Валериј Гафенку е роден на 24 декември 1921 во северниот дел на Романија, блиску до тогашната граница со Русија. Двајцата негови родители биле активни православни христијани. Татко му требало да биде депортиран во Сибир поради неговата про-Романска активност. Кога учел во средно училиште, Валериј се приклучил на младинската православна организација „Братството на крстот“ и кога огранизацијата станала илегална за време на Втората светска војна, тој бил уапсен и осуден на 25 години тешка физичка работа. Тогаш имал само 20 години и на неговото судење, неговите соученици и учители дошле и го бранеле, истакнувајќи ги неговата невиност и извонредни човечки квалитети. Најпрвин бил испратен во затворот Ајуд.

Првите години се одразиле на неговото христијанско наследство. За брзо време се оддал на живот во молитва, додека посветено ги читал Светите Отци. За време на војната, и покрај диктаторскиот режим во Романија, животот во затворот не бил толку строг и некои основни човекови права биле запазени: затворениците можеле да одат во затворската црква, да се исповедаат, да примат Света Причест и да се среќаваат меѓусебе и да читаат книги по свој избор. Па така, Валериј читал многу: Светата Библија, првите 4 тома од Добротољубието (кои само што биле преведени од една друга света фигура на црквата, отец Димитриј Станилое и кој исто така по неколку години ќе заврши во комунистичките затвори) и други Свети Отци.

За време на војната многу свештеници и монаси биле уапсени поради различни политички причини (и уште повеќе подоцна во комунистичкиот режим ) и затворениците кои сакале да живеат побожен живот имале многу луѓе на кои можеле да им се обратат за духовно раководство. Под нивното раководство, Валериј многу размислувал за спасението во неговите почетни години во затворот. Во едно писмо од 1942-рата тој вели: „Верата е сè во животот. Без неа човекот е како мртов“. Тој се обидувал да живее помеѓу другите затвореници во смирение и да го практикува христијанското милосрдие.

Како што бил прогонуван од помислата за гревот, сакал да отиде во манастир кога ќе излезел од затворот. Често се исповедал и многу се молел во својата ќелија. Во група со други посветени затвореници направил молитвено правило кое било деноноќно непрекинато. Тие се молеле заедно, како да се во црква, а и одвоено во нивните ќелии.

Со неговите длабоки православни чувства, добрина и живот исполнет со молитва влијаел на многу луѓе, многумина од кои никогаш не ги сретнал но кои го знаеле од приказните кои сите ги раскажувале уште пред тој да почине.

Неговите почетни осум години биле годините кога тој се подучувал и станал посилен во верата (ова му било потребно за она што претстоело). Кога се сменил политичкиот режим во Романија, драматично се смениле и условите во затворот; сите претходни слободи биле укинати и затворениците биле прогонувани поради нивната вера (исто така и за нивното учество во „Братството на крстот“). Во овој исклучително тежок период зборот на Валериј бил како оган кој ги стоплувал и ги укрепувал оние околу него. Кога бил во Ајуд, Валериј еднаш се сретнал со еден сиромав и му го дал студентското палто. Ова потсетува на животот на Свети Мартин Турски, но ова не било единственото негово великодушно дело. Еден свештеник од Париз (Василиј Болдеану) години подоцна се сеќава дека кога бил преместен во Ајуд само по кошула и панталони, речиси замрзнат, бил спасен од неговиот најмлад брат во страданијата, кој му го дал својот топол капут.

Од 1946 до 1948 г. Валериј и други постари затвореници биле испратени на тешка физичка работа на некои полиња близу Галда. Таму режимот бил поблаг; иако работеле, затворениците имале време за молитва и живееле на отворен простор, па можеле да се среќаваат секој ден.
 

Во 1948 оваа работна колонија била затворена и затворениците биле вратени во Ајуд каде што комунистичкиот режим ќе ги пречека со својата официјална атеистичка пропаганда. По некое време мнозинството од затворените студенти биле испратени во специјален затвор кој се викал Питешти (овде се случил ужасниот и озогласениот Питешти експеримент). Има многу работи кои можат да се кажат за овој ужасен феномен и истакнатиот христијански отпор кој бил пружан овде.

Валериј бил држен во Питешти само кратко затоа што од целото измачување, студот и ужасниот глад, сериозно се разболел од туберкулоза (многу заразна болест) и бил испратен во Таргу Окна, затворска болница за туберкулоза. Тој го сметал ова за милост Божја со која Он го спасил од најгрозните измачувања кој биле смислени од човековиот ум и кои се случиле во Питешти наскоро по неговото заминување.
 

