✜✣✜

Некој од светите луѓе реколː „Телото му станува пријател на гревот, кое се плаши од искушенија, се плаши да не дојде до крајност и да не биде лишено од својот живот“. Затоа Светиот Дух го тера да умре и на подвижникот му внушува да се предаде себеси на смрт. Зашто знае дека, ако не умре, нема да го победи гревот. Ако некој сака во него да живее Господ, тој го принудува своето тело да Му служи на Господа и да ги извршува заповедите на Духот, напишан од апостолот и ја пази својата душа од телесните дела, опишани во Посланието до Галатјаните од светиот апостол Павле, кој велиː „Делата на телото се познати„ тие сеː прељубодејство, блудство, нечистотија, бесрамност, служење на идоли, магии, непријателство, кавги, ревнувања, гнев, расправии, несогласности, ереси, завист, убиства, пијанство, срамни гостувања и други работи“ (Гал. 5, 19-21). Телото кое се предало на гревот, се успокојува во телесните дела, и Божјиот Дух не се успокојува во неговите плодови. Зашто кога телото изнемоштува во постот и смирението, тогаш душата се укрепува со молитва.

Телото, кое бива измачувано од тешкотиите на безмолвието, трпи лишувања и недостатоци и се приближува до тоа да се лиши од својот живот; тогаш тоа обично ти велиː „Дај ми малку слобода, за да поживеам како што треба; и сега живеам праведно, зашто трпам секакви страдања“. И штом ќе му ги олесниш маките и ќе го успокоиш од страдањата, ќе му дадеш можност малку да здивне, тоа веднаш ќе почне нежно да ти нашепнуваː „Можеме и близу до светот да живееме добро, според истите правила, според кои живееме и сега, затоа што сме проверени во многу работи. Провери ме само, па, ако не бидам таков, можеме пак да се вратиме. Пустината нема да ни избега“. – Не верувај му, макар и силно да те моли и да ти дава многу ветувања. Тоа нема да го изврши она што го ветува. Ако се согласиш и ја прифатиш неговата молба, тоа ќе те фрли во големи гревовни паѓања, од кои нема да бидеш во состојба да станеш и да излезеш.


Кога од искушенијата ќе дојдеш до очајание и ќе се пренаситиш со него, тогаш речи си самиот на себесиː „Ти одново го бараш нечистиот и срамниот живот“. – И ако твоето тело тогаш ти речеː „Голем грев е самиот себеси да се убиваш“, ти одговори муː „Јас се самоубивам затоа што не можам да живеам нечисто“. Ќе умрам овде, за да не ја видам вистинската смрт на мојата душа таму и да не живеам лош живот во светот. Јас сум ја избрал слободно оваа смрт поради моите гревови. Се убивам себеси затоа што Му згрешив на Господаː нема веќе да Го прогневувам Бога. Што ќе ми е животот – оддалечен од Бога? Ќе ги трпам овдешните маки, за да не бидам оддалечен од небесната надеж. Што има за Бога во мојот живот во овој свет, ако живеам лошо во него и ако продолжувам да Го прогневувам Бога?

Свети Исак Сирин

 

 

Подготви: Т.С.