Премилостивиот Господ, Кој не љуби, Кој сака да не спаси  и да не сочува да не застраниме, да не бидеме робови на своите страсти, ни испраќа различни страданија, болести и лишувања, така што ние сфаќајќи ја нашата суета и не наоѓајќи утеха, би се приклониле кон Него, “врвот на нашите желби“.

        makarij.optinski].jpgНашето срце бивајќи рането од различни опасности и тага, несвесно умира за овој свет, то ест за страстите, барајќи подобра утеха. Тагата предизвикува  срцето да умре за овој свет, т.е. за похотливоста, за среброљубието, за славољубието.

        Душата застрашена од бучните искушенија, ита кон Бога со смирение, сакајќи да се сокрие од маката на страдањето под заштитата на Неговата Промисла; така очистена со чести мисли за Него, доаѓа до познание за себе, во осаменоста го гледа ужасот на своите гревови и започнува плач – кој претставува врата кон најдлабокото место во животот на новиот човек.

        Ние во нашата лудост, се сметаме среќни и на врвот на својата среќа, кога задобиваме богатства, чест, слава и почитување; но Бог знае подобро од нас. Кога Он гледа дека состојбата на нашата душа е оштетена со порастот на овие работи, тогаш ги одзема од нас овие благослови, како мудар татко кој одбива да му даде на својот син штетни, наместо благотворни работи.

        И како што добрите работи на овој свет, се штетни и неблаготворни за нас, бидејќи не туркаат во раскош или во гордост ако ги положиме своите надежи на нив, тогаш Господ ќе ги одземе од нас заради Неговото сочувствување, за да не погинат нашите души; заради што мораме да Му заблагодариме на Господа заради Неговото трпение.

        Можам да ви кажам со сигурност, дека сте на патот на спасението тогаш кога сте посетени со страданија. Постои крст за секој христијанин, и секој е единствен. Кога нашиот Господ Исус Христос, Царот на славата го зема нашето тело, Он страдаше заради нашето искупување дури со смрт на Крст, оставајќи ни пример за да можеме да ги следиме Неговите стапки; и повикувајќи не и нас рекол: “Ако некој сака да врви по мене, нека се одрече од себеси и нека го земе крстот свој и нека оди по мене“ (Матеј 16:24). Што е крстот ако не страданија кои ни се испратени на секого од нас по Промисла Божја, спрема силата која ја поседуваме за неговото носење?

        Гледаме дека милоста Божја се’ што прави, прави за наше добро; ни испраќа тага, такашто ние живеејќи во утеха и без грижи, не постанеме надуени со суета и вообразеност, зашто тоа е непријателска стрела која може ненадејно да не погоди; нема да забележите кога ќе се забоде во срце. Но, тагата не прави посмирени; затоа Светиот Пророк Давид вапи кон Бога: “Добро ми е што страдам“. “Пред своето страдање, лутав“ (Псалм 119:67).

        Мораме да ги прифатиме страдањата како испратени од Бога, како проверка на нашата вера или како казна, и не смееме да роптаме и стенкаме, чувствувајќи дека тие ни го расипуваат расположението; не смееме да ја обвинуваме нашата тага, туку да се обвинуваме и прекоруваме себеси за нашата малодушност, зашто преку тоа се раѓа смирение. Кога нашите страданија ги прифаќаме малодушно и кога ќе се скршиме под нивната тежина, ние се лишуваме себеси од плодовите  на трпението.

        Мора да веруваш дека ниту една несреќа не може да ти се случи, ако за тоа не дозволи Господ. А Он допушта страдање од љубов кон нас. Па така, ако го прифатиш твоето страдање како казна, но таква која покажува дека не си лишен од Божјата Љубов, како што пишува св.Апостол Павле: “Сине мој, не презирај ја казната од Господа и не опаѓај со духот, кога те изобличува, зашто Господ го казнува оној, кого што го сака; го бие секој син, кого што го прима”. Ако трпите казна, Бог со вас постапува како со синови. Зашто кој е тој син, кого што таткото не го казнува? Ако, пак, останете без казна, во која сите станаа соучесници, тогаш сте деца незаконски, а не синови“ (Евр. 12:5-8).

        Гледаш, кога сме казнети, тогаш како деца се завртуваме кон Господа, а ако немаме казна, тогаш постануваме сурогати, а не вистински деца. Така, кога си во жалост (кога страдаш), тогаш знај дека Господ не те заборавил и дека мисли за тебе; и можеш да бидеш сигурен дека нема да ти испрати повеќе искушенија отколку што можеш да поднесеш, и дека заедно со искушението ќе ти испрати и олеснување. Во страдањата кои те снашле немој да обвинуваш никого од оние кои те навредуваат, зашто Господ е Оној Кој те казнува, а луѓето се само орудија Божји, преку кои Он делува.

        Прифати го ова со вера и надеж и принеси Му ја на Господа својата благодарност за Неговата неискажлива милост, зашто од тоа ќе примиш олеснување и утеха во поднесувањето на твоите страдања, а ако е тоа волја Божја, и потполно избавување од нив.

 Извор: АКМПЕ

Посети:{moshits}