Извор:

Епископ Велички   Гаврил Светогорец: ЧУДАТА НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА


ЧУДО 26.
За жената што родила црно дете и која со него заедно била спасена од Пресвета Богородица

Bogorodica.Vvadimirska.jpgВо местото Нарна тече голема река. Таму во едно село имало еден богат човек со многу слуги, меѓу кои и еден Арап, кој долго време му служел верно и затоа многу го сакал. Неговата жена била чесна и чиста, не гледала во други мажи и имала голема љубов кон света Богородица, па затоа и света Богородица ја возљубила и покажала милост кон неа. Таа родила црно дете, како Арапче, и сите зборувале дека тоа дете е од нивниот слуга, Арапот. Нејзиниот маж, кој не можел да поднесува многубројни озборувања и подбиви, намислил да ја убие заедно со детето и со Арапот. Меѓутоа, света Богородица го задржала, знаејќи дека е чиста. Но тој за да се ослободи од подбивите, и рекол на жена си: „Земи си го тоа дете и бегај од мојот дом што поскоро за да не те убијам". Потоа ја фатил за косата и ја исфрлил заедно со детето.


Таа отишла кај нејзините роднини, во кои се надевала дека ќе ја примат. Но и тие, мислејќи дека родила од Арапот, ја истерале. Тогаш оваа жена од очајание и плачење дека никој не ја прима, сакала да се убие заедно со детето. Мислејќи така, отишла во една црква посветена на света Богородица, застанала пред Нејзината икона, плачејќи неутешно и од многу солзи го навлажила местото и рекла: „Преслатка моја Богородице! Не дозволи душата да ми отиде во пеколот поради самоубиство. Ова го правам затоа што немам каде да отидам". Откако го рекла тоа, отишла на пазарот, извикала на сиот свој глас: „Чујте ме сите браќа, за име Божјо! Света Богородица нека покаже дека не сум виновна за она за кое ме клеветат!" Откако го рекла тоа, отишла и се фрлила во реката заедно со детето.

Нејзиниот маж и некои од роднините го чуле ова и ја сожалиле, побрзале да и помогнат, но таа веќе се изгубила во водата. Потоа тие отишле в црква да Му се помолат на Бога за да не ги снајде некое зло поради нејзината невина душа. И кога се молеле, чуле однадвор врева на луѓе што говореле: „Слава на Бога, жената излезе жива од водата, а и детето и било со прекрасно лице". Кога го чул ова нејзиниот маж, веднаш отишол при неа и ја молел да му опрости што ја навредил. Го бакнал детето и Го славел Бога што не ги оставил да се удават без причина.


Тогаш ја прашале како излегла од длабоката река, а таа им одговорила: „Вие сите ме истеравте и јас, не знаејќи што да правам, си реков: подобро е да умрам, па отидов в црква и се предадов во рацете на Пресвета Богородица. Така плачејќи, се видов како пропаѓам во длабока вода. Тогаш пресвета Богородица ми се јави и рече: „Не бој се, не те оставам да се удавиш". Водата се раздели на две и јас реков: „Зошто ми е таков живот, Владичице, полн со лошотии". А Таа ми рече: „Нема да има друга пославна и почесна од тебе, ни дете поубаво од твоето". Тоа ми го рече, па ме зеде со Себе, ме однесе на мостот и оттаму си отиде на небото, а детето се преобрази и стана убаво, како што го гледате". Тогаш сите што го виделе и го чуле ова, Го прославиле Бога и пресвета Богородица и ја молеле жената да им опрости, а најмногу мажот и  ја повикал да си дојде дома. А таа му рекла: „Слава на Бога и на пресвета Дева Марија затоа што се увери дека сум ти била верна. Мајката Божја ме сочува од смртта и не е добро да ти служам тебе и на твојот дом зашто ќе се покажам неблагодарна кон света Богородица, Која ми направи толку добрини. Вие ме истеравте, а таа ме прибра и не ме остави да загинам со душата и со телото". Потоа отишла во женски манастир, се замонашила и живеела богоугодно, па се преселила при својата Добродетелка.

ЧУДО 27.


За еден манастир што го помагала пресвета Богородица


Во времето на благочестивите цареви имало еден манастир, во едно пусто место, посветен на света Богородица. Монасите што живееле таму непрестајно Го славеле Бога. Христијаните знаеле за нивното богоугодно живеење, па оделе на поклонение и им носеле помош. Не само простиот народ, туку и царевите им испраќале дарови.
По едно време, варварите ги нападнале христијаните и ги освоиле оние места откаде што му доаѓала помошта на манастирот, па така веќе ни царевите не можеле да им испраќаат помош. Кога монасите ги исцрпеле средствата за живеење и кога веќе немало од каде да очекуваат никаква помош, помислиле најпосле да го напуштат манастирот.
Така, еден ден се собрале да служат Божествена Литургија, да се причестат, па откако ќе се простат еден од друг, да се разделат и секој да отиде каде што знае. Впрочем, за време на службата во црквата кога ја пееле химната на пресвета Богордица „Достојно јест јако во истину..." 6, од дворот се чула врева. Кога излегол клучарот, за големо чудо, ги видел амбарите полни со жито, бочвите со вино и со се друго што им требало. Тоа кога го виделе браќата, Го прославиле Бога и пресвета Богородица и решиле да не го напуштаат манастирот, бидејќи света Богородица не ги остава. Не само тоа чудо го направила таму пресвета Богородица, но и други многубројни чуда правела, како што и денес прави, и така нема да загинат оние што се надеваат на Бога и на Неа, на Кои им прилега слава. Амин.

