ЗА ОДРЕКУВАЊЕТО



Во почетокот кога Бог го создал човекот, го поставил во Рајот (како што ни кажува божественото Свето Писмо) , украсувајќи го со секаква добродетел и давајќи му заповед да не јаде од дрвото кое било во средината на Рајот.  Така човекот го поминувал времето во Рајот, во молитва и размислување, во секаква чест и слава; здрав во своите чувства и восприемања, и совршен во својата природа каков што бил создаден. Бидејќи Бог го создал човекот по Својот образ,  што значи бесмртен, имал сила слободно да делува и бил украсен со секаква добродетел. Но, кога ја прекршил заповедта и вкусил од дрвото за кое Бог му заповедал да не јаде, бил исфрлен од Рајот и паднал од природна во противприродна состојба, т.е. во грев, во славољубие, во сластољубие на овој живот и останатите страсти; и бил совладан од нив, постанувајќи роб преку прегрешението. Така постепено злото почнало да расте и завладеала смртта.  Побожноста повеќе не постоела и насекаде имало незнаење за Бога. Само неколку од отците, поттикнувани од природниот закон, Го познавале Бога; како што биле Авраам и останатите патријарси, и Ное и Јов. Просто речено, само неколку и ретки биле тие кои знаеле за Бога. Затоа, сатаната ја искористил сета негова злоба за да владее со гревот. Така започнало идолопоклонството и многубоштвото, баењето, убиствата и останатото ѓаволско зло.

Тогаш Бог, во својата добрина, се смилувал над Своите созданија и му го дал на Мојсеја напишаниот закон, во кој забранил некои работи а одобрил други, велејќи: „Ова правете го, а тоа не правете го“. Господ ги дал заповедите и рекол: „Господ, твојот Бог, е единствен Господ“,  за потоа да ги оттргне од многубоштвото. И пак: „Сакај Го Господа, твојот Бог, од сè срце, со сета душа твоја“,  насекаде објавувајќи дека е еден Бог и дека нема друг. Говорејќи: „сакај Го Господа, твојот Бог“, Тој покажува дека еден е Бог и дека еден е Господ. Исто така во декалогот говори: „Плаши се од Господ, твојот Бог, и само Нему служи Му, (и кон Него биди приврзан) и во Негово име колни се.  А потоа додава: „Да немаш други богови ниту некакви ликови на она, што е на небото горе или на земјата долу“  – бидејќи луѓето им се поклонувале на сите созданија.

    И така добриот Бог го дал законот како помош, заради нивно обраќање за да се поправи она што било зло, но тие не се подобриле. Ги пратил пророците, но и тие не можеле ништо да сторат. Злото преовладувало, како што рекол Исаија, „не беа спалени ниту модриците, ниту гнојните рани; нема здраво место да се прилепи; непреврзани и неомекнати во масло“ ; или со други зборови тоа значи дека злото не било на еден член, на едно место, туку во целото тело. Ја опфатила целата душа и сета нејзина сила.

    Сè било поробено на гревот, сè било под негова контрола. И Еремија говорел: „Го лекувавме Вавилон, но не оздраве“.  Тоа значи, ние Го објавивме Твоето име, ги објавивме Твоите заповеди, Твоите благодети и Твоите навестувања. Му претскажавме на Вавилон за доаѓањето на непријателите. Но не се исцели; не се покаја, не се ни уплаши, а не се одврати од своето зло. На друго место вели: „Тие не се вразумија“ , поточно не се вразумуваа и поучуваа. И во псалмот пишува: „Од секоја храна им се одвраќаше душата, и се приближија до вратата на смртта“.

    Тогаш на крајот добриот и човекољубив Бог го пратил Својот единороден Син. Само Бог можел да ја победи и исцели таквата состојба, која не била непозната кај пророците. Затоа пророкот Давид јасно рекол: „Ти Кој седиш на херувимите, јави се; издигни ја силата Своја и дојди да нè спасиш.  И повторно: „Господи, приклони ги небесата Свои и слези“  и на тоа слично. И други пророци исто така, секој на свој начин, многу нешта изјавиле за тоа, едни молејќи Го Него да слезе, а други уверувале дека Тој ќе дојде.

