Еден млад човек кој со години не се исповедал, отишол кај отец Атанасиј, кој тогаш живеел во кутлумушката ќелија Дионисиу. Додека разговарале, отец Атанасиј му кажал дека треба да се исповеда, зашто тоа ќе му помогне да ги реши своите проблеми. Меѓутоа, младичот не бил убеден во тоа, иако отец Атанасиј упорно го убедувал да се исповеда. Потоа отец Атанасиј му кажал за старецот Пајсиј дека е современ светител и дека треба да го посетат и да чујат што ќе каже тој.

Тргнале да го посетат старецот. Кога стигнале до неговата ќелија, го здогледале како копа во градината, со намера да посее некој зеленчук.
Отец Атанасиј го поздравил и запрашал:

„Што правиш, отче?“

Старецот, со радосен израз на лицето му одговорил:

„Еве, решив да ја ‘исповедам’ својата градина“.

Отец Атанасиј го запрашал:

„Зарем и на градините им е потребна исповед?“

„Сфатив дека мојата градина ќе даде изобилен плод кога ќе ја исповедам и ќе отстранам од неа сè што е непотребно, како камења, конзерви, корења и трње, а потоа ќе додадам малку хумус. Така сфатив дека и мојата градина одвреме-навреме треба да се исповеда“.

Откако ја оставил мотиката, ги поканил во ќелијата и ги послужил со слатко.

Кога младичот и отец Атанасиј го напуштиле старецот Пајсиј, биле многу задоволни со одговорот на старецот на нивното прашање за исповедта, иако пред тоа ништо не му кажале. Нема потреба да кажеме дека младичот по овој настан веднаш отишол да се исповеда.

Извор: Бигорски манастир