6. „Достојно е, навистина, да те ублажуваме Богородице, присно-блажена и пренепорочна и Мајка на нашиот Бог. Почесна од херувимите и неспоредливо пославна од серафимите, нетлено си Го родила Бога Словото, Тебе, која си Богородица, те величаме".

ЧУДО 28.


За воскреснувањето на еден Римјанин

Bogorodica.Hristos.c.jpgВо еден град близу до Рим живеел некој судија, кој материјално бил многу богат, а со душевни добрини многу беден, бидејќи правел секакви гревови и блудства. Меѓутоа, имал голема почит кон света Богородица и помагал на сиромаси. Освен тоа, имал и добар обичај: кога требало да оди на пат, прво застанувал пред иконата на Мајката Божја и Ја молел да го чува од секое зло, поради што ѓаволот многу му завидувал.


Еден ден, откако се помолил по обичајот, излегол со коњ да се прошета надвор од градот, заедно со други богати луѓе. Кога преминале една длабока река, ѓаволот го уплашил коњот на судијата. Скокнал коњот и го фрлил судијата во водата, па потонал и се изгубил. Неговите другари кога го виделе тоа, многу се натажиле и плачеле, мислејќи дека се удавил, па се вратиле во градот да ги известат неговите роднини за станатото и да се подготват за погреб. Но брзата помошница на христијаните го избавила од душевна и телесна смрт. Тој, кога паднал во реката, извикал: „Помогни ми, Мајко Божја!" и потонал на дното. А Мајката Божја тој час се нашла таму, го фатила за косата, го извадила од водата и го однесла во неговиот дом, велејќи: „Ете, остана жив и здрав и отсега натаму немој повеќе да правиш гревови, но благодари Му на Бога и прави добри дела за да си ја спасиш душата". Домашните кога го виделе така воден и полумртов, се зачудиле. А тој се уште не можел да дојде на себе и да разбере каде се наоѓа.
По некое време, дошле другарите, кои се вратиле за да известат за него и кога го виделе дома жив, се исплашиле и многу се зачудиле. Тој им кажал се што се случило со него и сите Го прославиле Бога и света Богородица. Тогаш владиката ги собрал сите христијани во градот и отслужиле во црквата благодарствен молебен во чест на света Богородица. Судијата се откажал од службата, го напуштил домот и жена му, се покајал, отишол во еден манастир и се замонашил. Таму и служел на света Богородица и наследил Царство небесно, за кое сите треба да се труднме, да го добиеме. Амин.

ЧУДО 29.


За оној што не можел да научи да чита, но единствено ја знаел молитвата „Богородице Дево, радувај се..."

Bogorodica.Presveta.n.s.jpgВо еден град имало еден човек, по име Јован, кој бил многу богат и богоугоден. Но, умно тој бил мошне ограничен, па не можел да научи ниедна молитва. Поради тоа го подарил сиот свој имот на еден манастир и отишол во него да живее за да го научат браќата на писмо.


Игуменот и сите браќа го почитувале и се труделе да го научат да чита, но тој ништо не можел да сфати. Тогаш еден искусен и добродетелен монах почнал да му чита многу молитви по ред и го прашал која му се гледа најлесна. Тој рекол: Богородице Дево, радувај се... - ми е најдобра. И на тој начин, по многу време, монахот одвај го научил на таа молитва. Откако ја научил молитвата, простиот Јован толку многу се зарадувал во душата што му се чинело дека добил најголемо богатство на светов. Каде и да одел само ја изговарал молитвата: „Богородице Дево, радувај се". Поради тоа браќата го нарекле: „Радувај се, Марие". А тој непрестајно ги имал овие зборови во устата се до смртта. Кога умрел и му вршеле опело, од устата му излегувала слатка миризба.
На деветтиот ден кога вршеле парастос, виделе преславно чудо. На гробот му израснал еден прекрасен крин, на чии лисја било напишано со златни букви: „Радувај се, благодатна Марие". Кринот испуштал благоухание не од земно, а од небесно потекло. Тогаш игуменот им рекол на браќата: „Отци, за да го запознаеме ова чудо и да видиме колку бил свет блаженоупокоениот отец и колкава љубов имал кон света Богородица, треба да го видиме и коренот на овој крин, та да разбереме колку ги ублажува Мајката Божја оние што од се срце ја почитуваат". Кога го раскопале гробот, виделе дека кринот израснал од устата на умрениот и се зачудиле. Потоа игуменот заповедал да ги расечат моштите на преподобниот и виделе дека кринот излегува од самото негово срце и на него била изобразена иконата на света Богородица. Тогаш сите присутни се зачудиле, го зеле кринот заедно со светите мошти да ги чуваат во чест и слава на Бога и на света Богородица. Амин.

 

(Продолжува)

 Друго:

Посети: {moshits}