Еден поранешен вработен се сеќава за Таргу Окна: „Неговото доаѓање во оваа болница беше почувствувано од другите затвореници (кои ја знаеле неговата репутација) како чудо. Валериј ќе го претвори ова мизерно затворско живеење во вистински христијански живот. Тој е синоокиот ангел кој со самото негово присуство и молитва, поттикнува да се размислува за покајание и да се започне со молење и кој ќе ги засили оние околу него и ќе ги преобрази одвнатре до крајот на нивниот живот“.
 

Луѓето кои го сретнале за време на ужасното реобразование, кога тој ги утешувал, ги охрабрувал и ги подигнувал духовно, го нарекувале нов Апостол Павле на нашето време. Поради тоа, болните од другите соби од санаториумот ќе се собереле околу неговиот кревет и ќе го слушале притоа здобивајќи се со сила за да можат да се носат со силните премрежија со кои живееле. Силата на неговата љубов не светела само во часовите на програмираното истребување туку и во секојдневниот живот во санаториумот, каде што смртта била блиску до сите.

Валериевата сила на пожртвуваноста била добропозната; тој не правел разлика врз основа на личноста, етничкото потекло, религијата или политичките ставови. Во Таргу Окна Валериј бил многу болен од туберкулоза. Во оваа состојба, кога болните обично се држеле до најмалата надеж за преживување, тој бил способен за ненадминати гестови. На еден негов пријател му било дозволено да добие антибиотици за лекување (овие лекови ретко се дозволувале во болницата, иако биле од суштинска важност за нивното закрепнување од туберколозата), но како што тој се опоравувал, си помислил да му ги даде на Валериј кој бил пред смрт. Но Валериј ги донирал на Ричард Вурмбранд (преобратен Евреин кој по ослободувањето ќе станел добро познат протестантски пастор), велејќи дека нему повеќе му се потребни. Поради овие лекови, тој се опоравил и кога бил на слобода, напишал неколку книги во кои со благодарност се сеќава на оној кој му го спасил животот.

Оние кои биле покрај него низ годините запаметиле други неверојатни работи во врска со него. На пример, во Таргу Окна, требало да го оперираат од слепо црево. Кога завршила операцијата, Валериј му рекол на докторот дека чувствувал се, затоа што анестезијата не делувала. Сепак, не изустил ниту збор додека траела операцијата, само челото му било прекриено со ладна пот.

Валериј починал на 18 февруари 1952 г. во Таргу Окна. Неговите последни зборови биле: „Не заборавајте да му се молите на Бога сите да се сретнеме таму! Боже, дај ми го ропството кое ја ослободува душата и одземи ја слободата која ја заробува мојата душа“! Не се знае каде е неговиот гроб, бидејќи во тоа време сите затвореници биле закопувани во една дупка и нивните глави биле здробувани за да не можат да ги распознаат. Сепак, тој побарал да биде закопан со мал сребрен крст во неговата уста и ако Бог благоволи, неговите свети мошти може да бидат најдени.

Валериј останал во сеќавањата на сите кои го познавале до крајот на нивниот живот. Нема ниту една христијанска книга која се потсетува на премрежијата во комунистичките затвори во која не се спомнува неговото име. Неговите дела и зборови се пренесувале од затвореник на затвореник и им помогнале на многумина да го преживеат комунистичкиот пекол, се до општото ослободување во 1964. Откако Романија станала слободна земја многу од нејзините затворски светители излегле на виделина и се слават од верните. Валериј Гафенку е можеби еден од најкарактеристичните примери и многумина го нарекуваат „Затворскиот Светител“ (ова име му го дале затворениците кои го познавале за време на неговиот краток живот).



 

 

Видението на Богородица пред неговата смрт



 
Пресвета Богородица им помага на затворените заради верата

Ноќта на неговиот последен Божиќ, пред зори, Валериј му открил на неговиот пријател Јоан Јанолид:
„Вчудовиден, го кренав погледот и над главата ја видов Мајката Божја, облечена во бело, јасно, вистински. Беше без нејзиното дете. Нејзиното присуство ми се чинеше телесно. Мајката Божја беше всушност до мене. Бев среќен. Заборавив на се. Времето се чинеше бескрајно. Тогаш ми рече:

„Јас сум твојата љубов! Не плаши се. Не сомневај се. Мојот Син ќе победи. Он го освети ова место сега за идниот живот. Силите на темнината растат и сеуште ќе го заплашуваат светот, но тие ќе се разбегаат. Син ми чека луѓето да се вратат кон верата. Денес, синовите на темнината се похрабри од синовите на светлината. Иако можеби ти се чини дека веќе нема вера на земјата, сепак, знај дека избавувањето ќе дојде, иако преку оган и уништување. Светот сè уште мора да страда. Но овде сè уште има многу вера и дојдов да те охрабрам. Биди храбар, светот на Христа му припаѓа“! 

