Рускиот Патријарх Кирил и Претседателот на РФ В. Путин пристигнаа на Света Гора

15 / 28 мај 2016 лето Господово

На 27 мај, Патријархот Московски и на цела Русија Кирил пристигна на Света Гора, во придружба на делегација во чијшто состав влегуваат 96 луѓе. Патријархот има за цел да присуствува на торжествата во светогорскиот Свети-Пантелејмонов манастир, по повод 1000 – годишнината од присуството на руското монаштво на Атон.

237720.p.jpg

Најпрвин, Претстојателот на Руската Православна Црква пристигна во Кареја, каде што беше торжествено пречекан од страна на Протоепистатот на Света Гора, Старец Павел Лавриот, како и од претставниците на сите Атонски манастири, мноштво монаси и поклоници. Со големи почести, а само еден ден подоцна, во Кареја беше пречекан и Претседателот на Руската Федерација Владимир Путин. 

Во своето поздравно слово кон Патријархот, Старецот Павел рече: „Свештениот Кинот на Света Гора со огромна радост го поздравува Претстојателот на Руската Православна Црква“. Потоа, Протоепистатот подробно му ја произнесе многувековната историја на атонското монаштво и неговиот огромен придонес за Православната Црква.

237822.p.jpg

Во својот одговор, Светејшиот Патријарх Кирил ја истакна улогата на Света Гора во формирањето и негувањето на исихастичката традиција во руските манастири, и нејзиниот непресушен извор на духовна поддршка за руските монаси. Тој исто така нагласи, дека празнувањето на илјадалетието од присуството на руското монаштво на Атон, има за цел на многу луѓе да им претстави, макар и најмал дел, од онаа светлина која произлегува од Света Гора, и да ги направи причесници на идеалите за очистување и пожртвуваност, што е всушност извор на вдахновение за сите атонски монаси. 

Претседателот, пак, Владимир Путин ги поздрави атонските монаси, истакнувајќи го големиот благослов од поклонението на светогорските светињи. Митрополитот Апостол, претставник на Константинополска Патријаршија, во своето обраќање до Путин рече: „Со славословие и благодарење кон Бога го пресретнуваме вашето поклоничко патување во Монашката Република. Ве примаме не како странец, туку како свој“.

Извор: АгионОрос; Православие.ру

Преземено од :Бигорски манастир