Бидејќи Преблагиот и Човекољубив Бог не го презре човечкиот род, паднат во големо безредие, го помилува и му вети на Авраам потомок од древните, велејќи: „Твоето потомство ќе го умножам како ѕвездите небесни, како морскиот песок, и преку твоето потомство ќе бидат благословени сите народи на земјата“.[1] Така говори и (патријархот) Јаков – кога ги благословуваше своите синови, тој му рече на Јуда: „Нема да недостасува кнез од Јуда, и водач од бедрата негови, сè дури не дојде Оној, Кому му припаѓа власта, и Кој е очекувањето“.[2] Јудејскиот народ се наплоди и се намножи, се разбесне и падна во многу прегрешенија. И кога Го разгневи Бога поради своите престапи, беше предаван во ропство многу пати: еднаш на Асирците, другпат на Вавилонците, или на Египќаните. А пред големото и последно запленување од Римјаните, тие беа заробени и од елинскиот цар Антиох,[3] поради нивното очекување на Христа (Месијата). Поради сите овие неволи, кај нив повеќе не останаа кнезови, војводи и цареви.

Затоа во оние денови им беше поставен цар, по име Ирод,[4] како што вели евангелистот Лука: „Во деновите на Ирод, царот јудејски, имаше еден свештеник по име Захариј“.[5] Поради тоа народот негодуваше и тагуваше, бидејќи не го сакаше владеењето на незнабошците.

Излегувањето на евреите од Египет, преминот преку Црвеното Море

Кога ќе дојдеше прзничен ден, Јудеите се очистуваа со пост и сите луѓе, заедно со свештеникот, Му се молеа на Бога прилежно, барајќи да се исполни ветувањето што им било дадено на нивните прадедовци и татковци. А нивните празници, определени од Бога како свети и како вечен закон за нивното потомство,[6] се следниве: еден од нив е празникот во четиринаесеттиот ден од првиот месец, кога Евреите излегоа од Египет.[7] И потоа, кога ќе поминат седум седмици – четириесет и девет дни, на другиот ден е празникот през летните денови, наречен Педесетница.[8] Друг празник има во четвртиот месец, кога е почетокот на првиот лебен принос. Мислам дека тоа се извршува по летното сончево свртување (22 јуни), кога се родил Крстителот. Потоа, во десеттиот ден од седмиот месец е празникот Очистување, не според сончевото броење, туку според месечевото. А за овие празници, пророкот Захариј рекол: „Постот во четвртиот месец, постот во петтиот, постот во седмиот и постот во деветтиот месец, за домот Јудин ќе бидат радост, веселие и светли празници“,[9]  според Божјата заповед, дадена на Мојсеј. Зашто Господ му рече на Мојсеј, велејќи: „Во десеттиот ден од седмиот месец е денот на очистувањето и нека ви биде свет, и да се очистите пред Господа, вашиот Бог, и потоа празнувајте седум дена“.[10]

Но да се вратиме на она за кое ни претстои да говориме, како му беше благовестено на Захариј од ангелот, та по редот на словото да стигнеме и до раѓањето (на Јован Претеча).

„Не бој се Захариј, зашто е услишена твојата молитва и твојата жена ќе роди син, и ќе му ставиш име Јован“

Захариј, впрочем, беше свештеник јудејски, а неговата жена Елисавета беше од ќерките Ааронови. Обајцата, пак, беа праведни пред Бога, одејќи по заповедите Божји без порок, но немаа деца, бидејќи Елисавета беше неплодна и веќе остарена. Кога дојде времето за вршење на службата, Захариј влезе во храмот Божји, во олтарот, за да покади, а целото мноштво народ стоеше во храмот и се молеше. Тогаш му се јави ангел Господов, стоејќи од десната страна на кадилниот жртвеник. Захариј се уплаши, но ангелот му рече: „Не бој се, Захариј, бидејќи твојата молитва е услишана, и твојата жена Елисавета ќе ти роди син, и ќе му дадеш име Јован. Тој ќе ти биде за радост и веселие, и мнозина ќе се зарадуваат поради неговото раѓање, оти тој ќе биде голем пред Господа, и нема да пие вино ни сикер. Тој ќе се исполни со Духот Свет уште во утробата на својата мајка, и мнозина од синовите Израилеви ќе се вратат кон нивниот Господ Бог; тој ќе врви пред Него во духот и силата на Илија, за да ги обрати срцата на татковците кон чедата, и непокорните – кон разумот на праведните, за да Му приготви на Господа луѓе совршени“. [11] Захариј му рече на ангелот: „Не го разбирам ова што се случува; јас се молам за спасение на народот, за тоа е нашата молитва, а ти без време и без надеж ми ветуваш дете на стари години. Освен тоа, јас и мојата жена не сме од царски род, туку од свештеничко поколение. Затоа и евангелистот рекол дека и жената на Захариј е од ќерките Ааронови, односно од свештенички род. Како ли, пак, народот ќе почне да негодува, кога ќе дознае за ова? Тој ќе рече: Ти си се молел само за себе, а не за сите!“ А ангелот му рече: „Бидејќи имаш такви помисли и не ми веруваш дека сум испратен при тебе, ти ќе онемиш и не ќе можеш да говориш до оној ден, кога ќе се исполни тоа, а ќе се избавиш и од сомневањето на народот преку молчењето. А твоето онемување ќе биде пророштво: да разберат луѓето дека тоа покажува замолчување на стариот закон; а кога ќе проговориш повторно, тоа ќе означува почеток на новиот закон“.[12]

