Даглас Литл и јеромонах Јаков Симонопетриец

Света Гора за познатиот американски фотограф Даглас Литл (Douglas Alfred Demetrios Lyttle) не беше само место на вдахновение за неговото уметничко творештво. Беше ковчег на Православието каде што се вдлабочуваше во своите духовни потраги во текот на 45 години. Неговото обраќање во Православието, крштевањето со името Димитриј, педесетте илјади фотографии кои ги подари на Светогорската фототека на Манастирот Симонопетра и неговото монументално дело „Miracle on the Monastery Mountain“ (2002), сведочат за неговата длабока и долгогодишна врска со атонското жителство.

„Мајсторот на фотографијата“ – титула која ја доби од Сојузот на професионални фотографи на Америка во 1966 – се упокои пред неколку дена во Рочестер. Имаше 98 години.

Роден во градот Three Rivers во Мичиген, во 1919 година, дипломирал со почести на Универзитетот на Мичиген како хемичар, но ја напуштил кариерата во фармацевтското истражување во 1961, за да се занимава со фотографијата. Отворил свое студио, со специјализација за фотографирање портрети и архитектонски дела. Во 1969 прифатил место на Институтот за технологија во Рочестер, на Колеџот за графичка уметност и фотографија, од каде подоцна го добил звањето почесен професор.


„Неговите дела ја изразуваат духовната длабочина на манастирскиот живот“, велат светогорските монаси за фотографиите на Даглас Литл.

Прв пат допатувал во Грција во 1972. Тогаш започнала неговата врска со грчките манастирски заедници. Во текот на многуте патувања на Атос, од 1972 до 1998, ја отпечатил на педесет илјади слики блиската историја на светото место, овековечувајќи ги, помеѓу другото, како корифеј во уметноста на портретот, светогорските старци што со својот живот и дело го означија обновувањето на монаштвото во втората половина на дваесеттиот век. „Литл не фотографираше за да направи ‘уметност заради уметноста’“ нагласуваат Светогорците. „ Неговите дела ја изразуваат духовната длабочина на манастирскиот живот и од неговите портрети се објавува вистинскиот лик на Гората“.

Од неговото обраќање во Православие во 1997 година (порано припаѓаше на Реформаторската лутеранска црква), беше верен член на православната парохија на Светиот Дух во Рочестер, каде што пееше на богослужбите сè до последните две недели пред неговото успение.

Дарот за архивот на Светогорската фототека, една година пред неговата смрт, претставува печат на неговата вера и љубов кон Светоименитата Гора.

 

 

 

 Извор: Бигорски манастир