    Затоа Господ дојде, постанувајќи човек заради нас, за да, како што вели Светото Писмо: сличните ги исцелил слично, со душата душата, со телото телото, бидејќи Тој во сè, освен во гревот, постана човек. Тој ја примил само нашата содржина, нашиот род, постанувајќи нов Адам, како оној Адам што беше создаден на почетокот. Тој ја обновил човечката природа и чувства како што биле на почетокот. Постанувајќи човек го обновил паднатиот човек; го ослободил од поробеноста на гревот кој со сила го држел. Со насилство ѓаволот како мачител го водел човекот во грев, бидејќи и оние кои не сакале, против волјата грешеле, како што вели апостолот во наше време: „Зашто не го правам доброто, што сакам да го правам, туку злото, што не сакам да го правам“.  Бог, заради нас постана човек, ослободувајќи го него од непријателското мачење. Тој му ја зел моќта, му ја срушил неговата сила и нè избавил од потчинетоста; нè ослободил од робувањето кон него – освен ако ние самите не посакаме да грешиме по своја волја. Господ ни дал власт, како што рече, да газиме на змии и скорпии и на сета непријателска сила,  очистувајќи нè со Крштевањето од секаков грев. Со светото Крштевање се прочистуваат и мијат сите гревови. Затоа, познавајќи ја нашата слабост и предвидувајќи дека ќе грешиме и по Крштевањето – како што е напишано: „зашто помислите на срцето човечко се зли уште од младини“  – Бог по Својата добрина ни ги дал светите заповеди кои нè прочистуваат. Ако сакаме, со почитување на овие заповеди ние можеме повторно да се очистиме не само од нашите гревови, туку од вродените склоности што нè водат да грешиме. Едно е гревот, а друго е инстинктивната реакција или страста. Ова се нашите страсти: гордоста, гневот, сексуалните задоволства, мразењето, алчноста итн. Соодветните гревови се задоволување на овие страсти: тоа се случува кога човек ги извршува во дело страстите, односно кога со телото го извршува она што страстите го наведуваат. Навистина можно е човекот да има страсти, ама е невозможно да не ги извршува.

 

 

 Преподобен авва Доротеј
(кратки податоци за неговиот живот)

Авва Доротеј живеел кон крајот на шестиот и во почетокот на седмиот век. Својата рана младост ја поминал во изучување на светските науки и бил многу работлив. По завршувањето на своето образование извесно време живеел во својата татковина, недалеку од манастирот на авва Серида, можеби во Аскалон и во Газа. Бил во добра имотна состојба. Набргу потоа им се доближил на двајцата големи старци Варсануфиј и Јован, чии поучувања го расположиле да остави сè, да биде замонашен во манастирот на авва Серида, каде живееле и тие двајцата. Под нивно раковотство го поминал своето монашко воспитување. Впрочем, тоа било главно под духовно водство на старецот Јован, извршувајќи ги истовремено и послушанијата, кои му биле возложувани од самиот игумен на манастирот, кој во почетокот му дал задолжение да се грижи за странците и гостите, односно, за одделението, каде привремено престојувале многубројни посетители на манастирот; по ова послушание, бил задолжен со тоа да ја води манастирската болница и да се грижи за лекувањето на болните монаси.

По смртта на авва Серида и на духовниот старец Јован, нивниот заеднички учител, великиот Варсануфиј, потполно се затворил во својата келија. Тогаш и преподобниот Доротеј се оддалечил од општежитието на авва Серида и станал игумен на еден друг манастир. Веројатно од тоа време потекнуваат неговите поученија, кои ги изговарал пред своите ученици. Од него се запазиле до денес дваесет и едно поучение и неколку посланија. Тоа е сè што ни останало во наследство од списите на овој духовен отец, светлината на чие учење се раширила не само во манастирите и меѓу монасите, туку и меѓу христијаните насекаде во светот. Се претпоставува дека се упокоил во Господа околу 620 година. Неговиот спомен се празнува на петти јуни.

 

(Продолжува)

АВВА  ДОРОТЕЈ ОД ГАЗА

ИЗРЕКИ И ПОУКИ

Скопска православна епархија


СОДРЖИНА:


Прв дел: Поуки

I. За одрекувањето
II. За смирението
III. За совеста
IV. За Божјиот страв
V. За потребата од советување
VI. За неосудување на ближниот
VII. За самоукорувањето
VIII. За злопамтењето
IX. За лажењето
X. На патување по Божјиот пат со будност и трезвеност
XI. За брзото отсекување на страстите пред да постанат лоша навика
XII. За стравот од идните маки и за тоа дека оној кој сака да се спаси не треба никогаш да биде немарен
XIII. За спокојното и благодарствено поднесување на искушенијата
XIV. За структурата и складноста на добродетелите на душата

Втор дел: Пасхалната тајна
XV. За Светиот пост
XVI. Толкување на Пасхалната химна на св. Григориј Низијанзин
XVII. Толкување на химните на св. Григориј во чест на мачениците

Трет дел: Прашања, одговори и поговорки
XVIII. За односите на настојателот и неговите ученици во манастирите
XIX. Разговор со економот
XX. Одговор до некои испосници кои го прашале аввата што мисли за посетите
XXI. За бесчувствителноста на душата и за недостигот од љубов
XXII. Поговорки за духовниот живот

 

5ти јуни 2019 лето Господово

.Александар  Божиновски