Потоа, кога се роди детето, веднаш му се одврзаа устата и јазикот негов, и зборуваше, благословувајќи Го Бога. Тој се исполни со Духот Свет и пророкуваше, говорејќи: „Благословен е Господ, Бог Израилев, зашто го посети и избави Својот народ“.[13]

Зачнување на Св. Јован Крстител – Захариевото благовестење на Елисавета

Јован веќе беше узнал дека ќе се роди Господ. Впрочем, слугата оди напред, а господарот врви по него. Тој се исполни со Духот Свет уште додека беше во утробата на својата мајка и, давајќи и го на заем својот глас, преку неа тој и рече на Богородица Дева: „Од каде со мене ова, при мене да дојде мајката на мојот Господ?[14] Поради тоа и Захариј рече: „Господ ни издигна Сила[15] на нашето спасение, во домот на својот слуга Давид, како што беше навестил од векови преку устата на Своите свети пророци“[16] зашто Света Богородица беше од коленото Давидово. А на детето му рече: „И ти, младенецу, ќе се наречеш пророк на Севишниот, оти ќе одиш пред лицето на Господа за да Му ги приготвиш патиштата Негови“.[17] Така е напишано и кај други пророци: „Ете, Јас ќе го испратам ангелот Свој пред Твоето лице, и тој ќе го приготви патот Твој пред Тебе“.[18] Требаше од ангел да биде навестен оној што им е рамен на ангелите. Тој беше наречен Јован, односно подарен на својот татко и на својата мајка, зашто името Јован на еврејски значи подарен. Тој е наречен и Крстител, зашто требаше да Го крсти Христа; или Глас,[19] според евангелското кажување, оти ја одврза немоста на својот татко и му подари глас на оној што не можеше да говори. Впрочем, не требаше да молчи таткото кој го роди Гласот, за којшто беше известен. И се роди гласот на Словото, и светилник, и претеча, и Деница на Сонцето,[20] за да се зарадуваат мнозина поради неговото раѓање,[21] бидејќи е голем и е пророк од пророк,[22] и се исполни со Духот Свет уште од утробата на мајката. Носен во утробата на својата мајка, Јован Го позна Носениот во утробата (на Света Дева); дојден пред Него, тој Го позна на крштавањето и рече: „Еве Го Јагнето Божјо, Кое ги зема гревовите на целиот свет“,[23] и мнозина од синовите Израилеви ќе се обратат кон својот Господ Бог.[24] Тој ќе врви пред Исуса со духот и со силата на Илија, за да ги обрати срцата на татковците кон децата,[25] односно кон апостолите. А чедата јудејски се апостолите, како што рече Самиот Спасител, кога беше укоруван од фарисеите кои велеа дека Он ги изгонува бесовите преку Велзевул, кнезот на бесовите. Тогаш Господ рече: „Ако Јас ги изгонувам бесовите преку Велзевул, тогаш синовите ваши преку кого ги изгонуваат? Затоа тие ќе ви бидат судии“.[26]

Крштението Годподово од страна на Св. Јован Крстител

И непокорните кон мудроста на праведните“.[27] Секогаш непокорни се Јудеите, оти кога дојде Јован, кој ниту јадеше ниту пиеше, тие велеа: „Тој има бес“.[28] Затоа и Самиот Господ велеше: „Сите пророци и Законот беа пророкувале до Јован. И ако сакате да примите, тој е Илија којшто ќе дојде“.[29] Но непокорните не го примаа тоа, туку хулеа.

И како што Јован дојде, проповедајќи им на сите за првото Господово пришествие (доаѓање), приготвувајќи Му на Господа народ совршен и велејќи: „Он треба да расте, а јас да се смалувам“,[30] така и пророк Илија ќе дојде прво проповедајќи за второто пришествие на Христа, како што рекол Господ низ устата на пророк Малахија: „Ете, Јас ќе го испратам при вас Илија Тесфиќанец, пред да настапи денот Господов, голем и свет. Тој ќе го обрати срцето на таткото кон синот, и срцето на човекот кон неговиот ближен, па кога ќе дојдам, да не ја поразам земјата ненадејно“.[31] И пак: како што Илија смело го изобличуваше царот на беззаконието, така и Јован го изобличуваше Ирод, кој извршуваше беззаконија.[32]Јован беше подобен (сличен) на Илија по својот испоснички живот, како бесплотен. Затоа и Господ сведочеше за Јован и говореше: „Меѓу родените од жена не се појавил поголем од Јован Крстител“.[33] Тој беше меѓу Стариот и Новиот завет, односно исполнување на Стариот и почеток на Новиот. Јован Му претходеше на Христа и проповедаше за Него, и самиот тој со свои очи Го виде Проповеданиот од него, а по ова проповедаше и во адот. „Но најмалиот во Царството небесно е поголем од него“[34] зашто едниот е од неплодната Елисавета, а Другиот е од Дева. Така требаше да има разлика меѓу слугата и Господарот, та родениот од бесплодната Елисавета да проповеда за Родениот од Света Дева. Како што Елисавета, која беше неплодна, се зарадува кога го роди Крстителот, така и Христовата Црква, која порано беше неплодна и неродна, сега се радува раѓајќи секој ден преку Крштението, и се весели катадневно гледајќи ги оние што ги роди со вода и со Духот Свет.[35] И како што Крстителот откако се роди ги одврза веригите на неплодноста, исто така, и поучувајќи нè ја разврзува неплодноста на душата, говорејќи: „Родете плодови, достојни за покајание[36]

