Преподобен Пајсиј Светогорец

✤✣✤

Молитва за другите

(III дел)

✤✣✤

Молитва за конкретни случаи и за целиот свет

✤✣✤

Старче, ме мачи кога ќе помислам дека богослужбата завршила, а јас од поспаност не сум можел да се молам.

- За да ја оттргнеш поспаноста мисли си на нешто што ќе те поттикне на духовна заинтересираност.

Постои ли некоја поголема духовна мотивација од човечкото страдање?

- Да, но ако мислиш на човечкото страдање воопштено и неодредено, тоа нема да ти помогне. Мисли за конкретни случаи на луѓе кои се во голема неволја, така што душата да те заболи и твојата молитва да потече од срцето. Насочи се на еден случај кој ти предизвикува болка повеќе отколку другите, а потоа премини и на другите случаи. Да речеме, во една војна има многу ранети. Добро е, ако е можно, иако не ги гледаш, сите да ги почувствуваш. Но ако не можеш да ги почувствуваш и ако не ги гледаш, многу ќе ти помогне да видиш некого кој малку го исекол прстот па да си речеш: „А замисли овој човек да е осакатен, да му е отсечена раката или ногата, кутриот! И колку само има такви несреќни луѓе, на кои им се отсечени рацете или нозете!“ Бидејќи едно е кога некој ќе слушне дека некој воз излетал од шините, а сосема друго кога пред себе го гледа возот кој излетал од шините и цели купови човечки жртви. Кога се молиш за некој конкретен случај за којшто те боли душата, ти самиот стекнуваш помош, а и му помагаш на својот ближен.

Старче, кога ќе заѕвони ѕвончето за време на проскомидија, јас набројувам воопштени случаи, на пример: вдовици, сирачиња, осамени, а не имиња. Дали е тоа правилно?

- И јас правам така. Секогаш моли се со болка. Не е доволно свештеникот на Проскомидија само да ги извади честиците и формално да ги прочита имињата, туку треба со болка да се моли за секого; тогаш ќе види чуда. Еднаш некој демонизиран човек отишол кај еден свештеник и го замолил да отслужи Божествена Литургија. Кога требало да го спомнат на Проскомидија, пред да извади честичка за него свештеникот со болка рекол: „Господи, Ти гледаш колку се мачи Твоето создание. Ослободи го од демонското влијание. Спомни го Господи, слугата Твој...“ Демонот веќе не можел да издржи и побегнал.

Старче, дали е подобро човек повеќе часа да се моли за истата работа, или да преминува од тема на тема, па на тој начин да проникне во болката на целиот свет?

- А зошто би се држел само за една тема? Треба да се допре до многу теми: една, друга, трета и така непрестајно. А потоа да размислува за човечкото страдање воопшто и да се моли. Таквото постапување се допира до Бога, бидејќи во себе носи благородност.

Старче, што да бараме во молитвата за целиот свет?

- Сите да стигнат во Рајот. Христос се жртвуваше за сите луѓе да се спасат, како оние што Му се близу, така и оние што се подалеку. Затоа да се молиме сите луѓе да Го спознаат Бога, да Го засакаат, со својот живот да Го зарадуваат и да се спасат; да одат во Рајот. Некој рекол: „Боже мој, живеев во Рајот уште овде на земјата. Стави ме мене сега во пеколот, а мојот брат во Рајот“. Но ако еден таков човек и дојде до пеколот, поради својата голема љубов, која би се пренела и во пеколот, мислам дека и тој мал дел од пеколот ќе се претвори во рај, бидејќи каде постои љубовта таму е Христос, а каде што е Христос таму е и Рајот.

Продолжува

Извор: Бигорски манастир

Друго:

Преподобен Пајсиј Светогорец ✤✣✤ Молитва за другите (I дел)

Преподобен Пајсиј Светогорец ✤✣✤ Молитва за другите (II дел)