Преподобниот Дионисиј е роден при крајот на XV век, во селото Слатина, во областа Кардица, кое денес се нарекува Дракотрипа. Потекнувал од бедни, но побожни родители. Првото име му било Димитриј, и од малечок се одликувал со особена приврзаност кон Бога и со стремеж за монашки живот. На 18-годишна возраст, кога неговите родители веќе заминале кај Господ, Димитриј отишол на Метеорите и бил пострижан за монах со име Даниил. Подоцна, барајќи поосамено место, отишол на Света Гора, станал великосхимник и примил свештенички чин, при што добил и ново име – Дионисиј. Таму живеел во скитот на манастирот Каракалу со строг подвиг, пост и молитва. Неговиот рамноангелен живот го истакнал пред сите атонски отци и затоа бил избран за игумен на блискиот манастир Филотеј. Во 1524 морал да ја напушти Света Гора и да отиде во околината на градот Бер (Верија) во манастирот на „Свети Јован Крстител“, наречен Скит, којшто и го возобновил. Но по извесно време тајно го напуштил манастирот, за да избегне почести, затоа што народот од таа област го барал него за владика на таа епархија.


Заминал на планината Олимп и со голема ревност го продолжил подвигот. Најпрво се населил во една пештера, која е зачувана и денес. Но многуте тешкотии, гонења, клевети го принудиле да го напушти саканиот Олимп и да отиде на југ на планината Пилио, каде што изградил манастир на Света Троица (Сурвија). Подоцна се вратил на Олимп и во 1542 го изградил првиот манастир, исто така во чест на Света Троица, кој и до денес е зачуван. Во него светителот живеел како земен ангел и наскоро околу себе собрал мноштво монаси, со што манастирот станал вистинска лавра. И покрај сето тоа самиот свети Дионисиј продолжувал да се подвизува со молитва и безмолвие во пештерите, кои биле околу манастирот и кои тој ги претворил во мали храмови. Во нив тој поминувал повеќе време, живеејќи во благодатта на таканаречената „умна“ молитва. Многу пати кога се враќал од пештерите во манастирот, браќата го гледале како блеска, облиен од светлината на Воскресението, во која ќе живеат праведниците во идниот вечен живот.

Свети Дионисиј не престанувал да ги обиколува околните села, слично на подоцнежниот светител Козма Етолски, за да проповеда, да исповеда и да ги укрепува поробените сонародници. Тој бескрајно го сакал својот народ. Сите ги прегрнувал со љубов, им помагал духовно и материјално. Оние кои биле во негова близина, имале чувство дека комуницираат со Самиот Христос.

Живеејќи таков живот, подражавајќи Го Христос, светителот го достигнал својот крај и како доблестен поборник го добил венецот на правдата од рацете на Христос.

На 23 јануари (во средината на XVI век), откако ги оставил своите мудри завештанија на своите духовни чеда, тој се преставил пред Господ. На овој датум 23 јануари/5 февруари Светата Црква го востановила неговиот свет спомен. По неговите свети молитви, Господ да нѐ помилува и спаси. Амин.

Тропар, глас 1:

Жител на Олимп, слава на Пиерија и свештена закрила за твојата обител си станал,

мудри Дионисиј; живеејќи како ангел на земјата, си им давал скора помош на оние,

кои благочестиво ти велат: слава на Бога,

Кој чудесен те направи, слава на Оној, Кој преку тебе им дава на сите исцеленија.



Манастирот на Свети Дионисиј Олимпски

Манастирот е ставропигијален и еден од најзначајните во Егејска Македонија. Стариот манастир е изграден на 18 километри од Литохоро, на 900 метри надморска висина. Основан е во 1542 од страна на свети Дионисиј. Во 16 век доживува духовен процут. За време на Грчката револуција во 1821 година манастирот бил заземен од Вели паша, синот на Али паша. Игуменот Методиј Паљурас заедно со 12 монаси бил обесен на главниот плоштад во Лариса. Во 1943 е разрушен од нацистите, затоа што во него се криеле партизани. Потоа е изграден новиот манастир, на местото каде што порано се наоѓал метохот на манастирот, на 3 километри од Литохоро. Денес манастирот брои околу 30 монаси.

Додека бил жив свети Дионисиј, направил завештание, според кое, манастирот треба да биде како светогорските, односно, во него да не влегуваат жени. И долго време така живееле монасите, но поради притисок од народот, во 1989 направен е компромис, односно, манастирот е поделен на два дела. Во првиот главен дел, каде што се наоѓа главниот храм, секој може да влезе, да се помоли, да се поклони на огромната ризница од свети мошти, која се наоѓа десно, над манастирската чешма. А над северниот дел од конаците,се наоѓа монашкиот дел, каде што не влегува никој друг, освен монасите. Па така е запазен неговиот завет до денес.

Подготвил и превел: Свештеник Јани Мулев

 

Извор: https://crkvaveles.wordpress.com/2019/02/04/dionisij-olimp/?fbclid=IwAR2LTTtioVmUUATZon4jvcwMYu0c4RjDWvZYLRdneu3SggUg-gFgEYMSgOI