Зошто демоните дејствуваат преку светите икони!

Престанете заради Божјата љубов да ја обновувате древната и умртвена елинска измама и да ја вметнувате во светиот живот на христијаните, зашто баењето над светите икони не е божествено дејство на благодатта на светите икони. Оддалечете се од таквите дејствија! „Зашто Бог не е Бог на безредието туку на мирот“, вели светиот Апостол Павле. Оддалечи се, тоа е демонско дејствие, бидејќи редовно се случува при баењето и гатањето над светите икони на верните да им се претскажуваат работи на нивна штета, а повеќепати гатајќи над иконите и јавно да се лаже. Тоа се случува заради повеќе причини: поради вашето неверие во Христа и светиите, па Бог допушта такви случувања; заради презирот кон светите икони, бидејќи на литиите нив треба свештениците да ги носат со стравопочит, а не да ги носат мирјани без страв од Бога и ненабожно; заради бесрамноста на ѓаволот, зашто ѓаволот е толку бесрамен и дрзок што се осмелува не само да се доближи до светите икони, туку и да се доближи и да го подигне самото богоипостасно тело на нашиот Господ, коешто беше ипостасно соединето со божеството, и да го однесе ту на покривот од храмот, ту на висока планина, затоа што бидејќи е суптилен дух, тој има толку истенчена енергија, па без мешање се соединува со божествените и свети и духовни предмети, без да можат тоа добро да го разберат луѓето ако не им биде разјаснето преку  благодатта на Светиот Дух. Затоа светите архиереи треба со епитимии и одлачувања од Црквата да ги опоменуваат оние христијани што одат да им се гледа на икони и што прават такви и слични нешта.

За свештениците, пак, коишто се занимаваат со магии, курбан, и други демонски нешта, 36-то правило на Лаодикискиот собор вели:

„Бидејќи тоа е предавство на верата, таков свештеник треба да се исклучи од Црквата, зашто занимавајќи се со такви дела, тој од служител на Вечниот Бог, станал служител на ѓаволот“.

 
Кои се последиците од Гревот на маѓепсништвото?

Оние што прават магии, и прибегнуваат кон маѓепсници, прават голем грев против Светиот Дух, бидејќи Го оставаат Бога и бараат помош од ѓаволот. Тие се одрекуваат од Христовите служители, односно од светите свештеници, и заминуваат при служителите на сатаната, односно ја оставаат живата вода, свештеникот и благодатта на спасението во Црквата, па поради своите страсни и човечки интереси бараат помош од Христовите непријатели, односно од маѓепсниците и гатачите. Тие се одрекуваат од вистината и наместо неа ја примаат лагата, бидејќи сите зборови на маѓепсниците се лага и ѓаволско прелажување.

Така големиот грев против Светиот Дух не ќе им се прости на виновниците ни на овој, ни на оној свет (Мат. 12, 32), како што вели Христос, ако не се покајат во текот на овој живот. За таков грев, врз виновниците,  кои прибегнуваат кон маѓепсништва, доаѓаат различни зла и штети. Најнапред грижата на совеста, бидејќи Го оставаат Бога и бараат помош од непријателите Божји; отстранување од Светата Причест на повеќе години, од 7 до 15, та дури и 20 години; оние што веруваат и се приклонуваат кон магии, од своето срце го истеруваат дарот Божји и во својот дом и во своите срца го внесуваат духот ѓаволов; оние што прават магии и веруваат во нивната помош се одрекуваат од Христос и се соединуваат со ѓаволот; на оние што прават магии и прибегнуваат кон нив повеќе не им прилега да се нарекуваат христијани, туку отпадници;  виновниците за овој тежок грев Бог ги казнува со тешки и неизлечиви болести, страдање во нивните семејства, со штети и неслога, сиромаштија и ужасна смрт. И ако не се исповедаат кај свештеник и не го оплакуваат својот грев со солзи во текот на целиот живот, не можат да се спасат.

Гатачите и оние кои веруваат во помош од ѓаволот и прибегнуваат кон неа, ако тоа не го напуштат и не се покајат, „се отстрануваат сосема од Црквата“, односно се одвојуваат од Христос и доброволно се предаваат во непријателските раце, и ако умрат во овој грев и не бидат погребани од свештеник како паганите и отпадниците од верата, остануваат за вечна осуда во адските маки.

Ете, тоа се ужасните последици од магиите.


Каква епитимија наложуваат светите отци за гатачите и за оние што прибегнуваат кон маѓепсници?

Свети Василиј Велики најстрого ги казнува гатачите. Еве што вели во 72 канон: „Оние што се предаваат на гатачи или на слични на нив ќе добијат епитимија како убијци“ (Свети Василиј Велики 72; Свети Григориј Ниски 3; Лаодикијски 36). Тој ги поставува гатачите во редот на убијците и богоотпадниците, односно ги отстранува од Светињите од 10 до 20 години. Во 65 канон свети Василиј Велики вели:

„Жена која ќе маѓепса странци и свои, ќе биде отстранета од Светињите 9 години, правејќи 500 метании дневно“.

Но и Светото Писмо ни покажува колку тешко Бог ги казнува оние што одат при гатачи, бидејќи еве што вели: Вражачи да не оставате живи (2 Мој. 22,18). И повторно вели: Човекот или жена во кој има дух гатачки или маѓепснички да се погубат; двајцата да се каменуваат бидејќи се виновни. И повторно: И ако некоја душа тргне по оние што гатаат на животински црева, и по маѓепсници, за да го следат нивното блудство, Јас ќе го свртам лицето Мое против таа душа и ќе ја истребам од народот нејзин (3 Мој. 20, 6). Знаеме дека Бог го казни царот Манасиј со мачно и тешко заробеништво во Вавилон, бидејќи тој ги преведуваше преку оган синовите свои во долината на Еномовиот син, гаташе, вражаше и маѓепсуваше; и донесе повикувачи на покојници и волшебници: тој вршеше многу лоши работи пред очите на Господа, за да Го разгневи (2 Лет. 33, 6). Бог го казни цар Саул со загуба на царството и со срамна смрт, бидејќи го остави Бога и повика жена гатачка од раѓањето, следејќи ги нејзините гатања (1 Цар. 28,7).

61 Канон на VI Вселенски собор ги отстранува од светата причест до шест години оние кои одат при гледачи на карти и слични, за да ја дознаат иднината. „Ако бидат истрајни во тоа и не се отстранат од овие погубни и пагански мајстории, одлучуваме сосема да се отстранат од Црквата, онака како што нè учат каноните…“. Свети Јован Постник го скратува канонот за гатачите и за оние кои ги практикуваат гатањата, на три години отстранување од Светињите, ако го исповедаат гревот, ако конечно го напуштат, ако дневно го држат постот до три часот попладне и прават по 250 метании дневно.

 Извор: Бигорски манастир

 

 

 

27-ми ноември 2018 лето Господово