3.angeli.so.truba

Неправичен или за осуда сум кога ќе речам: зошто не размислуваат како што мислам јас! (24.04.2009)


Сретнав многумина Отци кои живееја во подвиг и во созерцание.

Кога љубовта кон нашиот Господ ќе ја разгори душата на човекот, не се задржува во одредени граници, туку ги пробива. Затоа стравот го изгонува надвор. Така што, што и да пишува и што и да зборува, се приклонува кон неумереност. Но, во миговите  на благодат што и да каже, во споредба со огнениот блесок на божествената љубов сè изгледа толку дребно. Потоа, откога ќе се собере срцето, и облакот ќе се разведри...

Значи, целта на  досега напишаното е една: да ја загреам вашата душа, да ве поттикнам на ревност и да ви побудам желба за најслаткиот наш Исус, како што во војската генералите им раскажуваат за подвизите на храбрите војници така што ги поттикнуваат да се борат бестрашно. Но, и тие што пишуваа за животот на Светиите и ги објавија нивните слова, го сторија тоа со таа цел. Исто така, и душата којашто Бог така ја има создадено, ако нема слух за возвишените и за созерцание достојни слова, станува сонлива и безгрижна. Само преку вакви раскажувања, преку читања на чудесни случки ќе успееш да го изгониш заборавот и да ја возобновиш својата надградба.

Јас кога дојдов на Света Гора запознав многумина Отци кои живееја во подвиг и во созерцание. Стари и свети луѓе.

Еден од нив беше старец Калиник. Одличен аскет. Затворник четириесет години. Се подвизуваше во умното дејствување и јадеше од медот на Божествената љубов, станувајќи корисен и за другите. Тој го доживеа и грабнувањето на умот.

Подолу од него беше еден друг, старец Герасим. Краен тихувател. Родум од Хиос. Чудесен подвижник. Се подвизуваше во умната молитва. Деведесетгодишен. Помина седумнаесет години на врвот од Пророк Илија борејќи се со демоните и бивајќи удиран од невремето остана без покрив. Столб на трпение, тој постојано имаше солзи. Засладуван со созерцувањето на Христа, го заврши својот безгрижен и мирен живот.

Погоре беше старец Игнатиј. Без вид многу години. Многу години духовник. Старец од деведесет и пет години. Се молеше умствено и непрестајно така што од молитвата му излегуваше благоухание од устата. Секој се радуваше да зборува блиску до неговата уста.

Имаше и еден друг. Најчудесен од сите Свети отци на Атон, отец Даниил.  Подражавател на најголемиот Арсениј. Краен молчеливец, затворник. Литургија служеше до крајот на животот. Во текот на шеесет години не можеше да замисли ни еден ден да не служи Божествената Литургија. Во Големата Четириесетница секој ден служеше Преждеосвештена Литургија. Престарен до последниот ден заврши без болест. А неговата Литургија траеше секогаш три и половина до четири часа, зашто не можеше да ги искаже молитвите од умиление. Од неговите солзи се натопуваше земјата пред него. Затоа претпочиташе туѓинец да не присуствува на Литургиите, за да не го види неговото дело. Бидејќи јас го молев со многу жар, ме примаше. Кога одев – пешачев по три часа ноќе, за да присуствувам на таа чудесна, навистина Божествена претстава. Тогаш ми кажуваше по една до две изреки излегувајќи од олтарот и веднаш се криеше сè до следниот ден. Секојдневно до крајот на животот имаше целоноќно бдение и умна молитва. Угледан на него го земав неговиот типик и имав голема полза. Секој ден јадеше по дваесет и пет грама леб и изгледаше како да лебди на Литургијата. И без патосот да стане кал не ја завршуваше Литургијата.

Имаше и многу други созерцатели коишто јас не се удостоив да ги видам, бидејќи се упокоија пред една или две години. Ми ги раскажуваа нивните чудесни подвизи, бидејќи многу ме интересираше. Чекор по чекор ги обиколував ридовите и пештерите да најдам слични примери. Зашто мојот старец беше прост и добар и кога ќе му го подготвев јадењето ми даваше благослов да барам сè што е добродетелно за мојата душа. По неговата смрт, го погребав и го истражив целиот Атон, барајќи духовна поука.

Имаше еден старец во една пештера, којшто преку ден требаше да плаче седум пати. Тоа беше неговото дело. А пак ноќта цела да ја помине во солзи. Неговата перница секогаш беше натопена. И послушаникот, кој одеше два-три пати во денот бидејќи не сакаше да е близу до него за да не му го прекинува плачот, го прашуваше „Старче, зошто толку плачеш?” И овој му одговараше: ”Дете мое, кога човек Го созерцува Бога од љубов му течат солзи и не може да ги запре.”