Но ти (Крстителу Јоване), направи нè, преку твоите молитви, да принесуваме достојни плодови до нашиот последен здив; разреши ја неплодноста на душите наши! Крстителу и Претечо на Христа, нашиот Бог, тебе ти е дадена благодат да се молиш за нас, та преку твоето застапништво да се најдеме на судниот ден непосрамени, и да застанеме од десната страна со оние што се спасуваат, слушајќи го пресветиот и блажен глас Христов: „Дојдете, благословени на Мојот Отец, наследете го Царството што ви е приготвено од создавањето на светот“. Зашто Нему Му припаѓа славата и честа, со Отецот и со Светиот Дух, сега и секогаш и во веки веков.

Слово за раѓањето на Свети Јован Претеча

Радосната вест за зачнувањето на славниот пророк и Претеча Христов

 

Изадок од книгата: Свети Климент Охридски. Собрани дела: слова, поуки, житија, Скопје 2012, 208-214.


[1] сп. 1 Мојс. 22, 17-18; 12, 3; 18, 18. Дела 3, 25; 12, 23. Гал. 3, 18, 16, 19. Евр. 2, 16.

[2] 1 Мој. 49, 10. Мих. 5,2. Мт. 2,6. Јн. 1, 45; 5, 46. Евр. 7,14. Откр. 5,5

[3] 1 Мак 1, 20. 2 Мак 4, 7; 10, 9-10.

[4] Ирод Велики царувал од 37 г. пред Христа до 4 г. по Христа. Тој бил туѓинец, идумеец.

[5] Лк. 1, 5.

[6]  2 Мојс. 12, 14.

[7]   Првиот месец во еврејската година се именува нисан, и приближно му одговара на нашиот месец март. На 14 нисан е празникот Пасха (од еврејскиот збор песах – премин), востановен во спомен на ослободувањето на Евреите од Египетското ропство и преминот преку Црвено Море. Уште се именува и празник на бесквасни лебови (Бесквасници). в. 2 Мој с. 12,1-51; 34, 18. 3 Мојс. 23, 1-44. Лк. 22, 1.

[8]  2 Мојс. 23,16. 3 Мојс. 23,15.

[9]  Зах 8, 19.

[10]  3 Мојс. 23, 27-28, 39.

[11]  Лк. 1, 13-17. Мал. 4, 6; евангелското четиво за празникот е според Лк. 1, 5-25.

[12]  Овде авторот става свои зборови во устата на Захари).

[13]  Лк. 1, 64, 67-68.

[14]  Лк. 1, 43.

[15]  Буквално стои рог; може да се преведе и со достоинство.

[16]  Лк. 1, 69-70.

[17]  Лк. 1,76.

[18]  Мал. 3,1. Мт. 11, 10. Мк. 1, 3. Лк. 7, 27.

[19]  сп. Ис. 43, 3. Мт. 3, 3. Мк. 1, 3. Лк. 3, 4. Јн. 1, 23.

[20]  сп. Мал. 4, 2. Лк. 1, 78.

[21]  Лк. 1, 14.

[22] Таткото на св. Јован – Захариј се почитува како пророк.

[23]  Јн. 1, 29, 36. сп. 2 Мојс. 12, 3. Ис. 53, 7.

[24]  Лк. 1, 16.

[25]  Лк. 1, 17.

[26]  Мт. 12, 24, 27. Лк. 11, 15, 19.

[27]  Лк. 1, 17.

[28]  Мт. 11, 18. Лк. 7, 33.

[29]  Мт. 11, 13-14. Лк. 16, 16. Мал. 4, 5.

[30]  Јн. 3, 30.

[31]  Мал. 4, 5-6.

[32]  сп. Мт. 14, 3-5. Мк. 6, 17-18. Лк. 3, 19-20.

[33]  Мт. 11, 11. Лк. 7, 28.

[34]  Исто.

[35]  сп. Ис. 54, 1. Гал. 4, 27.

[36]  Лк. 3, 8. Мт. 3, 8.

 Извор: Бигорски манастир