Писмо на Свети Валериј Гафенку до неговата мајка

7-ми март 1946

Моја сакана мамо, те видов во срцето на Норика (неговата сестра) кога дојде да ме посети. Ти беше многу добра, нежна, полна со разбирање. Молчев и погледнав во себе. Таму најдов љубов… Денес сум пресреќен! Со мир гледам на мојот живот и на животот во светот и во се го гледам Божјото Посредништво. Гледам кон нашите животи и го гледам чудото на Бога.

Моја драга мамо, те чувствувам толку многу! Кажи ми мамо дека ја чувствуваш мојата љубов! Кажи ми мамо дека секогаш ме чувствуваш до себе! Кажи ми мамо дека си среќна! Толку многу имам да ти кажувам мамо! Ноќе се будам и се молам. Ги праќам мислите мои кон мајка ми и тогаш има многу мир во мене! И го чувствувам татко ми, ја чувствувам бескрајната љубов. И често мислам на љубовта која ти ја имаше за татко ми. Какво убаво семејство си создала! И каква преубава љубов!


 
Свети Валериј со неговата мајка

Мамо, сети се на летните денови кога бев средношколец и кога се шетавме заедно во нашата градина, низ дрвјата. Се сеќавам какви мисли имаше и што ми велеше за мојата иднина.

Моите првични мисли беа дека ќе станам човек од голема важност. Со ова мислев да станам човек кој одиграл голема улога во историјата и кој и донел многу добри работи на нацијата. Сакав да направам многу добро во светот, но човек планира, а Бог решава. Животот ја следи својата брза и импресивна авантура. Сам пристигнав на универзитетот во Ласи. Таму видов дека навистина се има отворено голема иднина за мене. Живеев нормален живот, бев еден од најнадарените студенти, пријател на сите, со необична жед за идеите за нов свет, во кој владеат љубов и правда, совршена хармонија.

Па, пристигнав во затворот. Знаев дека преку страдање и одвоеност од светот, мојот затворски живот ќе донесе многу проблеми. Верувам дека страдам за вистината. Оваа околност и донесе длабок мир на мојата душа. Со задоволство ја исполнував насоката на мојот идеал.

И моја сакана мајко, сакам да знаеш дека страдав многу. Првата зима ќе се разбудев ноќе од сонот, во осаменоста на моето затворање, преладен и изгладнет, ќе погледнев во темнината и ќе шепнев толку тивко за да се слушнам само јас, но доволно гласно за да ме слушне Бог: „Мамо, гладен сум, ми студи“!

На почетокот беше многу тешко. Но Бог беше секогаш со мене. Ниту за момент не ме заборави. Почнав да се соочувам со моите телесни страданија и полека почнав да се насладувам со нови радости. Увидов дека сум грешен. Стаписан сум од моите гревови и моите слабости. Сфатив дека јас, кој со сето срце посакував идеален свет, бев грешник. Затоа, прво требаше да станам нов чист човек. И почнав да војувам со злото кое беше во мене.

Полека, светлината на вистината слезе на мене. Почнав да ја живеам среќата во болката. И празнината во моето срце беше преполнета со Христос, мојата голема љубов. И сфатив дека навистина голем е оној кој ја има оваа голема љубов, иако изгледа мал. Денес сум среќен. Преку Христос ги сакам сите. Тежок е патот кон тоа овие работи да бидат прифатени и познати од луѓето. Но крајно сум убеден дека ова е единствениот пат кој води до среќата…

Прашања и одговори

Како одговор на едно прашање рекол:
Атеистичките материјалисти, опседнати со задоволствата, желбата за доминирање и себичноста, создале современа цивилизација, која кулминира со технологијата. Тие ја изолирале човечката природа и ги напуштиле Божјите заповеди. Нивниот обид да се создаде земен и телесен рај не успеа. Природата е исцрпена и загадена и стана несоодветна за живот. Технологијата, од друга страна, има многу поголем капацитет за уништување отколку за создавање. На врвот на сето ова е најголемото зло од сите: човековото оттуѓување. При овие услови, поборниците за антропоцентризам (хуманизам) повеќе не чувствуваат дека тие ја контролираат судбината на светот кој самите тие го создале. И како резултат на тоа светот кој е оттуѓен од Бога ја издржува казната за сопствените лоши дела.

Исто така рекол:

Исполнувањето на човекот е (може да се најде) во заедницата со Светиот Дух. Светиот Дух е повикан да донесе единство во различноста, да донесе ред во историјата, да донесе светост во животот. Светоста не е нешто ангелско, вонземно или таинствено, туку е можност која Христос ја создал и која води во свет кој е исполнет со Светиот Дух.

Прашање: Дали христијанскиот свет во 20-тиот век ја прифаќа визијата за креативна и месијанска слобода?

