Свети Исаак Сирин

Кој е просветлен во своите мисли? Тоа е оној кој успеал да ја пронајде горчината сокриена во сладоста на светот и кој ја затворил својата уста за да не пие од таа чаша. Тоа е оној кој секогаш се занимава со спасението на својата душа и не го напушта тој пат сѐ додека не се ослободи од овој свет.Тоа е оној кој ја затвора вратата на своите сетила за низ неа да не навлезе во него копнежот за овој живот и му го покраде целото богатство.

 

Старец Јосиф Спилеот

Послушанието во себе содржи сѐ. Христос во секој миг ќе ти плете венци. Но, за да се развива внатрешниот човек, за да се смират страстите и за да се расцвета плодот на твоите добри дела, потребно е сѐ да прати постојана и непрестајна умна молитва. Кога работиш, со усните или со умот непрестајно кажувај ја молитвата. Кога непрестајно ќе ја изговараш со усните, умот ќе се навикне да ја изговара со внатрешното слово. Потоа, пак, умот ќе ја спушти во срцето, а тоа што понатаму се случува е напор и дело на трезвеноумието: тоа значи дека умот со присилба се задржува таму чист и без облик, внимавајќи единствено на кружното движење на молитвата внатре во срцето преку вдишувањето и издишувањето. Бидејќи умот не успева да вообличи ниту една помисла на расеаност, со текот на времето се очистува со благодатта на молитвата. Повеќе не наоѓа задоволство во злите сеќавања и не сака да остане потполно беспослен. Напротив, целиот е разгорен од сеќавањето на Божественото Име и од љубовта кон Спасителот Христос.