Роден е во 1788 година, во свештеничко семејство. На крштението го добил името Тома. Кога бил бебе не сакал да прима мајчино млеко, па за да не умре, мајка му му давала каша од репка и морков. Суеверните соседки ја наговарале мајката дека детето не е нормално. Мајката се ожесточила против бебето, и ѝ наредила на слугинката да го удави во реката. Таа двапати го фрлала во водата, но од Бога пазеното детенце излегувало од водата и спокојно спиело, како во мека колевка. Слугинката од страв се расплакала и го вратила бебето дома.

Ожесточената мајка го грабнала бебето и отишла самата да го удави. Го фрлила пред воденичкото тркало, но тркалото сопрело, и бебето испливало. Слугинката која го гледала сето тоа му кажала на таткото, и тој го испратил синот кај некои добри соседи. А кога умрел таткото, Тома го испратиле на воспитување во Братскиот манастир во областа Подол. Таму се описменил и примил монашки чин. Живеел во Киево-печерската лавра и во Китаевата пустина.

Грижејќи се за чистотата на душата тој воопшто не се грижел за чистотата на своето тело. Неговата облека била стара, со закрпи, сошиени со бели конци, и сета извалкана од тесто и масло. На едната нога излитена чизма, а на другата чевел од рогозина. Главата секогаш му била преврзана со валкана крпа. На телото носел железен појас со иконата на Богојавлението, во спомен на трикратното спасување од давење. Кога добивал храна, ја мешал во еден сад, и горко и благо.

Низ Киев секогаш се возел со запрежна кола, влечена од незауздан вол, кој пристигнувал токму таму, каде што сакал блажениот – без никакви извици или принудувања да оди побрзо. Свртен со грб кон волот, тој секогаш го читал псалтирот на колена.

Ги изобличувал тајните и јавните гревови на оние поклоници кои доаѓале кај него во Китаево, од што некои плачеле од раскајание, а кај некои од страв и срам им се кревала косата на главата. На една бароница врз новиот фустан ѝ истурил цела чинија боршч (така ја изобличил за нејзината прељуба).

Еднаш митрополитот Филарет брзал во Китаево и не го дочитал своето монашко правило. Во шумата го видел Теофил, како седи на дрвото со молитвеник во рацете. На прашањето од митрополитот, што прави таму, тој му одговорил дека го дочитува правилото…

А за гладните гости со небесен оган го распалил огништето и им сварил каша од тревки и камчиња. А кога ставале во чиниите, кашата не се потрошила додека не ги нахранил сите.

Императорот Николај Петрович, почнувајќи ја војната со Турција, сакал од прозорливецот да ја дознае иднината на Русија и отишол во Китаевската пустина. Теофил, излегувајќи му на царот во пресрет, си ги изгребал до крв рацете и лицето, го растурил мравјалникот и легнал на грбот среде него. Царот и митрополитот долго го молеле да стане, но тој лежел неподвижен, со затворени очи, со скрстени раце на градите, како покојник. По целото тело се искачиле јата од мравки. И претстажувањето се исполнило. Многубројната армија на Турците (како мравки) се нафрлиле врз Севастопол. Загинале храбрите адмирали: Корнилов, Нахимов, Истомин и други, а царот, растргнат од грижи и маки за Русија, се упокоил во 1855 година.

На денот од својата смрт Теофил наредил да ја исчистат неговата ќелија од ѓубрето, да запалат ламбада и свеќи, да искадат со темјан. На прашањето од ќелијникот, зошто му е сето тоа, му одговорил, дека денес ќе дојде по него ангелот на смртта и дека треба христијански да биде пречекан. Потоа легнал на клупата, ги прекрстил рацете и испратил да го викнат началникот на пустината и да му кажат, да ги бијат камбаните, бидејќи Теофил се упокоил. Началникот поитал во ќелијата, бидејќи не поверувал на она што му го кажале, но видел, дека Теофил веќе лежел без здив, а околу него се ширела чудесна миризба…

Се упокоил на 28 септември (ст.ст.) 1853 година во 63-та година од животот. Погребан е кај северниот ѕид на Свето-троицката црква во Китаевската пустина, до гробот на Киево-печерскиот затворник Доситеј.

И по неговиот живот, исто како и додека бил жив, брзо им помагал на сите кои се болни и во маки, и кои со вера го повикуваат неговото име, и кои на неговиот гроб вршеле панихиди (панихида се врши сѐ до канонизацијата за светител, а потоа веќе тој нема потреба од молитви и панихиди, туку ние бараме од него тој да се моли за нас).

На 14/27 јули 1993 година, Соборот на Украинската Православна Црква, под раководство на блаженејшиот Владимир, митрополит Киевски и на цела Украина, го канонизирал јуродивиот заради Христа јеросхимонах Теофил, прибројувајќи го неговото име кон хоровите на светителите. А неговите нетлени мошти се пренесени во храмот на Света Троица и почиваат во нов кивот.

Неговиот свет спомен се слави на 28 октомври/10 ноември.

 

Извор: https://crkvaveles.wordpress.com/2017/11/10/teofil-kiev/