависи од нашата слобода, а да бидат извршени добрите дела и да бидат искоренети гревовите – тоа не е можно без Бога. Затоа е речено: „Без Мене не можете да направите ништо“ (Јован 15, 5). Овие зборови ја имаат истата смисла. Но, во сето тоа има и наше учество.

18.    Царствениот ум на секого прима најнапред добри совети од Господа Исуса Христа, Кој живее во скришното живеалиште на нашето срце и ги остварува на дело во својот добродетелен живот, кои одново Му ги принесува на Христа преку својата добра мисла.


19.    Благата што ќе ги добијат праведниците по воскресението на мртвите, се наоѓаат горе, но нивните заложби и зачетоци уште отсега дејствуваат духовно во срцата на верните, за да бидат убедени за она што ќе го добијат во иднина, за да го презреме сето што е сегашно и да Го возљубиме Бога толку да бидеме готови и да умреме за Него. Затоа свети апостол Павле рекол: „Вие, пак, пристапивте кон планината Сион и кон градот на живиот Бог, небесниот Ерусалим“ (Евр. 12, 22). Зашто ние сме станале способни за ова од крштевањето и ова ќе се удостојат да го добијат само оние што веруваат тврдо и кои умираат секој ден заради Христовата љубов, а тоа се оние што се издигнале над секоја мисла за овој живот и што не помислуваат ништо друго, освен – како да дојдат до совршената Христова љубов. Барајќи ја оваа љубов повеќе од сите, светиот апостол Павле говори: „Се стремам не би ли го достигнал она за кое Христос ме достигна мене“ (Фил. 3, 12). И кога ја достигнал оваа љубов, не сакал веќе ни да помислува ни за што друго, ни за телесните страдања, ни за прекрасните созданија, туку сѐ напуштил и вели: „Кој ќе нѐ одвои од љубовта Божја: тага ли, неволја ли, или гонење, глад ли, или голотија, опасност ли или меч?“ (Рим. 8, 35-39). Тој не сакал веќе за ништо да помислува, туку да живее во срцето, во Христовата љубов.

20.    Апостолот рекол дека ние имаме во себе начетоци на Духот (сп. Рим. 8, 23), покажувајќи каква е мерката на нашето живеалиште, зашто ние не можеме да го сместиме целото дејство на Духот поинаку, отколку со совршената заповед. Како што сонцето, бидејќи совршено, на сите им излева од себе совршена, едноставна и подеднаква благодет, но секој, според тоа колку му е чисто окото, толку прима од сончевата светлина, така и Светиот Дух кај оние кои веруваат во Него – ги оспособил преку светото крштение, да ги примат сите Негови дејствувања и дарови. Сепак Неговите дарови не дејствуваат еднакво на сите, туку на секого му се даваат според мерката на извршувањето на Неговите заповеди – колку ќе го посведочи тоа со своите добри дела и ќе ја покаже мерката на својата вера во Христа.

Извор: ДОМОСТРОЈ – Том I

 

Подготви: Т.С.

22.04.лето Господово 2017