12 / 25 јули 2016 лето Господово

Играта за виртуелен „лов на покемони“ е новата манија во светот на компјутерските игри, која секавично завладеа со светот, и во која играат и деца и возрасни. Таа ги меша реалноста и виртуелното пространство, изведувајќи ги играчите надвор и терајќи ги да се движат и да влегуваат во реални згради и објекти. Тој нов вид на игри се обидува да го надмине проблемот на стандардните компјутерски игри, кои ги затвораат учесниците во соби или куќи, отсекувајќи ги од реалниот свет. Но, истовремено, оваа нова игра создава големи проблеми, токму со обидите на играчите да се „ловат“ покемони во различни државни, воени и други зони, создавајќи на тој начин опасност и за себеси и за околината.

Руската Православна Црква се обрати кон поддржувачите на оваа игра, повикувајќи ги да го почитуваат просторот на другите луѓе.

„Творците на оваа игра свесно допуштиле провокативен опсег на играта, така што апсолутно секоја територија да може да стане место на игра. Се надевам дека играчите ќе пројават благоразумност и ќе ги уважат и почитуваат интересите на другите луѓе, како и на општествените и религиозните организации, не навлегувајќи во личниот живот на околината“. Ова го изјави заменик претседателот на Одделот за врски со државата и медиумите при РПЦ, Вахтанг Кипшидзе.

Според него, не само сакралниот простор, туку и приватниот живот, музеите, т. е. „просторот во којшто луѓето ги остваруваат своите законски интереси и права, може да се претвори во бојно поле на играта без никакви ограничувања“.

Тој истакна и дека од црковна гледна точка, проблемот не е во самата игра, туку во тоа како луѓето се однесуваат кон неа, „дали извесна забава, меѓу кои и оваа компјутерска игра, се заканува да се претвори во зависност?“

„Не само Руската Православна Црква туку и претставниците на традиционалните религии, во болната зависност по оваа или онаа игра видоа, а и понатаму гледаат, опасност по целината на човечката личност, претворање на човекот од слободна личност во лик од некоја компјутерска игра“, истакна тој.

Забелешка: Барањата за одговорно однесување се приложени во официјалните правила за користење на „Pokemon Go“. Од играчите се бара „користењето на оваа забава да не предизвикува емотивен стрес на други луѓе. Се забранува влегување во приватни имоти без дозвола, како и секоја друга активност која може да доведе до повреда, смрт, материјални штети. За жал, поради брзото распространување на играта, сѐ уште не постојат доволно добри механизми тие барања да бидат строго наложени, и покрај сериозните усилби што творците на играта ги вложуваат“.

Извор: Двери

Преземено од: Бигорски манастир