Постоеја и други помали. Отец Козма и другите. Големи! Ако сака некој да напише за нив, ќе му биде потребно многу хартија. Сега сите тие се починати и живеат во другиот век. А денес ретко ќе чуете слово за умно-срдечната молитва. Луѓето се заробени од толку многу грижи и материјално размислување имајќи совршен презир кон трезвеноста, така што многумина, не само што не сакаат да дознаат, да научат, или да истражат, туку, дури и да чујат дека некој кажува за сторените подвизи веднаш го навредуваат и го отфрлаат, сметајќи го за чудак и луд бидејќи неговиот живот не е сличен со нивниот така што им служи за потсмев. Се случува нешто слично како во епохата на идолопоклонството. Ако ги навредиш идолите те каменуваат и те убиваат. Сега, пак, секоја страст има позиција на идол. Та, ако ја искараш или ја осудиш страста којашто некого веќе го совладала, веднаш велат: ”каменувајте го, зашто ги навреди нашите богови.” Јас, бидејќи не примам никого, без исклучок, ниту пак, сакам да знам како живее и што прави светот, постојано сум мета на осудување и на озборување од страна на монасите. И не престанувам дење - ноќе да се молам за Отците и да нагласувам дека тие имаат право. Јас сум виновен само ако се соблазнам од нив. Бидејќи тие гледаат со очите што им ги даде Бог. Неправичен и за осуда сум кога ќе речам – зошто не размислуваат како што мислам јас.

Бог да нè помилува сите по молитвите на Преподобните и Богоносни Отци наши.

 Старец Јосиф Спилеот

 

Извор: http://www.mpc.org.mk/predanie.asp

 

Друго:

Предговор на книгата „Мојот живот со старец Старец Јосиф“

Македонскиот православен читател веќе е запознат со животот и поуките на старецот Јосиф Спилеот, најпрво преку книгата „Изложување на монашкиот опит“, потоа „Старец Јосиф Исихаст“ (издание на Повардарската епархија), и сега, третата книга „Мојот живот со старец Јосиф исихаст и спилеот“. Секој човек е голема тајна, особено духовните луѓе, кои знаат сѐ за светот, најчесто се нецелосно сфатени од оние кои живеат во светот. Дел од животот и поуките на овој духовен светогорски великан од минатиот век беше разоткриен преку двете претходни книги, а со оваа која ја имате пред себе, ќе се разјаснат уште многу аспекти од неговата личност. Но колку и да издадеме нови книги, сепак, не можеме до крај да ја разоткриеме неговата личност. Многу нешта ќе останат сокриени од нас, а ќе му бидат познати само на Бог. Неговиот духовен живот, неговите подвизи, борби, победи, падови и станувања, ќе останат врежани во ѕидовите, даските, прозорите, предметите на неговата скромна ќелија, кои без зборови, туку само со благодатта, присутна во неговата ќелија, ќе сведочат за светоста на овој голем духовник.

Авторот на оваа книга, отец Ефрем, некогашниот игумен Филотејски, а сега наречен Аризонски, слободно можеме да го наречеме и современ апостол на Америка. За неговиот неколкугодишен престој во Америка, тој од пустината направи вистинска оаза, американското тло го засеа со семето на монашкиот живот, па благодарение на него, денес во Америка има околу 20 православни манастири, кои се вистинско жариште и расадник на духовниот живот. Извор на жива вода среде пустината! И самите американски архиереи и свештеници сведочат дека, пред неговото доаѓање тие безуспешно го повикувале народот во црква, честопати правејќи различни човекоугоднички манифестации, а тој повикувајќи го народот на пост и молитва, со бденија и покајание, ги наполни црквите и манастирите, не само со родени од православни семејства, туку и со луѓе од други вероисповеди, кои биле допрени од благодатта Божја, токму преку овој старец, и затоа примиле крштение. Ете какви горостаси се родија и израснаа по молитвите на старец Јосиф Спилеот. Она што старецот Ефрем го научи од него, тоа и го пренесе во Америка, и тоа духовно семе роди изобилен плод, и како квасец ја зафаќа Америка и ја охристовува.

Во оваа книга, напишана од раката на неговото духовно чедо и современ апостол на Америка – отец Ефрем Аризонски, без дотерување, без криење или претерување, се опишани многу детали од житието на старецот Јосиф. Многу негови заблуди, грешки, промашувања, кои се неизбежен дел од житието на било кој светител. Не е страшно човек да падне во било кој грев, но страшно е ако остане во него, ако не се покае. И старецот Јосиф, со Божја помош, се покажал победник над сите демонски сплетки, и денес ни служи како блескав пример за монашки живот, како ориентир, како светилник среде разбеснетото световно море, кои со своите силни бранови ни го попречува патот кон Христос, и по секоја цена се труди да нѐ одвлече и дезориентира.

Читајќи ги овие поуки и живеејќи според нив да ги добиеме молитвите и благословот на овој прекрасен светогорски старец, па уподобувајќи се на него, како што и тој се уподобил на Христа, заедно со него и со сите светии, да се најдеме во Царството небесно, радувајќи се на средбата и заедницата со Бог и со ближните, која ја започнуваме уште овде и сега, а која продолжува во вечноста. По неговите свети молитви Господ да нѐ помилува и спаси. Амин.

Митрополит Повардарски

+ Агатангел

 Sample Image

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

http://www.povardarska-eparhija.org.mk/pe//index.php?option=com_content&task=view&id=1638&Itemid=32