Одговор: Трагичните настани низ кои поминува современиот свет ќе создадат услови за да се врати наклонетоста кон верата. Мораме да се вратиме кон Светиот Дух, Евангелието, кон апостолската сила. Имаме должност со сета сила на цел глас да ја говориме Вистината, покајанието и враќањето на светот кон Бога. Христијанството повторно се раѓа во рерните на оганот и измачувањето на материјалистичкиот атеизам. Токму преку неговите сопствени медоти на дејствување Сатаната ќе го загуби светот кој мисли дека ќе го добие.

П: Кој е најодвратната страна на Комунизмот?

О: Неговата сиромаштија тешко може да се издржи, заробувањето на човекот во системите е навистина сериозно, но ништо не е пострашно од ограничувањето на совеста, кое го претвора човекот во контролирана алатка.

П: Но нема ли комунизмот свои слабости, свои процепи, свои пукнатини?

О: Има многу идеолошки „пукнатини“ но тие се чуваат скриени, затоа што комунистичката моќ не може да прифати било каква слобода (надвор од системот), не може на никого да му го даде правото да го критикува или да го одбие комунизмот. Комунистичката тиранија е ужасна. Комунизмот беше создаден да биде институционализиран систем кој ја држи моќта немилосрдно и кој по секоја цена сака да се прошири. Можноста за триумфална комунистичка империја во овој век се отвара со степен на темнина невиден до сега. Реобразованието во Питешти е симбол на новиот комунистички светски поредок.

П: Според тоа, каква иднина предвидувате за човештвото?

О: Бог делува во светот. Човечкиот род ќе биде спасен низ многу страдања и комунизмот ќе биде поразен, но светот има уште посериозни проблеми кои треба да ги реши. Светот мора да ги промени својот стил на живот и својата ориентација. Комунизмот ќе изчезне но важно е што ќе го замени.

П: Валериј, што е суштината на денешната криза?

О: Атеизмот.

П: Што гледате во денешниот свет?

О: Гледам внатрешен хаос, распаѓање кое води кон нихилизам, затоа што луѓето се преоптоварени со ништожноста на материјата, со заблудите на формите, со похотната исцрпеност, со историцизмот без возвишеност, со обреди без Бога, со консумеризам без духовност, со лажноста која се крие себеси во самообожавањето на човекот. Катастрофата се открива во сите степени на јачината на човечкиот живот. Многу страдање е потребно за духовно да се преобрати светот и да се смени неговиот начин на живот.

П: Зошто Бог дозволил светот да потоне во сегашнава криза, после околу 2000 години христијанство?
 
О: Оваа криза не е од Бога, ниту пак е од верата туку од слободата на човечката совест. Во минатите неколку векови, човекот го осквернави светот, ги опустоши душите, ја охрабри похотноста и станал плен на гордоста на материјализмот и атеизмот. Во исто време, сатанските сили се поусовршени и поорганизирани во 20-тиот век отколку во првите христијански векови. Начинот на кој светителите се убивани од ѕверот и изчезнуваат во 20-тиот век е многу пострашен, поискривен, покомплетен, подобро проучен, поужасен од начинот на кој мачениците биле убивани во времето на катакомбите.
Исто така рекол:

Желбата да се издигне до небото може да се види во целата природа. Планините, небесите, чучулигите, орелот и човечката душа секогаш сакаат да се издигнат повисоко, повисоко, поблиску до Господ, се подалеку од овој свет.

И на крај:
Чезнеам за тивко, далечно место, за една куќарка или колиба изделкана во карпите, за монашка ќелија во подножјто, да бидам со птиците на небото. За природата како пријател околу мене и Господ Христос засекогаш во моето срце. Да сакам во мир, понизен и заборавен од светот. Понекогаш си мислам да станам свештеник но не сум достоен. Ја гледам почвата. Еден ден самиот ќе бидам земја и други ќе го копаат земјиштето. Моето тело ќе стане прашина. Од моето тело најверојатно ќе нарасне друг живот. Мојата душа ќе биде на небото, каде што ќе чека да и се суди. Сакам да бидам спасен.

Тропар глас први:

Богонасадени романски цветови, вистински и верни чеда на црквата, 

верни, да ги восвеличиме како Христови маченици,

оти сјајно се бореа, исповедувајќи го Христа

пред неверните, и возвишени беа достоинствено

во славното царство Негово.

 

Превод од англиски јазик: Петар Кабранов, апсолвент на англиски јазик

Изворник: Saint Valeriu Gafencu the New Confessor (+ 1952)

Православна светлина бр. 26

 

Преземено од:

https://crkvaveles.wordpress.com/2013/07/09/valerij-gafenku/?fbclid=IwAR2cGuu5zN0fb7EPmaFfWmjbsEG0pGhJAQ1wYHFY5mo4_xP4TamqrgC5FDM

 

 17ти февруари 2019 лето Господово